Еца -> RE: Светски ден на борбата против сидата (1.12.2009 11:30:00)
|
Еве една лична исповед која ја имам веке поставена во темата поттикнувачки приказни, но сепак заслужува да се најде и тука. ИЗВОРНА ПОРАКА: Еца Зошто јас? Се согласи да разговара само преку Интернет. Псевдоним - Калимеро. Триесет години. Дијагноза - ХИВ. Оваа девојка две и пол години живее со прашањето: Зошто јас? Избегнува да се ракува, да се гушка и да се бакнува, иако знае дека преку нив не може да им нанесе зло на луѓето. Калимеро на своја кожа чувствува што е ХИВ. Таа е млада жена што турка низ животот со толку тежок товар, а сепак со голема ведрина. Кога првпат се сретнавме на Интернет, два пати ја прашав како е. Веднаш ја препозна збунетоста кај мене, па за да се оправдам, реков: - Првиот беше за почеток на муабет, а вториот за да дознам како си. Се насмеа и одговори: „Не сум толку страшна и лоша". - Кога и како дозна дека носиш вирус – прашав. - Пред две и пол години. Јас сум тазе – се насмеа. Но, тогаш ништо не чувствував. А и сега ништо не чувствувам. Не се забележува - одговори Калимеро. - Се сомневаше на ХИВ и појде да направиш тест? – прашав. - Не. Дури и се имам шегувано за тоа. Ама, гледаш... Не знаеш што ќе те снајде во животот. Решивме со еден пријател да направиме повеќе здравствени тестови. За мене првиот тест беше позитивен, па се одложија останатите - раскажува Калимеро и додава: Искрено, немав бурен сексуален живот во смисла на често менување партнери. Нормално, кога сум во врска, немам обичај или желба да менувам партнери. Сакам да сум со една личност. Внимавав на тоа да користам заштита, иако се работеше за долга врска. Но (не)нормално секогаш, ама секогаш постои девизата дека го познаваш човекот со кого си во врска и некогаш не користиш заштита. Калимеро знае од кого го добила вирусот. Биле во подолга љубовна врска. Кога дознала дека е ХИВ-позитивна, врската била прекината. Нејзиното поранешно момче сега е починато. Никогаш не се соочила со него за вирусот. Не одговори зошто. - Не знам дали свесно ми го пренесе вирусот и не знам што да кажам во врска со тоа. Не можам да говорам во туѓо име. Можам само да претпоставувам. Се знаевме неколку години, ама очигледно воопшто не сме се знаеле – објасни нашата соговорничка. Најчестото прашање кои минува низ главата на Калимеро е: Зошто? Вели дека нема временски период за соочување со вистината дека си ХИВ позитивен. - Пријателот беше првиот кој дозна за мојот ХИВ статус, бидејќи бевме заедно на тестирањето. Плачев многу. Јас и по природа сум плачка, па едно кило солзи излегоа од мене. Бев изгубена и престрашена да не сум го пренела вирусот. Не мислев толку многу на себе, колку на луѓето околу мене. Сепак, потоа, на моменти бев и доста прибрана. Сакав да го преспијам периодот, мислејќи дека додека спиеш не мислиш на статусот – ни објасни. Глумата пред околината е првиот заштитен механизам. Но и покрај тоа, раскажува Калимеро, се однесуваш многу чудно. - Сега животот ме тера напред. Гледам почесто да имам ангажмани, едноставно да бидам зафатена за да не мислам на вирусот. Знам дека сум свесна личност, знам дека можам и сакам уште многу работи во животот да направам. Тука некаде заврши првиот дел од разговорот со Калимеро. По долго молчење еден од колегите кои го следеа муабетот праша: - Што е ХИВ, лоша среќа или последица од лошо однесување. Ние секогаш го поврзуваме со промискуитетни луѓе и наркомани. Зошто Калимеро има вирус? - Се прашав дали и кога ќе умре – изусти друг колега и набргу додаде: -Ама сите ќе умреме еден ден. Како јас ќе знам дека долго ќе живеам или дека утре нема друга лоша среќа да ме погоди. Дали должината на животот е мерило за квалитетот? Нашата соговорничка е исклучително трпелива девојка. Со часови одговараше на прашањата кои ѝ ги поставуваме. Насмеано нè прекори за деталите за кои ја прашувавме, но сепак зборуваше за нив. - Ништо не чувствувам за човекот кој ми го пренесе вирусот – вели Калимеро. Не чувствувам омраза, ако мислиш на тоа. Не знам, старите велат така требало да биде. Сега не можам ништо да променам. Единствено