mother 29
|
Лапароскопски третман на вонматерична бременост Иако денес при лекувањето на вонматеричната бременост некогаш се претпочита третманот со метотрексат (цитостатик), а во редок број случаи и класичниот оперативен метод, од повеќе причини предност би требало да им се даде на оперативните лапароскопски зафати. Лекувањето со метотрексат понекогаш е со неизвесен исход, додека, пак, што се однесува до класичниот оперативен метод, иако пациентите некогаш сметаат поинаку, нејзината ефикасност не е поголема од лапароскопската, а заздравувањето трае подолго. Светските искуства покажуваат дека нема место за стравување и се поголем број лекари се решаваат за лапароскопски третман. Всушност, во големите медицински центри во светот последните 10-15 години лекувањето на вонматеричната бременост се извршува исклучиво со лапароскопскиот метод, поради тоа што времето на заздравување е многу пократко, а шансите пациентката потоа да забремени се многу поголеми отколку по класичниот оперативен метод. Во основа со лапароскопски третман може да се лекуваат сите видови вонматерична бременост, освен при шокови состојби, во случаи кога пациентката има значително зголемена телесна тежина, во случаи кога постои прилепување на внатрешните органи како резултат на претходни оперативни зафати во малата карлица или кога станува збор за интерстицијална вонматерична бременост (присуство на зачетокот во најтесниот дел од јајцеводот). При лекувањето на вонматеричната бременост со лапароскопски зафат постојат две можности: салпингектомија (отстранување на јајцеводот) и салпинготомија (отстранување на вонматеричната бременост низ мал отвор на јајцеводот). Одлуката дали ќе се избере едниот или другиот вид оперативен третман во голема мера зависи од изгледите пациентката да забремени по третманот. Салпинготомијата, или конзервативниот лапароскопски третман, се изведува така што по внимателниот лапароскопски преглед на јајцеводот се прави надолжен рез на ѕидот на јајцеводот на местото со најголема надуеност, по што зачетокот од јајцеводот се отстранува со вшмукување или со вреќичка (ендобег). Салпингектомијата, или радикалниот лапароскопски третман се изведува во случај на руптурирана (прсната) вонматерична бременост или континуирано крвавење, кога главната цел не е да се зачува репродуктивната способност на пациентката, туку да се зачува нејзиното здравје и животот. Таа најчесто се изведува со биполарна коагулација. Лапароскопските третмани може да се користат во 98 отсто од случаите на вонматерична бременост и дава можност за третман на напредната вонматерична бременост. Компликациите кај овие методи, особено во текот на операцијата се многу ретки, и веројатноста за нивна појава зависи пред се од техничката опременост и вештината на операторот. Статистиката покажува дека при салпингектомијата стапката на неуспех изнесува околу шест отсто, додека, да дадеме споредба, при третман со метотрексат стапката на неуспех се искачува меѓу 10 до 15 отсто. Опасноста од компликации или неуспех по салпингектомија зависи од повеќе работи. Главна причина за неуспех на зафатот може да биде некомплетното отстранувањето на јајцеводот. Можноста за неуспех е поголема и кога вонматеричната бременост била во поодмината фаза и титарот на бХЦГ бил повисок. Овие компликации се избегнуваат со контрола на титарот на бХЦГ една недела по извршената операција. По лапароскопските третмани на вонматеричната бременост изгледите за плодност и бременост се различни. Дали пациентката потоа ќе може да забремени зависи пред се од нејзината медицинска историја: дали и порано се јавила вонматерична бременост, дали имало воспаленија на јајцеводот, дали јајцеводот бил обтуриран или морфолошки изменет, како и дали има прилепување на органите во малата карлица. Во секој случај, самата појава на вонматерична бременост предупредува дека постојат патолошки промени во тубата, кои и самите по себе би можеле да бидат причини за неплодност. ИЗВОР.ДНЕВНИК
< Поракaта ја уредил mother 29 -- 18.11.2009 13:03:15 >
(Одговор на членот stefi)
|