mis.
|
Првата посета на стоматолог Првата посета на детето во стоматолошката амбуланта е исклучително важна. Таа може да биде добра основа за постигнување на идните цели, особено ако на првата посета детето дојде во стоматолошка ординација со здрави заби и уста, односно без акутни проблеми. Првата посета на стоматолог треба да биде пријатно искуство за детето, тоа да се запознае со новата средина и со стоматолошкиот тим. Во подготовката за првата посета значајна улога, покрај членовите на стоматолошкиот тим, имаат и родителите на детето. Најдобро е првиот контакт на детето со стоматологот да биде во првата година од животот, уште пред да никнат забите на детето, како би се дале правилни упатства на родителите, за тоа како детето да ги зачува здрави своите заби и уста. Самата примена на мерките за превенција на оралните болести од страна на родителите, редовното одржување на личната орална хигиена пред самото дете, давањето на пример на детето како се мијат забите и редовната флуор профилакса, како и создавањето на позитивните навики во исхраната на детето, даваат доста повод за разговор помеѓу родителите и детето. Во текот на овие разговори родителите ќе делуваат позитивно на навиките на детето за одржување на оралната хигиена и превенцијата на болестите на забите и устата. Родителите пред децата не треба да разговараат за своите негативни искуства во здравствените установи, за стравот од одредени интервенции, а особено не би требало да ги плашат своите деца со инјекции или вадење на забите. Корисно е понекогаш родителите, преку личен пример, да му покажат на детето дека седењето на стоматолошкиот стол и работата во устата не се страшни. Непосредната подготовка на детето пред одењето на забар е од особено значење. Некое преголемо објаснување и долготрајната подготовка може да дадат негативен ефект, затоа што кај детето може да се јави сомнеж и страв од она што треба да се направи во стоматолошката ординација. Родителите треба да му објаснат на детето кратко и јасно каде ќе оди, накратко да ја опишат средината во која ќе се најде детето, без навлегување во детали за самата посета или интервенциите кои би можеле да се случат. Исто така, погрешно е да се говори дека нема да се работи ништо во стоматолошката ординација или дека мама и тато нема да дозволат да се работи нешто во устата на детето. Најдобро е прво родителите да стапат во контакт со стоматологот пред детето да биде доведено во ординација, како би им дал упатства за непосредната подготовка на детето за првата стоматолошка посета.
|