да имам убав живот – додаде. Само мал број на луѓе од околината на Калимеро знаат дека е носител на вирусот. За нив вели: - Знам дека им е многу тешко. Моите пријатели не можат да си ги видат гримасите кога разговараме. Читам од нив колку им е мака. Се обидуваат да ме утешат. Јас многу често се шегувам за мојата состојба. Сакам да ги развеселам. Не сакам тажни лица. Калимеро може многу лесно да ве засрами со својата позитивност. Ве тера да размислувате на филозофски животни прашања. Ве потсетува дека сте прочитале илјадници мудри мисли на кои климате со главата за тоа како треба да размислувате или да се однесувате. Барем десет од нив можете да кажете наизуст. Но ви текнува и дека ви испаруваат од глава штом ќе ја затворите влезната врата и се нервирате поради гужвата во сообраќајот. Ни откри дека е вљубена. Но, нема партнер. - Во една личност сум вљубена бидејќи несебично ја дели мојата тага и радост. Вљубена сум во добрите луѓе околу мене, во сонцето бидејќи дава живот, во музиката бидејќи го раздвижува моето тело. Вљубена сум во животот што одминува, вљубена сум до уши, а и подалеку – се смее Калимеро. -Љубов е Господ, Бог. Да сакаш, да те сакаат, да делиш тага, болка, среќа. Љубов е светлина што ми го покажува патот по кој одам, темнина во која ги гледам сите ѕвезди на небото, музиката е љубов, допирот од дожд, топлите и ладните бои... Не знам, можеби грешам, ама љубов се и пеперутките во мојот стомак и сè она што нè прави добра личност - додава со забелешка дека „забегува" со одговорите. Вели дека не знае како би се однесувала кога ќе се отвори прашањето за можен заеднички живот со некого. - Не можам да претпоставувам. Сакам спонтани работи. А, нормално со некоја личност што би ја делела мојата „тајна" – објаснува Калимеро. Додека разговаравме, се обидуваше да ни каже нешто повеќе за ХИВ позитивните и болните во земјава. Вели дека познава само дел од нив, зашто повеќето ретко се согласуваат на заеднички средби. - Имам неколку пријателчиња и речиси сите се интересни на свој начин. Има од различна националност, со различно образование и различни сфаќања. Од интелектуалци, до социјални случаи. Некои потешко комуницираат од страв да не се дознае за вирусот, други се многу позитивни личности со ведри лица. Не сме имале многу средби бидејќи се плашат – вели нашата соговорничка. Вели и дека совршено ги разбира, зашто ги мачат истите работи. - Ме мачат мислите дека можеби не ќе можам да работам со целата сила и енергија, не ќе можам да напредувам на работното место, да не имам лоша терапија. Страв ми е дека би ме избркале од работа доколку дознаат, дека многу брзо ќе ме снема, дека нема да имам можност уште многу работи да направам, да проживеам, да видам. Ме мачат тешките, мрачни мисли, болката, загубата од некој близок – додава. Токму поради вирусот, Калимеро има организиран и дисциплиниран живот. Има поретки средби со пријателите отколку порано, редовни оброци, се труди да одржува физичка и ментална хигиена. Вели дека не оди на козметичар, а на гинеколог и стоматолог исклучиво со препорака од д-р Стефановиќ. - Добар е третманот на моите лекари и сестрите. Но сè уште постојат договарања и скришни закажувања со луѓето кои се поврзани со оваа проблематика. Една докторка, откако ми препиша упат, веднаш појде да си ги измие рацете иако воопшто не се допревме. Од друга страна, пак, секогаш ми е достапна мојата докторка за сите прашања, консултации и договарања. Колку и да е стереотипно, разговорот со Калимеро го завршивме со барање за порака, главно за младите. Се насмеа и го потврди заклучокот. - Да, стереотипно е. Но колку пати и да го дадеме одговорот, се плашам дека нашите луѓе повторно ќе се однесуваат по правилото: „Од едно уво влегло, од друго излегло". После сами ќе сме си криви. Еве, би рекла да бидат претпазливи при изборот на партнер, секогаш да користат кондоми. Сигурна сум дека половина од нив не користат, не мислејќи на последиците. Секогаш нека мислат на тоа дека нема копче што би те вратило наназад и би ги променило работите – го заврши разговорот нашата соговорничка.
|
|
|
|