big_mama817
|
Кукли со кои си играат децата со посебни потреби Според експертите, децата со посебни потреби преку овие играчки ќе може да се идентификуваат, да не се чувствуваат толку поинакви од своите здрави врсници и да бидат подобро прифатени во општеството Производителите пуштиле на пазарот кукли со Даунов синдром, медицински апаратчиња за слушање, со очила, со кучиња-водичи за слепи, кукли во инвалидска количка, со патерици или со вештачки екстремитети Оддалеку, многумина би помислиле дека тоа е обична, по малку старомодна кукла. Но погледот одблизу ќе ви покаже дека куклата е всушност многу необична. Малата уста од која ѕирка јазикот, косо поставените очи во форма на бадем, малиот сплескан нос, широките дланки со куси прсти и малите и ниско поставени лошо оформени ушни школки не се карактеристики што може да ги видите на стандардните кукли. Тоа е куклата со Даунов синдром, дизајнирана со карактеристиките на децата родени со ова нарушување, и е една од се' попопуларната, но и исклучително контроверзна серија кукли со карактеристики на лицата со посебни потреби, пишува британскиот весник „Дејли мејл“. Целта е на децата со посебни потреби да им се даде играчка со која ќе може да се идентификуваат. Производителите тврдат дека ваквите кукли може да помогнат во прифаќањето на медицинските состојби како Дауновиот синдром како нормални и младите погодени од такво нарушување нема да се чувствуваат толку поинакви од своите здрави врсници. Тие сметаат дури и дека ваквите кукли може да им помогнат на децата со посебни потреби да бидат подобро прифатени во општеството. Така, децата подложени на хемотерапија може да добијат „хемо“ кукли, кои оќелавуваат и се продаваат заедно со марами. Има кукли со медицински апаратчиња за слушање, со очила, со кучиња-водичи за слепи, кукли во инвалидска количка, со патерици или со вештачки екстремитети. ПОДЕЛЕНОСТ ПОМЕЃУ РОДИТЕЛИТЕ И ЕКСПЕРТИТЕ Многу родители на деца со посебни потреби ги прифаќаат овие кукли како реалистична алтернатива на совршените „барбики“ на пазарот, додека другите ги отфрлаат како невкусна шега. Тие всушност сметаат дека овие кукли само ја нагласуваат различноста на детето со посебни потреби од неговите здрави врсници. Службеничката Сју Фарен (50) од Дурам, Британија, чија ќерка Ребека има церебрална парализа и мора да користи инвалидска количка, е ужасната од идејата. Ако создадете кукла со посебни потреби и му ја дадете на детето, само дополнително ќе го турнете во изолација и ќе го направите да се чувствува како дел од шоу на изроди. Кај тие кукли се нагласени сите недостатоци, во реалноста децата со посебни потреби прават се' да се „стопат“ со врсниците и да бидат прифатени такви какви што се. Ребека не сака ни да се зборува за нејзиниот инвалидитет. Загрижена сум и дека здравите деца би можеле да ги искористат овие кукли како предмети за исмејување. Ребека е многу паметна, оди во нормално училиште и се надева дека ќе студира и ќе води исполнет независен живот. Мислам дека ако и' дадев ваква кукла, која го нагласува нејзиниот инвалидитет, кога беше помала, само ќе и' ја уништев самодовербата и ќе ја насочев кон самосожалување - вели Фарен. Социјалната работничка Алисон Велемин (51) од северен Лондон има ќерка, Сара, со Даунов синдром и длабоко се сомнева во придобивките од куклите со посебни потреби. Тие се целосно еднодимензионални и не може да покажат дека детето со Даунов синдром може да биде забавно, паметно и комуникативно. Интеграцијата е клуч за „нормализирање“ на Дауновиот синдром, а не привлекување непотребно внимание со вакви кукли - вели таа. ПРОМОВИРАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ЗА НИВНО ПОЛЕСНО ПРИФАЌАЊЕ Но, нема сомнеж дека има се' поголема побарувачка за ваквите кукли. Куклата Беки од „Мател“, пријателка на Барби, во светлорозова инвалидска количка била распродадена за две недели. Компанијата „Кидс лајк ме“ пуштила во продажба серија црни и азијатски кукли, како и кукли со слушни апаратчиња, очила, вештачки екстремитети и инвалидски колички. Куклите со Даунов синдром се дело на Дона Мур, поранешна професорка за деца со посебни потреби од Јужна Каролина, САД, која сега преговара за нивна продажба и во Британија. Нејзините кукли, кои се продаваат по 90 фунти, имаат 13 показатели за нарушувањето, како и лузна на градите која укажува дека децата со ова нарушување често мора да ги оперираат вродените аномалии на срцето, придружни симптоми на нивната состојба. Децата со Даунов синдром немаат со што да се идентификуваат и си играат со кукли што воопшто е личат на нив. За нив е важно да може да се „видат“ себеси во кулите со кои си играат. Ние не се обидуваме да ги промовираме разликите, туку сакаме да ја промовираме нивната убавина и да им покажеме дека иако изгледаат поинаку, внатрешно тие се исти со другите деца и имаат исти надежи и соништа - вели таа.Мур вели дека куклите со Даунов синдром не се наменети само за децата. Нив ги купуваат и родителите чие дете починало, па куклата им е потсетник за тоа какво било нивното дете. Училиштата, болниците и универзитетите ги купуваат овие кукли зашто сметаат дека ќе им помогнат во едукацијата на децата. Луѓето велат дека незнаењето е благослов, но колку повеќе ги информираме луѓето за Дауновиот синдром, толку повеќе се зголемува нивното прифаќање и сфаќање на децата со оваа состојба - вели Мур. извор:дневник
_____________________________
Децата се најголемо богаство :)
|