big_mama817
|
ШТО Е ЕНДОМЕТРИОЗА Ендометриозата е болест, при која се случува ендометриумот (внатрешниот слој на матката) да почне да се шири и надвор од неа. Ендометриозата се приширува на површината на органите во малата карлица и стомакот. Најчесто ендометриозата ги зафаќа: - Јајниците или просторот околу нив
- Јајцеводите
- Зад матката
- На лигаментите кои ја држат матката
- На цревата
- Многу ретко може да се рашири на белите дробови или другите органи.
Ендометриумот за кој е нормално да се наоѓа во матката, под дејство на хормоните се задебелува за да може да го прифати ембрионот. Доколку не дојде до бременост се лупи и истекува надвор заедно со менструалната крв. Кај ендометриозата, ендометриумот се проширува надвор од матката и исто така реагира на хормоните, се задебелува и крвари, со таа разлика што не може да истече надвор. Заради тоа со текот на времето се наталожува и може да се формираат лузни, прираслици или цисти. СИМПТОМИ НА ЕНДОМЕТРИОЗАЕден од главните симптоми е болка во долниот дел од стомакот, малата карлица или во долниот дел од 'рбетот. Јачината на болката која ја чувствува жената не е поврзана со степенот на раширеност на еднометриозата. Некои жени чувствуваат силна болка, иако ендометриозата е малку застапена, некои пак не чувствуваат болка, а може да имаат зафатено многу поголема површина. Воглавно може да се јават следните симптоми: - Екстремно болна менструација, при што болката со текот на времето може да станува се посилна.
- Хронична болка во малата карлица или долниот дел на 'рбетот.
- Болка за време на сексуални односи.
- Болка во цревата.
- Болно мокрење на време на менструацијата.
- Обилна менструација.
- Крварење помеѓу две менструции или спотинг (благо точкасто крварење) пред добивање на менструација.
- Неплодност.
РИЗИЧНИ ГРУПИЕндометриозата може да се појави кај било која жена од периодот на добивањето на првата менструација, па се до менопаузата. Понекогаш може да се случи да продолжи и после менопаузата. ПОСТАВУВАЊЕ НА ДИЈАГНОЗА За да се посомнева во оваква дијагноза може да помогне симптоматологијата и ултразвучното испитување или снимање со магнетна резонанца. Сепак единствен начин да се дијагностицира ендометриозата со 100% сигурност е дијагностичка лапароскопска операција. При оваа операција се прави мал рез на стомакот, преку кој се внесува црево со многу мала камера. На овој начин хирургот визуелно може да го види евентуалното присуство на ендометриоза и да се земе примерок од ткивото кој ќе се даде на испитување. Ако се работи за случај на блага или умерена ендометриоза, лекарот при истата операција може да изврши и нејзино отстранување. ВЛИЈАНИЕТО НА ЕНДОМЕТРИОЗАТА ВРЗ ПЛОДНОСТАОколу 30-40% од жените со ендометриоза се соочуваат со неплодност. Сепак некои жени и покрај ендометриозата зачнуваат без проблем. Доколку жената која боледува од ендометриоза забремени, најчесто симптомите и болеста се повлекуваат. Ендометриозата може да предизвика неплодност на повеќе начини: - Ендометријалните израстоци, лузни или цисти околу јајниците може да ја оневозможат јајце клетката да влезе во јајцеводите.
- Ендометријалното ткиво во јајниците може да ја оневозможи овулацијата.
- Ако ендометријалното ткиво се формира во јајцеводите, може да ги направи непроодни.
- Матката може да не биде во состојба да го прифати ембрионот.
Според некои истражувања ендометриозата укажува и на проблеми со имунитетот. ТРЕТИРАЊЕ НА ЕНДОМЕТРИОЗАТАТретманот на оваа болест ќе зависи од повеќе фактори: напредокот на болеста, возраста на пациентката, присуството на болка, дали пациентката се обидува да забремени ит.н. Некои третмани кои може да помогнат во борбата со оваа болест ја намалуваат плодноста на жената, така да треба да се земат впредвид сите фактори. Најчесто во третирање на ендометриозата се користат: Лапароскопска операција за да се одстрани ендометријалното ткиво, прираслици, цисти, лузни ит.н. Најчесто ова не е траен лек, затоа што болеста може повторно да се врати. Кај некои жени зголемената плодност после оваа операција трае до 9 месеци. ИВФ третман. Најчесто се користи после лапароскопската операција, но понекогаш и без операција. Се состои во тоа што со хормонска терапија се предизвикува контролирана хиперстимулација на јајниците и создавање на повеќе јајце клетки. Кога ќе созреат јајце клетките се вадат со посебна игла (следено на ултразвук) и во сад се мешаат заедно со сперматозоидите на мажот. После неколку дена, една или повеќе оплодени јајце клетки се враќаат во матката. Ин витро методата е доста успешна во случај на ендометриоза. Против болка се користат разни медикаменти или промена на начинот на исхрана и воведување на дополнителна физичка активност. Доколку жената не се обидува да остане бремена може да се користи хормонална терапија, за спречување на овулцијата или менструалното крварење. Најчесто по престанокот на земањето на терапијата се враќа плодноста, но и ендометриозата заедно со сите нејзини симптоми. Понекогаш во случаи на тешка ендометриоза, како последен избор, но само доколку жената нема намера повеќе да раѓа, може да се изврши и хистероктомија – односно отстранување на матката. Во зависност од зафатеноста на оклоните ткива, заедно се матката може да се изврши и отстранување на јајниците и јајцеводите. Сепак дури и овакви драстични зафати не се гаранција дека болеста нема да се врати. Со започнување на менопаузата кај повеќето жени болеста се повлекува. извор:твое бебе
_____________________________
Децата се најголемо богаство :)
|