Предметите зборуваат во детската соба
Напомена: Драги деца, чувајте ги своите предмети во ред. Не е тешко тие да се суредат, но вам ќе ви биде непријатно ако околу вас е неред и хаос. Затоа, грижете се за вашите работи, како и за себе!
Мартин со татко му дојде кај Сашко дома на гости. И додека постарите зборуваа нешто многу сериозно во дневната, Мартин му досадуваше на Сашко во детската соба. Овој нејќеше да се игра со него, но детенцето упорно го следеше. Кога виде дека во собата на Сашко е растурено, му рече:
-Учителката во градинка ни читаше дека предметите навечер зборуваат.
-И јас сум ја читал таа приказна - луто одговори Сашко.
-Зошто тогаш кај тебе не е суредено?
Сашко бесно го одвлечка Мартин кај возрасните. Малку подоцна тој и татко му си отидоа. По пат тој замислен го праша татка си:
-Дали предметите навистина можат да зборуваат?
Кога тој заинтересирано го погледна, му раскажа дека има едно четиво во кое предметите во една детска соба се побуниле и побарале од детето да ги држи во ред.
-Одлично - рече татко му. - Значи треба да си ја суредиш собата! Сега нема кој да оди по тебе, ти треба самиот да ги направиш тоа.
Мартин долго ја средуваше собата и сите предмети и парчиња облека ги стави на свое место. Малку плачеше по мајка му и сестра му кои отидоа на гости во друг град и многу му недостигаа. Кога си легна, предметите веќе не се бунтуваа и тој спиеше мирно, уморен, ама и задоволен.
Нештата за секојдневна употреба треба да стојат на своето место. Најубаво е кога кај човекот се е во ред - кога е измиен, дотеран, исчешлан, кога облеката му е чиста (и закрпена ако треба), кога чевлите му светат, ноктите му се чисти и исечени. Такви треба да бидат и децата. Кај нив уредни треба да бидат и училишната чанта или ранецот, учебниците треба да им се завиткани и здрави, бирото уредно, во шкафчето се да е на свое место...
Дома, исто така треба се да биде чисто, а сите предметите да се оставаат на своето место. Тоа не е потребно само за да видат гостите кога ќе дојдат. За самите домаќини е најубаво да живеат во уредни и чисти простории. Чистотата и уредноста се најпотребни за детската соба или за детското катче. Ако таму не е средено, детето ќе се плаши од нередот.
Сеедно дали предметите зборуваат или не, тие треба секогаш да бидат на своето место,за да може детето да живее, да учи и да спие мирно и комотно. Ако ги растури во текот на денот, пред да си легне тоа треба се да спастри. Секој сам треба да се грижи за своите потреби. Тоа ја прави детската личност заинтересирана, вредна и спокојна.
Автор: проф. д-р Кирил Темков