April -> RE: Целодневна или класична настава (11.5.2010 8:53:44)
|
Притиснати меѓу нискиот стандард и европското работно време од 9 до 17 часот, многу родители се ставени на маки кој да ги згрижи нивните деца по завршувањето на училишните часови. На ваква мака особено се оние што сега ќе запишуваат првачиња. Во основните училишта дневниот престој во кој има појадок, ручек и ужина се плаќа околу 2.000 месечно, а продолжениот не чини ништо, ама го нема во сите. За родителите е вистинско олеснување кога дома не мораат да работат задачи со децата. Додека се'' уште се на работа, нивните деца со помош на наставниците ќе напишат и ќе научат се'' што имаат за домашна работа. Тоа лесно го решаваат родителите кои имаат ваква можност во училиштата близу нивните места за живеење. Но, ако во нив нема продолжителна настава или постои една паралелка, а бројот е пополнет тогаш имаат проблем. Мораат да ги запишат своите деца во друго училиште, кое можеби е и во друга општина. Организирањето на дневниот престој или продолжителната настава е оставено на училиштата, а вработените наставници ротираат на таканаречените дежурства до 17 часот. Наставници, кои сакаат да останат анонимни, велат дека ваквата обврска ја прифаќаат само поради последното зголемување на платите, бидејќи за останувањето по часовите, не добиваат никаков надомест. Ова им одговара и на родителите, па затоа ги бараат училиштата со наставен кадар, кој има добра волја да им излезе во пресрет и да ги згрижи нивните деца по часовите. Во Општина Бутел тврдат дека во сите училишта има продолжен престој до четврто одделение. Оние што со години работат во основните училишта велат дека исполнувањето на волјата на родителите да го запишат своето дете во кое сакаат училиште, а не во најблиското, значи непочитувањето на регионализацијата. Запишувањето деца по други населби во последниве години го намалува бројот на македонските деца. Ваквото прегрупирање го нарушува бројот во планираните групи во дневниот или продолжителниот престој. „Во Општина Кисела Вода во оваа учебна година дневен престој има во ОУ ’Св. Климент Охридски‘, и тоа една паралелка со 24 ученици, додека ОУ ’Кирил Пејчиновиќ‘ децата се поделени во пет паралелки. Во сите останати шест училишта функционира целодневна настава“, објаснува Марјан Спасески, портпарол на Општина Кисела Вода. Во Општина Гази Баба целодневна настава има само во ОУ „Стив Наумов“, а во останатите шест градски училишта има само дневен престој. Во Општина Центар, пак, дневен престој има само во ОУ „Гоце Делчев“, а во сите останати, децата од прво до четврто одделение се згрижени од 8 до 17 часот. Од Карпош велат дека имаат десет основни училишта, а во девет од нив функционира продолжен престој или целодневна настава за ученици од иста паралелка и во групи од различни одделенија. Во ОУ„Аврам Писевски“ во село Бардовци нема продолжен престој за учениците, бидејќи досега родителите не покажале интерес или биле во многу мал број.
|
|
|
|