mami2
|
Сакам да и посакам на Меланија многу здравје и да биде умна и храбра во борбата која ја води. Родителите да имаат само добра мисла и верба дека се ќе биде добро, дека ќе дојде брзо денот кога гушнати ќе се радувате дома. Се двоумев дали да пишам затоа што мојата приказна иако е со среќен крај често пати и не е толку охрабрувачка. Јас само сакам да ги повторам зборовите на лекарите дека во медицината еден плус еден не е секогаш два. Тоа се потврди во трите недели неизвесност на неколку пати. Иако бебето се роди спонтано, убаво надносено 11 дена, развиено, тешко 4.740 г, сонцето мое си страдало при раѓање. Тогаш започнал процесот на дишење уште во матката, при што се наполниле белите дробови со мекониум. Кога се роди практично немаше на што да диши, тоа е сличноста со предвремено родените деца. Итно го пренесоа од Систина во Детска клиника на интензивна нега. Тука веднаш го ставија на респиратор и започна битката. Следеа испитувања, снимања на главата, лекари од разни клиники, дијагнози и прогнози. Тешката вистина следеше: има минимални шанси да преживее и ако се случи тоа никој не знаеше како ќе бидат последиците од останувањето на мозокот без кислород. Почна борбата и на бебето, и на докторите и нашата да останеме со позитивна мисла, со верба во знаењата на лекарите и истрајни во молитвите кон Бога. Првите неколку дена беа пекол, детето беше под седативи за да не троши сила, а и да не ги измрда тубусите. Состојбата беше стабилна, го мразев овој збор, тоа значеше без подобрување. Примаше сурфактанти за зреење на дробовите, антибиотици за секундарните инфекции, нонстоп на мониторинг...Следеа кризи, но и успеси. Од немоќ да можам јас како мајка нешто да направам се чувствував беспомошно, а како ли му беше на бебето? Не знаев што друго освен да плачам, дома, во болница, во црква. Го крштевавме во инкубатор, имаше полни 76 часа живот тогаш, ама надеж си е надеж. Си најдовме и кума – докторката која го лекуваше. Дојдоа празници, Нова година која оттогаш ми е тотално бесмислена, Бадник, Божиќ....Дојде и надежта, бебето се оправуваше, почнуваше да диши самостојно, да ги развива виталните функции. Првиот глас премален и зарипнат од цевките во грло за мене беше симфонија, првата голтка која значеше дека постои рефлексот на цицање, ја доживеав како да направил докторат, солзата која ја пушти по дозволената петминутна посета за мене беше меч во срце, првиот стисок на мојот прст подаден преку отворите на инкубаторот не се опишува... По три недели прв пат се сретнавме надвор од стакло и се гушнавме, се гушкаме и денес. Последици нема, освен што е размазен. Верувајте во доброто, посакајте и на Меланија само здравје, имајте трпение како родители и се ќе излезе како што треба да биде. Не си сама, слични судбини има многу, ти посакувам се да е добро и ти пуштам многу гушки за да имаш сила за понатаму.
|