mother 29
|
Дијабетесот, или уште попознат како шеќерна болест, претставува хронично, неизлечиво системско пореметување на метаболизмот. Го карактеризира трајно зголемено ниво на глукоза во крвта. Имено, храната преку системот за варење се разградува до шеќер кој се нарекува глукоза. Глукозата преку крвта патува до клетките и таму од неа се произведува енергија. За да може глукозата да влезе во клетката неопходен е инсулин. Инсулинот е хормон кој го лачи панкреасот. Ако не се произведува доволно, глукозата останува во крвта и така постојано расте нејзиното ниво. ВИДОВИ ДИЈАБЕТЕС Постојат два основни типа на дијабетес. Дијабетес I – се појавува уште во детството (иако може да го развијат и млади, доколку процесот на уништување на панкреасот е бавно). Во овој случај телото не може да создава инсулин поради тоа што имунолошкиот систем ги напаѓа клетките на панкреасот (бета клетки) кои го создаваат инсулинот. Како тие клетки изумираат, така расте нивото на шеќер во крвта. Овие пациенти мора постојано да примаат инсулин. Дијабетес II – ова е таканаречениот стекнат дијабетес. Телото или не произведува доволно инсулин или го користи неправилно. Се развива полека, кај возрасни и бара соодветен третман. ПРИЧИНИ Иако причините за настанување на дијабетесот сѐ уште не се разјаснети, мораме да имаме предвид некои ризик фактори, особено прекумерното консумирање на храна и преголема телесна тежина, генетските предиспозиции, стресот, хормонските пореметувања, бременост, седечкиот начин на живот без физички вежби, жени кои родиле деца потешки од 4.5 килограми, хипертензија, терапии со кортикостероиди, жени со синдром на полицистични јајници. СИПТОМИ Основни сиптоми на болеста се: • често мокрење и пиење вода • заматен вид • постојан замор • чувство на глад • губење на телесната тежина • јадеж и пецкање на стапалата и нозете • рани кои тешко зараснуваат • пецифичен мирис на урината ТРЕТМАН Во зависност од возраста, стадиумот и типот на болеста, постојат три основни третмани. • Инсулин (доколку станува збор за тип I) во комбинација со диета. Новост, дури и кај нас, е што пациентите кои сакаат можат да примаат терапија преку инсулинска пумпа која се поставува на надворешен дел од телото и се надополнува со инсулин на секои 4 до 5 дена со што се избегнува секојдневно боцкање. • Лекови (хипогликемици) во комбинација со диета. • Диета и телесни вежби – најзначаен дел од терапијата кој опфаќа 3 до 6 оброка, спречување на изоставување на оброците или нивно спојување, умереност на оброци, посебен состав на исхрана (55%-60% јаглехидрати, под 30% масти, зголемено внесување на протеини). Телесните вежби треба да опфаќаат барем 30 минути пешачење, лесни вежби, возење велосипед и пливање. КОМПЛИКАЦИИ Во случај на повисоко ниво на шеќер во крвта постои ризик од срцеви заболувања, слаба циркулација која ја отежнува борбата со инфекции, инфекции на стапалата поради исклучување на системот за болка, бубрежни проблеми, развивање на очна мрежа и други компликации со очите, па дури и слепило. ФАКТИ • дијабетесот I е покарактеристичен за луѓето од Северна Европа, афроамериканците и оние кои немаат хиспано потекло. Многу е редок кај луѓето од азиско потекло; • дијабетесот I повеќе го добиваат мажите од жените; • ризикот за добивање на дијабетес II е поврзан со годините. Расте од 45 години па нагоре, особено над 65 години; • во Македонија има околу 100.000 заболени, од кои 20.000 ниту знаат дека ја имаат болеста, ниту се лекуваат; • во развиените земји дијабетесот е петта причина за смрт.
|