ripce -> RE: Пробиотици (28.1.2010 19:26:53)
|
Функционална храна и пробиотици Функционална храна е храна со посебен состав и нутритивен квалитет, која покрај традиционалните нутриенси, содржи функционални (биоактивни) компоненти и има специфичен дополнителен ефект врз здравјето и во намалувањето на ризикот од болести. Функционалната храна може да биде природна храна, модифицирана традиционална храна, или нова храна. Постојат пет начини една храна да се направи функционална и тоа: 1. Елиминирање на некои состојки за кои се знае дека имаат штетно влијание врз здравјето на луѓето (на пример, алергени протеини); 2. Зголемување на содржината на некои природни состојки во некоја храна до одредено ниво кое може да го има саканиот ефект, на пример, поголема концентрација на некој микроелемент со кој ќе се овозможи поголем внес од препорачаниот, без да се надмине штетната доза, за спречување на некои болести; 3. Додавање на некои состојки кои вообичаено не се составен дел на некоја храна, но се со докажано благотворно дејство (на пример, пробиотски фруктоолигосахариди како храна на пробиотските млечно кисели бактерии) 4. Замена на некој макронутриенс, чиј внес обично е поголем и предизвикува штетни последици по здравјето (на пример, мастите), со состојки кои можат да имат позитивен ефект врз здравјето (на пример, инулин, прехранбени влакна) 5. Подобрување на биорасположивоста (модификација) на состојките во храната за кои се докажани позитивните ефекти врз здравјето. Со цел функционалната храна да се користи за подобрување на јавното здравје, потребно е максимална поврзаност на здравствените научни сознанија базирани на докази поврзани со храната и намалување на ризикот. Пробиотици во улога на функционална храна Цревна флора Иако многу луѓе мислат дека бактериите се штетни, постојат многу бактерии кои се многу корисни за нашиот организам. Во нашите црева има трилиони бактерии кои нормално тука живеат и придонесуваат да бидеме здрави. Нарушување на рамнотежата на „добрите" бактерии се јавува при стрес, за време на користење на антибиотици, како и кај луѓе кои имаат хронични воспалителни болести на цревата како collitis ulcerativа и colon irritabile. Што е тоа пробиотик? Пробиотици се „добри" бактерии кои ги има во храната или во суплементи кои можат да го подобрат нашето здравје со балансирање на „добрите" бактерии во цревата. Нив ги има во ферментирани млечни пијалоци и некои јогурти, а исто така и во суплементи како таблети, капсули. Пробиотиците се безбедни за користење за луѓе од сите возрасти, со исклучок на лица кои имаат болест или состојба со која е нарушен имунолошкиот систем како карцином или ХИВ. Во секој случај пред користење најдобро е да се консултирате со диететичар или вашиот матичен лекар. Како функционираат пробиотиците? Основата на функцијата на пробиотиците е да учествува во балансирање на цревната флора. Кога се внесуваат пробиотици преку храната или како суплементи тие почнуваат да се натпреваруват со „лошите" бактерии за храна и простор и на тој начин ги уништуваат „лошите" бактерии. Пробиотиците исто го стимулираат имуниот систем подобро да се бори со инфективните агенси и настинките. За што се користат пробиотиците? Многу истражувања кои се направени се со цел да се види каков ефект имаат врз здравјето и одредени болести, меѓутоа само мал дел од ефектите се евидентни. • Користење при земање на антибиотици Антибиотиците се корисни за борба против бактериски инфекции, меѓутоа тие прават и големи промени во балансот на „добрите" бактерии во цревата, кој може да резултира со појава на дијареа. Сите 25 студии кои се направени докажаа дека пробиотиците штитат од појава на дијареа кај лица кои земаат антибиотици. За да има ефект тие треба да се земат веднаш на самиот почеток на користење на антибиотикот, и да се користи најмалку една недела по завршување на антибиотиците. • Синдром на иритирани црева (Irritable bowel syndrome) Кај пациентите кои го имаат овој синдром имаат наизменично менување на дијареа и опстипација пропратени со болка и дување на стомакот. Со повеќе студии е докажано дека кај овие пациенти има нарушување на балансот на добрите бактерии и затоа кај нив се препорачува да направат тест со земање на пробиотици во период од 4 недели да се види дали има подобрување. • Превенција на егзем кај децата Некои деца имаат голем ризик кај нив да се јави атопичен егзем кој е и многу болен. Ризикот се јавува посебно доколку постои фамилијарна анамнеза за постоење на атопичен егзем кај еден или двајцата родители. Затоа се правени испитувања при кои, на мајките кои се бремени со плод кој има големи шанси да развие егзем, во периодот на целата бременост и првите 6 месеци на бебето (ако се дои) им се даваат пробиотици. Притоа е докажано дека бројот на деца кој развиле егзем до нивната 4-та година е преполовен во однос на контролната група . • Хронични улцеративни болести на цревата како Colitis ulcerativa и Morbus Chrone Тоа се две воспалителни болести на цревата кај кои се јавува дијареа, крварење од цревата, дуење и болки во стомакот како и големи промени во балансот на цревната флора. Докажано е дека користењето на пробиотици кај улцеративниот колитис има ефект, што не може да се каже и за кај Кроновата болест. • Патување во егзотични земји Патување во далечни непознати места и јадење на тамошна локална храна е интересно и забавно, но тоа може да придонесе да добиете несакан сувенир – патувачка дијареа. Докажано е дека при користење на пробиотици за време на целото патување се намалува можноста за појава на патувачка дијареа. Некои пробиотици тешко може да стигнат до цревата бидејќи ги уништува киселата средина на желудникот. И покрај тоа единствен начин да се намножат „добрите" бактерии во цревата е да се конзумира храна која го подржува нивното размножување како: кромид, лук, аспарагус, артичока, банана (храна која содржи јагленихидрати и влакна). Исто така може како дополнување да се внесе преку јогурт со пробиотик, како и во форма на суплементи кои се наоѓаат во специјална форма на капсули кои ја поминуваат желудечната киселина неоштетени и ги ослободуваат пробиотиците во цревата каде тие се размножуваат и го одржуваат балансот. Сепак пред користење на какви било суплементи кои содржат пробиотици најдобро е да се консултира матичниот лекар или диететичар. Извор ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
|
|
|
|