ripce -> RE: Стерилитет кај мажот? (4.1.2010 0:45:55)
|
Денес се знае дека машкиот фактор учествува со околу 30 отсто во причините за неплодност, а ако се има предвид дека кај 20 отсто од паровите постои двострана причина за неплодност, тогаш е јасно зашто обата партнера треба подеднакво да бидат иследувани. Околу 70 отсто од причините што предизвикуваат стерилитет кај мажот може да се дијагностицираат со добра анамнеза, физикален преглед, одредување на волуменот на тестисите, анализа на спермалната течност, како и со одредување на хормоните. Потребно е правилно толкување на анализата од спермалната течност (спермограм), како и одредување на некои хормони кај мажот, ако постои спермограм со намален број на сперматозоиди, како и постоење на зголемен процент на неподвижни и морфолошки неправилни форми на сперматозоиди. Спермалната течност се состои од секрети што потекнуваат од тестисите, епидидимисот, околните периуретални жлезди, семиналните везикули и простатата. Вообичаен волумен на ејакулатот е 1,5-5 мл; киселост 7,05-7,8. Има фруктоза 120-450мг/дл (овошен шеќер што им дава енергија за движење на сперматозоидите). Намален волумен има кај пациенти со ретроградна ејакулација (кога спермалната течност се враќа во мочниот меур), кај пациенти со стеснување или со комплетно затворање на изводните канали, како и кај пациенти со хипогонадотропизам. Зголемениот волумен на спермалната течност најчесто се должи на контаминација со урината. Во почетокот спермалната течност е коагулирана маса што се втечнува за 10 до 25 минути. Нормалниот број на сперматозоиди во ејакулатот е секогаш поголем од 20 милиони во 1 мл. Намалениот број е олигозооспермија, а ако воопшто нема сперматозоиди - азооспермија (во вакви случаи се прави центрифугирање на спермалната течност, со цел во талогот уште еднаш да биде исклучено постоењето на сперматозоиди). Подвижноста на сперматозоидите се оценува како процент на прогресивно подвижни сперматозоиди (во нормален спермограм овој процент е повеќе од 60 отсто, процентот се однесува на сите подвижни сперматозоиди). Познати се повеќе видови аномалични форми на сперматозоиди, но важно е бројот на нормалните форми да е повеќе од 30 отсто. Ако се добие наод за лош спермограм, треба да се повтори анализата неколкупати. Точната анализа на спермалната течност (квалитетно изработен спермограм) ќе овозможи правилен избор на начинот на лекување на брачната двојка. Во зависност од спермограмот се предлага лекување со хормонски препарати. Ако се присутни леукоцити се изработува спермокултура, па според антибиограмот се даваат антибиотици. Во некои случаи, кај намален број на сперматозоиди се предлага методот на интраутерина инсеминација Ако наодот од спермограм е екстремно лош, тогаш како избор на лекување ќе биде еден од методите на асистирана репродукција: вештачко оплодување со помош на интрацитоплазматска спермална инјекција (само еден квалитетен сперматозоид со помош на микроинјекција се внесува во јајчната клетка и се врши оплодувањето). При азооспермија (комплетно отсуство на сперматозоиди во ејакулатот), со биопсија на тестис се утврдува постоењето на сперматозоиди на ниво на тестис. Ако ги има, тогаш со посебна постапка може да се издвојат и добиените сперматозоиди да послужат за интрацитоплазматска спермална инјекција. Кај двојките каде што сопругот нема воопшто сперматозоиди, ниту нивно создавање на ниво на тестис, се советува донорство на сперматозоиди или адопција.
|
|
|
|