jovanka
|
За многумина лудост - за нив предизвик и можност да се запознае светот! Малата Осеан, мајката Дороти и таткото Руперт веќе пет месеци се на велосипед. Тргнале од Шкотска, а крајната дестинација им е Кина. Им остануваат уште 10.000 километри. Патот кон целта ги доведе и во Скопје. Во градот кој ги воодушеви останаа два дена... Осеан, Дороти и Руперт се веројатно најоткачното семејство за кое некогаш ќе имате прилика да читате или да слушнете. Авантуристички настроените мама Дороти и тато Руперт, заедно со две и полгодишната Осеан на велосипед го шетаат светот. Патувајќи кон крајната дестинација - Кина ова симпатично семејство својот живот веќе пет месеци го минува на две тркала. Две и полгодишното девојче ужива во импровизираната количка прикачена на велосипедот што го вози нејзиниот татко, а мајката со сиот багаж е на другиот велосипед. Двегодишната русокоса кукличка, која иако го знае единствено францускиот јазик ужива да кокетира со луѓето кои и се во близина, ја запознавме токму во нашиот град. Скопје беше нивен дом дури два дена. Признаваат - ретко се задржуваме некаде повеќе од два дена. Тоа не им го дозволувал буџетот, а и брзале кон Кина. Среќното семејство на патувањето со велосипеди тргнало од Шкотска, пред токму пет месеци. Бројот пет го има и во изминатите километри - токму 5 илјади. Досега извозеле една третина од патот. Им остануваат уште "само" 10.000 километри, а крајниот рок им е декември. Од Скопје, се упатија кон Бугарија, па Турција... -Зимата не кочи бидејќи денот е мал и штом ќе падне мрак престануваме со возење. Досега имаме поминато една третина од патот, но доаѓа пролет и денот ќе се зголеми и се надеваме дека патувањето побрзо ќе оди. Досега немавме никакви проблеми, освен во Италија каде што не фати снег па моравме накусо да го прекинеме патувањето - ни раскажа мајката на малата Осеан, Дороти. Дороти, нејзиниот сопруг Руперт и нивната керќичка Осеан се светски патници од Канада кои секоја година одморот го поминуваат со велосипеди. Ова патување отсекогаш сакале да го направат, но никогаш не помислиле на воз, автобус или било кое друго превозно средство. Тие се љубители на велосипедите и веруваат дека единствено на овој начин ќе ја почуствуваат убавината на секој поминат километар. -Сакаме да патуваме и сакаме велосипеди. Не сме го виделе целиот свет, решивме сега да го направиме тоа и мислиме дека со велосипед може многу повеќе да се види и да се доживее народот, природата и културата на секоја земја - објаснува Руперт. За ова патување се подготвиле во Франција, кога Осеан имала само една година. Цела Франција ја поминале на велосипед за првпат со нивната керќа, која уживала во патувањето. Таа во нејзината количка е заштитена од дожд, ветар и од било каква незгода, има место да си легне да си игра со играчките и како што ни кажа нејзината мајка таа веќе бара и таа да вози велосипед, здосадена и е количката. Ова не им е прво толку долго патување. Во 2003 година Дороти тргнала сама со велосипед од Алјаска до Аргентина каде што го запознала Руперт и оттогаш се заедно, а главно превозно средство им е велосипедот. Воодушевени се од Балканот и од сите приказни што досега ги слушнале, но како што велат тие, тоа е една иста приказна прераскажана во многу верзии. Единствено низ Албанија имале мали проблеми поради лошите патишта. Најголема желба на ова патување е да успеат да влезат во Иран, а најголем предизвик им е тоа што 15 месеци, 24 часа на ден ќе бидат заедно сите тројца што досега не се случило. А кога ќе завршат со турнејата, овие светски патници ќе им се вратат на своите работни обврски во Монтреал, Канада. Дороти работи како метеоролог, Руперт е продавач на велосипеди, а малата Осеан место во импровизираната количка во која сега друштво и прави нејзината омилена кукличка, ќе им се врати на другарчињата во градинка.
_____________________________
Zivotot e podarok a podarocite se za da se raduvame.
|