vezilka RR
|
Еве што пронајдов на нет.. МИНЛИВО ВОСПАЛЕНИЕ НА КОЛКОТ - БОЛЕСТ ИЛИ СОСТОЈБА? Паника во семејството! Детето одеднаш накривува, се жали на болка во предел на надколеницата или коленото и одбива да стапне на ногата. Честа појава особено во последниве години. Најчесто станува збор за транзиторен излив во колкот - состојба која ги збунува не само родителите туку и лекарите. Што е транзиторен синовит? Тој претставува состојба на колкот при што се создава зголемена количина на зглобна течност која, од своја страна, создава зголемен притисок во зглобот, напнување на зглобната капсула и болка. Болката е често спонтана, но особено се зголемува при газење и одење - при оптоварување. Зошто настанува и што го предизвикува? Ваквата состојба на колкот најчесто е предизвикана како реакција на некоја инфекција, најчесто горно респираторна. Инфекцијата може да биде бактериска, кога реакцијата на колкот се јавува како резултат на бактериската инфекција на горните дишни патишта, или пак како резултат на делувањето на бактериските токсини. Инфекцијата некогаш може да биде и на друго место - уринарен тракт или кожа и сл. Многу почесто, особено во последниов период, изливот во колкот се јавува како резултат на вирусна инфекција. Бројот на вирусните инфекции е се поголем, посебно кај редучилишната и училишната популација. Покрај тоа мутациите на вирусите често пати се презентираат со необични манифестации како што е и изливот на колкот. Синовитот може да биде и во склоп на една алергична конституција, кај деца кои имаат алергиски ринити, астма и сл. Како се открива? Транзиторниот коксит е состојба која ги зафаќа меките структури на колкот. Токму заради тоа, покрај клиничкиот преглед кој укажува на засегнатост на колкот, суверена метода на негово дијагностицирање е ултрасонографија на колкот. Ултрасонографијата го визуализира изливот, ја потврдува дијагнозата и го следи лекувањето, бидејки количината на течноста во колкот може да се мери. При тоа, методата е безопасна бидејќи нема зрачење на детето. РТГ снимката е помалку информативна за оваа состојба на колкот. Покрај клиничкиот и ултрасонографскиот преглед, со кои се потврдува дијагнозата, неопходни се и лабораториски иследувања кои имаат за цел да исклучат постоење на посериозна бактериска инфекција и потреба од поагресивна терапија. Кои други болести може да имаат сличен почеток? Излив во колкот може да се јави и при други, многу сериозни болести. Мора да ги споменеме бактериските воспаленија на колкот, болеста на Пертес (кога исхраната на бутната коска е компромитирана), рематските заболувања и сл. Сите овие состојби бараат подлабоки дијагностички иследувања и имаат различен третман. Како се лекува? Стандардниот транзиторен синовит се лекува пред се со мирување и што помало оптоварување на колкот, заштита со антибиотик со широк спектар и употреба на антиревматик кој има за цел да ја забрза ресорпцијата на течноста. Мирувањето е многу значајно бидејќи стоњето и газењето на ногата прави екстремно оптоварување на колкот, во услови на и онака зголемен притисок во колкот, и можност за појава на сериозни компликации во циркулацијата и исхраната на зглобот кои може да доведат до трајни последици. За срека, овие состојби се многу ретки.Многу е важно да се следи состојбата на изливот и детето да се поштеди од трчање и скокање уште 2-3 недели по комплетното нормализирање на состојбата. Дали синовитит се повторува? Транзторниот синовит може да се повтори при некоја наредна вироза или инфекција. Неговото повторување треба да се следи сериозно за да не се пропушти некое посериозно заболување на колкот. Доколку нема знаци за сериозни промени, тој треба да се разбере како 2карактеристика на конституцијата на детето и негов начин на реагирање на агенсите на кои е изложено. Секако, транзиторниот синовит не треба да биде причина за паника во семејството, но не треба ни да се потцени туку активно да се следи и благовремено да се лекува. Извор: ПЗУ Ре-Медика, Прим. Д-р Иванка Стефановска, M.Sc., ортопед
|