mother 29 -> RE: Ретинопатија (21.10.2009 15:42:28)
|
Ретинопатијата на недоносените деца (РН) е болест на мрежичката на окото што може да предизвика слепило. Најзначаен фактор за развој на ова заболување е недоносеноста. Како други причини се сметаат малата породилна тежина, апаратите за дишење ако се користат повеќе од една недела, сепса, трансфузија на поголемо количество крв, крвавење во мозокот, нарушување во развојот на белите дробови и на бронхите. Децата што ќе го развијат ова заболување имаат поголеми шанси да добијат и други нарушувања на очите. Со ран скрининг на окото, како и со редовни контролни прегледи, болеста може да се открие и да се лекува. Пред 15. недела од бременоста мрежичката кај плодот нема крвни садови. Тие почнуваат да се развиваат во периодот од 15. до 18. недела. Процесот на развој на крвните садови во носниот дел на мрежичката завршува во 36. недела, а во слепоочницата во 40. недела. За да се открие и лекува ретинопатијата, многу важно е да се направи преглед на очите кај недоносените деца. Првиот преглед се прави од четвртата до шестата недела по породувањето. Потоа се повторува на секоја една до три недели се додека не заврши развојот на крвните жили. Ако се дијагностицира ретинопатија, лекувањето почнува кога ќе се достигне т.н. праг на РН. Во овој случај интервенција треба да се направи најдоцна за 72 часа. Ретинопатијата е најчеста во периферниот дел на мрежичката. Можноста да се јави ова заболување е поголема ако плодот е млад и има мала породилна тежина. РН се развива кај 66 отсто од децата што се раѓаат полесни од 1.250 грама, а кај 82 отсто од новороденчињата што се полесни од 1.000 грама. Кај децата родени од 23. до 26. недела зачестеноста на РН е 65 отсто, а кај родени во 27-28 недела, 38,3 отсто. Точниот механизам за развој на РН не е познат, но се смета дека таа се развива во два чекори. Почетното оштетување настанува поради намален крвен притисок, намалено или зголемено количество кислород, што предизвикува стегање на крвните садови, намалување на дотурот на крв во мрежичката и нарушување на нормалниот процес на развој на крвните садови. По овој стрес, жилите може да се развиваат нормално или, пак, да растат абнормално. Новите крвни жили се пропусливи поради што предизвикуваат отоци и крвавење во очите. Лекувањето се изведува со уништување делови од мрежичката што немаат крвни жили. Се применуваат две постапки - криотерапија и ласерска фотокоагулација. Криотерапијата буквално значи лекување со смрзнување, а до 1990 година била единствена постапка за лекување РН. Постапката вклучува смрзнување на периферната мрежичка преку очниот ѕид. Се изведува под локална или општа анестезија. Ласерската фотокоагулација се прави со диода или аргонски ласер. Оваа постапка подобро се поднесува од криотерапијата, бидејќи има помал број несакани ефекти. Ласерското лечење може да предизвика појава на катаракта, но степенот на ризик се уште не е утврден. Се смета дека катарактата поретко се развива кога фотокоагулацијата се прави со диода, а не со аргонски ласер. Одвојувањето на мрежичката делумно или потполно се лечи и по хируршки пат.
|
|
|
|