Палешка РР
|
Породувањето е кулминација на бременоста и краен чин на деветмесечното исчекување. Тоа е процес на излегување на бебето од матката на жената. До денес сеуште не е познат одновниот импулс, односно причина, која доведува до природен почеток на породувањето. Постојат повеќе теории кои од различни аспекти го објаснуваат почетокот на породувањето, но сеуште се трага по импулсот кој ќе каже, ДА...денес е тој ден, денес бебето решава да излезе! Породувањето се состои од четири фази: дилатација на грлото на матката, спуштање и истиснување на бебето, породување на постелката (плацентата) и постплацентарен период. Породувањето може да започне на три начини, односно знаци за почеток на породувањето: родилни болки (контракции) кои се манифестација на стегањето на матката, прскање на водењакот чиј знак е истекување на плодовата вода и појава на крваво слузав секрет, кој означува испаѓање на чепот од грлото на матката. За овие промени бремената жена треба да разговара со лекарот кој ја води нејзината бременост. Породувањето започнува со латентна фаза, која трае повеќе денови и претставува подготовка на матката за почеток на породувањето. Бракстон-Хиксовите контракции, кои се јавуваат во второто, а особено во текот на третото тромесечие од бременоста како нормална појава, сега се интензивираат. За да можеме да кажеме дека едно породување започнало, ги дефинираме болките, односно контракциите по нивната регуларност, времетраење и интензитет. Кога ќе започне породувањето, контракциите од ирегуларни, повремени, постепено стануваат регуларни, односно се јавуваат на одреден временски интервал. Тие почнуваат да се повторуваат на одреден временски интервал т.е. прво на 20 минути, потоа на 15 min......10 min, 5 min. Истовремено, нивното времетраење се зголемува од 30 sec, потоа 40 sec, до 60 sec i повеќе, а истовремено се зголемува и нивниот интензитет, односно јачина, од слаби болки до се посилни и посилни. Целта на контракциите, заедно, односно синхроно, со спуштањето на предлежечкиот дел на плодот (кој најчесто е главчето на бебето), резултира со постепено проширување (дилатација) на каналот на грлото на матката. Породувањето, т.е. неговата активна прва фаза започнува кога грлото на матката ќе се рашири до околу 3 cm. Првата активна фаза од породувањето е наречена дилатација (проширување). Оваа фаза започнува кога грлото на матката (цервикс) е раширено околу 3 cm. Следат се поизразени контракции кои имаат спирален и надолен правец (од фундусот - горниот дел на матката, кон грлото на матката), при што матката се стега, за сметка на што грлото на матката постепено се скратува и се шири, провлекувајќи се преку главата на бебето. При тоа бебето постепено го поминува влезот на карлицата и ротирајќи се и свиткувајќи се, се движи кон излезот на карлицата. Целосна дилатација настанува кога каналот на грлото на матката ќе се рашири до околу 10 cm. Во овој момент започнува втората фаза од породувањето. Втората фаза, уште наречена експулзија е всушност породувањето на бебето од матката преку родницата (вагината) на жената. Оваа фаза започнува кога цервиксот е целосно дилатиран, а завршува со породувањето на бебето. Во претходната прва фаза предлежечкиот дел на плодот, најчесто главата на бебето, веќе почнува да се спушта низ карлицата. Во втората фаза тоа се провлекува низ карлицата, со помош на контракциите на матката кои сега на крајот од првата и почетокот на втората фаза преминуваат во таканаречени напони, кои родилката со својата стомачна мускулатура мора максимално да ги искористи и да соработува со акушерот и бабицата за што полесно и поедноставно породување на бебето. Постепено главата на бебето го поминува излезот на карлицата и се појавува помеѓу усните на вагината кои почнуваат да се шират. По породувањето на главата на бебето која се појавува со лицето кон едната или другара бутина на мајката, следи вртење на бебето со лицето кон надолу и породување на рамениците низ карличниот излез, по што следува целосно ослободување и породување на бебето. Следи пресекување на папочната врвка и долго очекуваниот прв плач на бебето, при што педијатарот-неонатолог врши преглед на бебето за неговата општа состојба во првата и петтата минута по породувањето, и дава оцена, таканаречен Апгар скор. Потоа бебето се става на дојката на мајката, како многу значаен момент на првиот контакт помеѓу мајката и бебето. Третата фаза е породувањето на постелката (плацента). Ова обично се случува 10 до 30 минути по породувањето на бебето. Плацентата може да излезе самостојно или со стимулација. Самостојното излегување се потпомага со масажа на матката, а добро делува и првиот подој на бебето. Стимулираното исфрлање е побрзо, се врши потпомагање на контракциите на матката со окситоцински препарати и евентуално, со контролирано повлекување на постелката преку папочната врвка. Контракциите на матката, без разлика дали се стимулирани или не, донекаде ги смалуваат димензиите на матката и истовремено ги затвораат крвните садови на местото, односно лежиштето на постелката во ѕидот на матката. Тоа се крвните садови преку кои се исхранувало бебето последните 9 месеци. Овој механизам спречува искрварување на мајката и добро опоравување по породувањето. Нормално загубите на крв во текот на породувањето изнесуваат помалку од 600 mL. По излегувањето на постелката неопходно е таа да се прегледа од страна на докторот-акушер, при што се прави процена на нејзиниот изглед, дали е целосна или недостасува некој нејзин дел (котиледон или дел од котиледон), се проверуваат околуплодовите обвивки и доколку се детектира дефект на постелката, се прави мануелна ревизија, односно преглед на шуплината на матката и се отстранува заостанатиот дел. Овие резидуи, остатоци од постелката, доколку не се извадат доведуваат до дополнителни компликации. Четвртата фаза е наречена постплацентарен период и трае уште 2 часа од моментот на излегување на постелката. Во овие два часа породената жена се следи и набљудува, со цел да се спречат евентуални компликации во смисла на следење на виталните знаци, количина на вагиналното крварење итн. Можеби сето ова теоретски Ви изгледа комплицирано и збунувачки, но верувајте, со правилна психо-физичка подготовка, психолошка подготвеност на двајцата родители и поддршка од персоналот, целиот чин на породување е најприроднот феномен, сосема спонтан чин, а првиот контакт на мајката со своето новороденче е најубавата работа на овој свет, која ве остава без здив и без зборови.
< Поракaта ја уредил Felly RR -- 21.7.2013 23:04:31 >
_____________________________
When I'm good, I'm very good, but when I'm bad, I'm better.
|