ripce
|
НОВОРОДЕНЧИЊАТА ВО ТИКВЕШ НОСАТ РАДОСТ И СЕМЕЈНИ КОНФЛИКТИ Војна за името на бебето Бабите се највоинствени, а мајките на бебињата најчести победници во битките за имињата на новороденчињата, кои се водат во многу семејства во Тиквеш. Матичарите регистрирале и случај кога лутиот дедо, поради тоа што внукот не бил крстен по неговото име, отишол во матичната служба и побарал тој да го добие името од внукот. Ако не може внукот да го носи името на деда си, дедо може да си го смени името и да го добие името од внукот. - Обично тоа го прават луѓе што не можат да се помират нивните деца или внуци да го носат името што не им е по волја - вели штотуку пензионираната матичарка од Неготино, Драгица Атанасова, која има 35-годишно искуство. Таа тврди дека главни војници во тие војни се бабите. - Сепак, најчести победници во битките се мајките на децата, за чии имиња настануваат метежи - вели нашата соговорничка. Жално е, вели таа, што понекогаш новопечените родители не можат честито да му се изнарадуваат на штотуку роденото дете, зашто уште додека тоа е во породилиште, кумовите, бабите и дедовците кршат копја за неговото име. - Имам три ќерки. Бидејќи немам син за наследник, потајно сакав една од внуките да го носи моето име. Ќерката и зетот беа расположени да ми ја исполнат желбата, но сватот се налути и сега мојата внука се вика Ана Марија - објаснува Љубица Ајтова од Неготино. Честопати името на новородените е проследено со различни условувања. Баби и дедовци бараат да бидат, како што се вели овде, подновени. Ако не им биде исполнета желбата, се закануваат дека синот или ќерката нема да го добијат наследството. Има и спротивни случаи, кога, пак, младите родители ги условуваат бабите и дедовците да го препишат имотот на нивно име, ако сакаат внукот или внуката да им го носи името. - Не ретко срамот е поголем од желбата внучето да го носи името на дедото или бабата. Понекогаш дедото или бабата инсистираат внучето да го носи нивното име оти им било незгодно што ќе речеле роднините, соседите, пријателите ако внучето не го добие нивното име - вели Атанасова. Бабите и дедовците честопати знаат на шега да речат "си ја шетам буквата" кога ги шетаат внуците што ја носат само првата буква од нивното име. - Ми се јавува еднаш по телефон една позната баба од Неготино. Липаше и искажа безброј погрдни зборови за снаата. "Драгице, вака и вака, ми се роди внуче. Ќе дојде синот, сака да го крсти по татко и на снаата. Те молам, не го запишувајте детето под тоа име. Сакам да го носи името на мојот покоен маж. Внуката е крстена на мене, не оди сега покрај моето име името на сватот", беа зборовите на растревожената баба - раскажува Атанасова. Матичарката и објаснила на својата пријателка дека таа е само службено лице и не смее да одлучува за тоа како ќе биде крстено детето. Според законот, објаснила таа, за името на детето одлучуваат родителите, а не бабите и дедовците. Се случува и тоа мајките на невестите да се јават и да реагираат дека внучето не смее да го носи името на сваќата, објаснува нашата соговорничка. - Дојде еден татко и ја запиша новородената ќерка со името на својата мајка. Кога го однесол изводот дома и и го покажал на жена си, настанала војна. Подоцна самиот ми кажа дека морал да попушти оти работата дошла до оставачка. Сопругата напишала изјава дека не се согласува со името на своето дете. Во спротивно, се заканила со развод. Писмото го донесе никој друг, ами нејзината мајка. Бараше името да биде сменето веднаш. И реков дека таа не може да одлучува за тоа и дека мора да дојдат лично родителите. И навистина дојдоа и му го сменија името на девојчето - се сеќава Атанасова. Незадоволен што синот и снаата не го крстиле внукот по неговото име, еден дедо од Тиквеш решил да појде во матично и тој да си го смени своето име, за да се вика исто како внукот. - Држ, не дај, убедувај, море срамота е, ќе пукне срам, едвај го убедиле да не прави циркуси со името - велат нашите соговорници, кои знаат за овој случај. Понекогаш, вели Атанасова, се случува свекрвата да не сака внуката да го носи нејзиното име, но знае и да се премисли, па да дојде до промена. Особено ако во меѓувреме се размислувало детето да го добие името на другата баба. Атанасова, но и нејзините колешки од Кавадарци, Николина Темова и Марика Мелова, имале лоши искуства и со запишувањето на имињата на новородените во деминутивна форма. Тие ги предупредувале родителите дека е подобро детето да биде Никола наместо Николче, зашто еден ден тоа дете ќе стане возрасен маж, па и дедо. Но, родителите си терале по свое. - Се случува подоцна да дојде 18-годишно момче со такво име во деминутив и да побара промена на своето име - истакнуваат тие. И тоа не е се. Тука не завршуваат згодите и незгодите пред шалтерите во матичните служби. Атанасова раскажува случај кога кај нејзе неодамна дошол еден фин неготинец и побарал новородената ќерка да ги носи и неговото презиме и презимето на неговата сопруга. Матичарката го посоветувала дека тоа е непрактично, бидејќи кога ќе порасне девојчето и кога ќе се омажи, ќе треба да додаде уште едно презиме, па ќе нема графа која ќе собере толку презимиња. Советот не бил прифатен, желбата на таткото и мајката биле исполнети, девојчето добило и име и две презимиња.
< Поракaта ја уредил ripce -- 29.1.2010 13:42:16 >
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."
|