ripce
|
Сепак имало нешто... 30.01.2009 ОТКАКО СРБИЈА ПОВЛЕЧЕ СЕДУМ ТОНИ СОМНИТЕЛЕН „АПТАМИЛ“ Инспектори во потера по бебешкото млеко со црни точки Инспекторите на Дирекцијата за храна вчера итно ги проверуваа сите резерви на млекото за доенчиња „аптамил 1“, произведено од германската фирма „Милупа“, откако агенциите јавија дека во Србија ова млеко е повлечено од пазарот под сомнеж дека може да биде опасно за здравјето. Српскиот пазарен инспекторат утврдил дека во анализираните примероци на храната за бебиња „аптамил“ се содржеле црни грутчиња од „туѓи материи“, кои можат да бидат опасни за здравјето, не прецизирајќи го нивниот хемиски состав. Во официјалната информација од Инспекторатот само се наведува дека овие состојки не можат да се растворат во вода, а хемиските анализи ќе бидат готови по десет дена. По овие сознанија, од српските аптеки се повлечени 7.200 килограми од млекото во прав „аптамил“, кое се користи како замена за мајчиното млеко. Среќна околност е што неквалитетното млеко лесно се забележувало, па родителите воопшто не им го давале на децата. По овие информации, македонската Дирекција за храна одржа итен состанок и испрати на терен повеќе инспектори за да проверат дали и во македонските аптеки има „аптамил“ со сомнителен квалитет. До затворањето на весникот немаше официјална информација за наодите на инспекцискиот надзор. - Секторот за инспекциски надзор ќе ги проверува сите пратки на ова млеко увезено по серии и од нив ќе ги зема потребните параметри за проверка на безбедноста и на сите својства на млекото. Доколку се утврди каква било сомнителна супстанција, со одлука на Секторот за инспекција, тоа веднаш ќе биде повлечено од пазарот - изјави вчера д-р Божин Петрески, раководителот на Секторот за инспекциски надзор од Дирекцијата за храна. Вештачката храна за доенчиња „аптамил“ ја има во македонските аптеки и е многу користена. Генерален увозник на ова млеко е фирмата „Аксон трејдинг“ од Скопје. Во оваа фирма велат дека не треба да се крева паника затоа што оваа реномирана храна за бебиња се произведува во 250 различни погони и фирми од групацијата „Даноне“ во повеќе земји во светот. Не мора да значи дека во Македонија е увезен „аптамил“ токму од истата пратка што стигнала во Србија и за која се смета дека е неисправна, велат во оваа компанија. Државниот инспекторат во Србија излезе и со официјална информација дека станува збор за млекото „аптамил 1“ со датум на производство 10 октомври 2008 година, со рок на траење до 10 април 2010 година, и со сериски број 28404, впишан покрај баркодот. Во фирмата, која е главен дистрибутер за Србија, велат дека вакви грешки се можни при пакувањето на храната. - Станува збор за карамелизирани честички од сува материја за кои е нормално да се појават во овој производ и кои на висока температура ја менуваат бојата - изјави Милорад Бучан, претставник на фирмата-увозник на „аптамил“ за Србија додавајќи дека е уверен оти овие состојки не се опасни за здравјето на децата. Иако нашиот сектор за инспекциски надзор е вклучен во системот РАСФФ со седиште во Брисел, за брзо известување при откривање на увезена неквалитетна храна, досега македонскиот инспекторат не добил известување од Брисел за „аптамил“ со сомнителен квалитет. Во ваквите инцидентни случаи, кои не се откриени навреме, се интервенира така што се прават дополнителни анализи при јавување на каква било информација за неисправност на производите, велат во инспекторатот. Првите анализи се охрабрувачки Почетните резултати од микробиолошките и од физичко-хемиските анализи на земените мостри, направени во лабораториите на РЗЗЗ, покажуваат дека се е во ред со производот - информира вчера Дирекцијата за храна. Фирмата што е увозник ги има сите дозволи и сертификати, а серискиот број на пратката „аптамил“ е ист како тој што е испорачан во Словенија, каде што не е повлечен. Инспекторите се уште се на терен, во магазинот на фирмата што е увозник, и секое пакување поединечно се проверува - се вели во информацијата.
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."
(Одговор на членот ripce)
|