Херпесот е полово пренослива болест ( ППБ ) предизвикана од herpes simplex virus ( тип 1 и 2 ). Се појавува речиси подеднакво и кај машката и кај женската популација, со најголема застапеност меѓу адолесценти и млади од 20-29год. Честотата е директно поврзана со бројот на секс.партнери, сексуалните навики ( орален или анален секс ), и социоекономските услови за живот.
Тип 1 и 2 ХСВ може да се излачи од кожните промени додека болеста е манифестна, но и од плунка, секрет од око и гениталии. Затоа личноста скоро секогаш се заразува со ХСВ-2 преку незаштитен сексуален однос со личност која има генитален херпес. ХСВ-1 предизвикува херпес на устата, а во генитална регија може да се пренесе преку орално-генитален сексаулен контакт со инфицирано лице.
Најчесто инфекцијата поминува асимптоматски или со минимални знаци.
Инкубацијата е од 7-14 дена, а типична промена која се забележува е во вид на едно или повеќе меурчиња, на црвена основа во предел на гениталиите или анусот, пратени со јадеж, локална болка или пецкање на зафатената регија.Може да се јават и општи знаци на инфекција ( малаксаност, покачена температура и сл.) Во својата еволуција, меурчињата прскаат, оставајќи ситни ранички кои зараснуваат за 2-4 недели. Во анална регија пратени се со болна и отежната дефекација.
И покрај повлекување на симптомите, Херпес симплекс е вирус кој се задржува во клетките на организмот и има склоност да се повторува спонтано или при пад на имунитетот, стрес, други болести но секоја следна епизода е пократка и полесна од примарната ( во просек од 2-10 епизоди годишно ).
Најчесто лицата не се свесни за својата инфекција, заради што е отежната навремената дијагноза. Таа може да се постави преку инспекциски преглед и утврдување на типичната промена; преку земање примерок од раната и од него да се изолира вирусот или во него да се докаже вирусниот антиген ( со ЕЛИСА, имунофлуоресценција и др.). Крвните тестови кои ги докажуваат антителата против ХСВ 1,2 го олеснуваат поставувањето на дијагнозата.
Кај возрасни лица ХСВ тип2 може да предизвика долготрајни и болни генитални ранички, може да доведе до воспаление на мозокот и неговите обвивки, или пак лицата кои имаат ген.херпес може да бидат суспектни за ХИВ инфекција. Кај жени се поврзува со појава на рак на грло на матка.
Кај трудници, кои во текот на бременоста имаат активен ген. херпес, постои ризик за пренесување на инфекцијата на новороденото во тек на породувањето, заради што се препорачува породување со царски рез.
Не постои лек кој може да ја излекува херпетичната инфекција, иако постојат лекови како Ацикловир, со кои може да се скрати траењето на епизодата и да се спречи повторно манифестирање.
Правилна и постојана употреба на латекс кондоми при сексуален однос е најсоодветна заштита од ХСВ, иако понекогаш кондомот не ја покрива херпетичната раничка и сепак може да дојде до инфекција. Затоа ако еден од сексуалните партнери има генитален херпес, најдобро е секуално да се апстинира до губењето на симптомите.
_____________________________
Животот е убав за оние кои знаат да го живеат.