Julie1 -> Концерт во чест на Тоше Проески (8.1.2010 22:21:39)
|
Новите балади на Тоше пред скопската публика Најголемите бивши ЈУ-ѕвезди ќе допатуваат на концерт во Скопје за да отпеат песни напишани од перото на Проески „Тоше и пријателите“ е работната верзија на новиот постхумен албум на најголемата македонска пејачка ѕвезда што ќе биде промовиран на денот на неговиот роденден, 25 јануари 2010 год., за кога е предвидено да се одржи голем хуманитарен концерт во чест на нашата икона. Според најавите, во Скопје се очекува да пристигнат неколку големи ѕвезди од бившите ЈУ-простори, блиски пријатели и соработници на македонскиот пејач, кои ќе настапат со песни напишани од перото на Тоше Проески. Станува збор за композиции, околу осум, што се создавани во последните две години од животот на Тоше, во периодот од 2005 до 2007 година, од кои најголемиот дел се балади. „Осумдесет отсто од песните се балади што ги компонирал Тоше. Според сатницата на записите, сите се правени по полноќ, очигледно тогаш Тоше имал најголема инспирација“, ни откри Славен Ристески, зет на Тоше и дел од организацијата на претстојниот концерт. Тој додаде дека дел од песните се веќе снимени. „Деталите се' уште не можам да ги откријам, зашто моментално се работи на нив и воопшто, на целокупното сценарио. Во игра се две-три варијанти околу тоа како ќе изгледа концертот, но можам да кажам дека на него ќе бидат изведени седум или осум песни компонирани од Тоше, а меѓу нив ќе се најде и песната, отпеана од Тоше, „Још увијек сањам да смо заједно“ на Мирослав Рус. Тоа е една од најубавите песни што воопшто сум ја слушнал. На неа е работено речиси една година, а сите инструменти се снимени во живо, квалитетот е на највисоко ниво. Но, кога станува збор за пеењето... Е тука навистина немам зборови со кои би можел да го опишам“, додава Ристески. Конечниот список на пејачи што ќе ги пеат песните, напишани од Тоше се' уште не може официјално да се потврди. Моментално сите работи и подготовки се одвиваат на релација Скопје – Белград - Загреб - Сараево и секојдневно се одвиваат контактите со останатите автори кои на музиката на Тоше создаваат текстови, аранжмани, продукција... „Тоа се луѓето што соработуваа со Тоше до последниот ден од неговиот живот, луѓе што бескомпромисно и веднаш се согласија да бидат дел од проектот што ќе го одбележи концертот. Меѓу нив се: Мирослав Рус, Никша Братош, Миро Буљан, Марина Туцаковиќ, па авторот што ја напиша „Несаница“... Одбрана екипа автори кои добро го познаваа Тоше и неговиот менталитет, размислувањата, душата. Кога Никша Братош и Миро Буљан ги преслушаа беа премногу изненадени од тоа колку Тоше бил голем композитор и особено им беше драго што тие треба да ги довршат, доаранжираат, иако некои од нив имаа дури и свој аранжман што го направил Тоше“, вели Ристески. Сите песни ќе бидат ставени и издадени на носач на звук, а албумот ќе се продава во земјава, но и надвор од неа, во регионов, и ќе биде подзасилен со неколку видеоспотови кои би требало да го промовираат уште подобро. Меѓу другото се очекува да се затвори и прашањето околу дефинитивната локација на одржувањето на концертот во чест на Тоше. Арената „Филип Втори“ или втората варијанта - затворен простор (во зависност од капацитетот ќе се избира меѓу салата „Борис Трајковски“ и „Метрополис арена“ на Скопски саем) се веројатните локации на кои е предвидено да се одржи големиот настан. Многу прашања и дилеми се појавија по презакажувањето на терминот, кој наместо на 5 октомври, се префрли на 25 јануари, а можната локација, арената „Филип Втори“ отвори дополнителни прашања, особено ако се има предвид дека предвидениот термин е во зима кога временските услови се променливи, а ниските температури доминантни. „Ако може плоштадот во Скопје да биде полн за дочекот на Нова година, зарем луѓето не би можеле да издржат два часа на Градски стадион?“, вели Ристески. Во меѓувреме, додека да се договори точната локација за одржување на концертот, подготовките за претстојниот концерт во чест на Тоше продолжуваат со полна пареа. Измешани емоции, неизвесност, трепет и очекувања се мешаат пред 25 јануари. Отстапки од терминот овојпат нема да има, а деновиве ќе се знае и конкретно дали концертот ќе се одржи точно на роденденот, ден што се паѓа на почеток од работната недела - понеделник или ќе биде организиран ден порано, на 24 јануари за да се искористи викендот кога најголемиот дел од луѓето не се на работа. Патем, концертот ќе се одвива исклучиво во живо, онака како што Тоше ги организираше своите настапи на кои никогаш не пееше на плејбек. Како организатор и овојпат се јавува интернационалната фондација „Тоше Проески“, а покровител е повторно Владата на РМ. „Средствата што ќе се соберат од овој хуманитарен концерт ќе бидат наменети за манастирот „Св. Преображение“ во Крушево, каде што градежните работи се во полн ек, но со оглед на тоа што манастирот е оддалечен 7 км од Крушево, во место што е надвор од јавната електрична мрежа, потребна е поголема инвестиција за електрификација и комплетно осветлување на манастирскиот комплекс“, истакна директорот на фондацијата „Тоше Проески“, Андреј Николоски во своето последно соопштение до јавноста.
|
|
|
|