mami
|
Дојран како во златните времиња Васко МАРКОВСКИ „Водата е живот“. Ова е првата порака што ќе ве пречека на крајпатните табли уште на влезот на Нов и на Стар Дојран. Ако подолго време не сте ги посетиле, уште веднаш ќе можете да го почувствувате тоа. Ривиерата е живната, улиците се исполнети со минувачи, а туристичките работници, како што велат и официјалните податоци, веќе ги тријат рацете. Кого и да прашате, ќе ви рече дека еколошките црни денови поминале, се враќа водата во езерото, а со неа се враќа и животот во градот. Пријатно добредојде Веднаш ќе почувствувате ведрина, уште со првиот чекор по асфалтот, но не можете веднаш да сфатите што е тоа што ве исполнува со пријатни чувства. Нешто како да лебди во воздухот, покрај брегот, на шеталиштето, или по главната улица, додека ги набљудувате убаво уредените дворови, и доминантната розова боја на расцунетните леандри. Погледот ви се спушта и кон автомобилите, сакајќи да видите од каде се се дојдени туристи. Меѓу регистарските таблички ќе забележите велешки, кумановски, скопски, гостиварски, штипски, па дури и охридски. И, не е случајно. - Овде сум две недели и ако можам да одложам некои обврски ќе останам до 15 септември. Како ни е погодено, не ми се оди во Скопје. Кога ќе ми текне само колку е таму се забрзано, натуткано, не ми се враќа назад. Видете колку е мирно, тивко, слушаш инсекти, гледаш птици, водата е одлична за „бањање“. Одлично! Не беше тешко да се увериме во зборовите на скопјанката Софија Граматикова, кога се обиде да ни пренесе дел од нејзиното секојдневие во Стар Дојран, каде што, заедно со нејзината сестра Ана и со неколку другарки, секоја година престојуваат во куќата на нивните предци, членови на една од најстарите дојрански фамилии. - Градот почна да се полни пред недела-две, кога почна да пристигнуваат поголем бран туристи, но најголемиот бран се очекува во август - ни раскажа Софија. Таа ни ја откри тајната зошто токму тогаш и зошто дури и од Охрид, каде што има поголемо езеро, луѓето доаѓаат во Дојран. Лековитиот цут на алгите - Август е идеално време за одмор во Дојран. Тогаш водата е најтопла и тогаш почнуваат да цутат алгите. Од нив испарува јод, што е одличен лек за подобрување на имунитетот, за лекување настинки и проблеми со дишењето, и токму поради тоа најголемиот дел од гостите се семејни луѓе со мали деца - раскажува Софија. Покрај лековитоста на алгите, дојрани ќе ви кажат и за лековитото дејство на калта од езерото, за лекување на проблеми на коскено-мускулниот систем. На многу места на плажите ќе видите луѓе како „се печат на сонцето“ премачкани со кал. - Убаво е за децата. До пред некоја година, преку цела година кашлаа, настинуваа, но откако се врати водата во езерото, откако почнавме да доаѓаме, имунитетот им е подобар. Можеби плажите не изгледаат убаво како охридските, но ниедно друго езеро не може да ви го даде ова - вели една скопјанка, која заедно со сопругот втора година летува во Дојран. Сместени се во приватна соба и плаќаат по 250 денари од кревет за ноќевање. Велат она што го добиваат не е од врвен квалитет, но не можат многу ни да се пожалат - Плажите се уредени, има туш-кабини и кабини за пресоблекување, во близина има каде да се пазари - раскажува таа. Палачинки на полноќ На Градската плажа го сретнавме и скопјанецот Стево, кој дошол на десетдневен одмор со неговата пријателка. - Плаќам 300 денари, за соба блиску до автобуската станица. Задоволен сум од сместувањето и ми се допаѓа што ми е се тука, блиску. Има во близина и ресторани и клубови за младите, градската плажа е веднаш тука. Убаво е - ни раскажа Стево. Вели дека е задоволен од понудата и од цените на рестораните и на кафулињата. - Со 500 денари двајца можат да ручаат во еден од најдобрите ресторани во Дојран, со предјадење, а за околу 600 денари можете да ручате дојранска риба - раскажува тој. Веќе е минато времето кога во градот немаше каде да ги купиш и основните дневни артикли, велат нашите домаќинки Софија и Ана Граматикови. - Откако се врати водата, се е поинаку, живнато. Има луѓе на плажите, се инвестира во нови апартмани, хотели, казина. Може да ви звучи неверојатно, рестораните не можат да си најдат персонал. Младите се ангажирани, главно во грчките казина, каде што се добро платени и нема кој да работи на другите места - раскажува Ана Граматикова. Веќе, како што вели, има одлични клубови и кафулиња, во кои можете по неверојатни ниски цени да ја поминете вечерта. Сега има места, во кои можеш и во 12 часот на полноќ да порачаш палачинки и да те послужат - вели таа, повторно додавајќи дека Дојран е идеално место за одмор за луѓе што сакаат вистински да се одморат, да се тргнат од урбаното живеење, од вревата што ја прави сообраќајот и од забрзаниот живот. Сместување од 250 до 1.000 денари Цените за ноќевање се движат од 250 до 300 денари за кревет во приватно сместување, а пансионите се движат од 900 до 1.200 денари. Во моментов посетеноста е 3.000 до 4.000 луѓе, колку што е и капацитетот на градот - вели Бранко Георгиев од Туристичкото-информативно биро на општина Дојран. Капацитетот на општината е околу 2.000 легла во приватно сместување, 1.500 за сместување во работничките одморалишта и околу 600 легла во комерцијалните хотели. По цена од 1.000 денари можат да се изнајмат и луксузни апартмани во приватни вили, опремени со фрижидер, клима-уред и со веце. извор- весник Шпиц
|