ripce -> Кегелови вежби (6.11.2009 20:04:37)
|
ПОТЕКЛО НА КЕГЕЛОВИТЕ ВЕЖБИ Кегеловите вежби го добиле своето име по нивниот пронаоѓач, гинекологот Д-р Арнолд Кегел. Д-р Кегел уште во 1940 г. ги препорачувал овие вежби на жени кои имале проблем со неконтролираното испуштање на урина, што често се случува во бременоста или после породувањето, но исто така и во повозрасните години. Тоа не значи дека кегеловите вежби не се полезни и за мажите. Полезноста на кегеловите вежби е таква, што би било многу добро да бидат вклучени не само во бременоста, туку и понатаму во текот на целиот живот. ДЕЈСТВО НА КЕГЕЛОВИТЕ ВЕЖБИ Кегел вежбите помагаат да се зајакнат мускулите во малата карлица. Со тоа помагаат во зајакнувањето на мускулите на: бешиката, ректумот, матката, вагиналните мускули и уретрата. - За време на бременоста, заради притисокот кој го прави матката врз бешиката, честа е појавата на неконтролирано испуштање на мала количина урина. Со овие вежби тоа ќе се намали или ќе се спречи.
- Кегел вежбите помагаат и да се зацврснат мускулите кои учествуваат во текот на породувањето. На жените кои ги практикуваат, тоа им овозможува полесно породување.
- Ако научите како да ги стегате овие мускули, во текот на породувањето кога ќе треба да ги опуштите мускулите, тоа ќе Ви биде многу полесно.
- Посилните мускули во малата карлица овозможуваат матката и другите органи побрзо да си дојдат на свое место после породувањето.
- Хемороидите се честа појава во текот на бременоста или после породувањето. Со кегел вежбите се постигнува зголемена циркулација на крв во ректумот. Тоа ги намалува шансите за добивање на хемороиди.
- Зараснувањето на раната од епизотомијата и породувањето е побрза кај жени, кои ги практикуваат овие вежби.
- Со Кегел вежбите се намалуваат шансите за распукување во текот на породувањето.
- Со јакнење на мускулите во малата карлица се постигнува и поголемо сексуално задоволство.
- Полезни се и за воспоставување на поголема контрола врз мокрењето во покасните години.
КАКО ДА ГИ ПРАКТИКУВАТЕ Се работи за истите мускули, кои Ви овозможуваат контрола врз мокрењето. Кога мокрите и ги стегнете овие мускули, млазот на урина треба да запре. За да бидете сигурни дека сте ги пронашле вистинските мускули, пробајте да ги стегнете за време на мокрењето. Доколку без проблем можете да го контролираре млазот урина, Вашите мускули се во одлична форма. Ако пак не се баш во толку добра форма, не се грижете. По неколку недели вежбање ќе станат. Внимавајте кога вежбате да не ги стегате околните мускули, ниту пак да го задржувате здивот. Треба да работат само мускулите во малата карлица. На почетокот можеби ќе Ви изгледа тешко, но за кратко време ќе ја совладате вештината. Почнете со вежбите на следниот начин: - Стегнете ги мускулите на малата карлица (исто како да го задржувате млазот урина) неколку секунди, потоа олабавете ги неколку секунди.
- Повторете го истото 10-20 пати, неколку пати во текот на денот.
- За време на вежбањето дишете нормално.
- Не ги стегајте мускулите на: задникот, бутините, стомакот ит.н.
- Кога ќе Ви зајакнат муслулите, ќе можете да го продолжите времето на стегање на истите до десетина секунди, како што ќе можете да го зголемите и нивниот број во една серија.
- Почнете полека, постепено ќе ги усовршите.
- Направете ги редовна рутина во текот на бременоста.
Добрата страна на овие вежби е што се исклучително полезни, како во текот на бременоста, така и во целиот живот. Освен тоа можете да ги практикувате на било кое место: додека се возите во автобус, додека чекате во ред во продавница, додека гледате телевизија, додека шетате ит.н. За да не ги заборавате ,можете да си направите рутина која ќе Ве потсетува на нив. Нпр можете да направите по една серија кога ќе седнете да ја гледате омилената серија, кога ќе си ја проверувате поштата, пред да си легнете, односно пред било која активност, што ќе Ве потсетува на нив.
|
|
|
|