ripce -> RE: CTG (Фетален монитор) (28.1.2010 19:19:17)
|
Срцевите малформации се откриваат во 16. недела од бременоста Трудниците треба навреме да се информираат за ултразвучната дијагностика во најраното откривање на можни вродени срцеви малформации Вродените срцеви малформации (ВСМ) заземаат значајно место во патологијата на вродените аномалии на фетусот. Тие учествуваат со 20 отсто од перинаталната смртност во групата вродени аномалии кај фетусот и со повеќе од половина од смртноста поради вкупните вродени малформации во детството. Последните епидемиолошки статистики покажуваат дека инциденцата на ВСМ кај мртвородени фетуси се движи околу 27,5 на 1.000, а кај новородени од 6 до 8 на 1.000. Според податоците на референтните центри, кои се занимаваат со оваа проблематика, асоцираноста на хромозомските нарушувања кај фетусите со ВСМ е околу 32 отсто во споредба со нарушувањата кај новородените, кои се движат од 5 до 10 отсто. Асоцијацијата на ВСМ кај фетусот со другите вродени аномалии се движи до 41 отсто. Информациите од референтните центри зборуваат за хипотетичко можно стекнување ВСМ како резултат на интраутериното затворање на отворот на преградата меѓу предкоморите на срцето (forame ovale) или на крвниот сад (duktus botali). Тргнувајќи од овие сознанија, потребата од рана дијагностика на ВСМ се наметна како императив. МЕТОДОТ ГАРАНТИРА ТОЧНОСТ Брзиот експанзивен развој на ултразвучната дијагностика, особено со појавата на ултразвучните апарати со висока резолуција, како и техниката Доплер, овозможија подетално иследување на морфологијата на феталното срце. Структурната морфологија на феталното срце, ехографски дијагностички е достапна од 16 недела на гестацијата со користење на стандардниот трансабдоминален ехогафски пристап. Користењето на трансвагиналниот ехографски пристап, кој е можен помеѓу 10. и 16. недела, овозможува уште порана дијагностика на ВСМ, која е од особен интерес кај ВСМ асоцирани со генетски синдроми. Денес е јасно дека вродените срцеви малформации се резултат на мултифакторните нарушувања, кои во 90 отсто од случаите резултираат од комбинацијата на надворешната средина и генетскиот фактор. Феталната ехокардиографија како неинвазивен ултразвучен метод во најраната дијагностика на ВСМ се карактеризира со специфичност од 98 отсто, сензитивност од 92 отсто и точност во поставената дијагноза до 96 отсто. Главните индикации за фетална ехокардиографија се базираат на специфични ризични фактори, кои потекнуваат од фетусот, мајката, семејството и експонираноста на надворешната средина. Поради се повисокиот процент на ВСМ кај фетусите на трудници без ризик, кој се движи меѓу 25-38 отсто, феталната ехокардиографија се наметна како рутински скрининг во препаталната дијагностика на структурните малформации на феталното срце. Информираноста на трудницата за постоењето на оваа неивазивна ултразвучна дијагностика во најраното откривање на можни ВСМ е од многу битно значење. Феталната ехокардиографија ги користи стандардните ехокардиографски техники: едно- и дводимензионална, техниката Доплер и колор Доплер. Техниката Доплер е метод без кој денес не може да се замисли иследувањето на феталниот кардиоваскуларен систем. Особено значење има колор Доплерот, кој овозможува рапидна визуализација на кардиоваскуларниот протек на крв кај фетусот. Денес, според податоците на водечките референтни центри, се смета дека околу 20 отсто од феталните срцеви малформации можат да се дијагностицираат само со колор Доплер. Предностите на овој метод се големи. ВСМ се откриваат во најрана фетална фаза, родителите се сигурни за состојбата на феталното срце, ако фетусот е носител на ВСМ може да се планира времето и местото на раѓање блиску до кардиолошки центар, можна е терапија кај феталните срцеви аритмиии, можно е прекинување на бременоста кај комплексните кардиопати асоцирани со генетски пореметувања. Методот овозможува и научни сознанија за развојот и текот на ВСМ, индикација за одредување кариотип кај ВСМ поради високиот процент на асоцијација со хромозомски аномалии, како и перспективна фетална интервентна кардиологија и кардиохирургија.
|
|
|
|