СКАНДАЛОЗНА НЕИНФОРМИРАНОСТ НА ЖЕНИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД НЕСАКАНА БРЕМЕНОСТ
"Кока-кола" место контрацепција
Д-р Татјана Гуржанова била шокирана од изјавите на млади и образовани луѓе, кои кажале дека како контрацепција користат "кока-кола", ракија и сода бикарбона, и оти немаат потреба да користат кондом, анти-беби пилули или каков било друг вид контрацепција пн. Според статистиката, од 1.000 жени во Македонија, дури 20 прават абортуси, а во последно време се во пораст тинејџерските абортуси, односно прекинувањето на бременост кај девојки од 15 до 19 години
Над 61 процент од жените во Македонија никогаш не користеле никакво средство за контрацепција, а во моментов контрацепција користат само 24 отсто. Од нив 17 отсто употребуваат кондом за партнерот, а само 1,6 отсто антибеби пилули. Овие податоци се добиени од истражувањето кое во јуни годинава го спровела маркетинг агенцијата "Брима Галуп" на 500 испитанички на возраст од 15 до 49 години. Испитувањето е правено по европски прашалник за свесност за контрацепција, на барање на фармацевтската компанија "Баер фарм", по повод Светскиот ден на контрацепцијата 26 септември.
Според податоците од истражувањето, 94 отсто од младите на возраст од 15 до 19 години воопшто не користат средства за контрацепција, а од 72 до 84 отсто од повозрасните жени воопшто не користеле никаков вид контрацепција, која лекарите ја препорачуваат за да се спречи несакана бременост и последиците кои потоа доаѓаат.
Лекарите велат дека ниското ниво на употреба на контрацептивни средства е резултат на неинформираност, страв дека антибеби пилулите ќе предизвикаат последици врз здравјето на жената и немање навика да се побара помош и совет од здравствените работници.
"Бев шокирана од изјавите на млади луѓе на една од трибините за свесноста за контрацепција. Не само што воопшто не користат никаква контрацепција ниту некогаш се посоветувале со лекар, туку кажаа дека како контрацепција користат 'кока-кола', сода бикарбона и ракија. Според нивните објаснувања, 'кока-кола' ставале во вагината по сексуалниот чин. Велат дека немаат потреба за контрацепција, бидејќи нивните методи секогаш функционирале. Од друга страна, пак, според студиите на медицинските установи, најмал процент на несакана бременост има кај адолесцентите кои минале некаков облик на сексуална едукација во основните и во средните училишта", рече д-р Татјана Гуржанова на вчерашната презентација.
Нискиот процент на употреба на контрацепцијата, според лекарите, е една од главните причини за појава на несакана бременост, а потоа и на абортуси, кои значително влијаат врз репродуктивното здравје на жените.
Испитувањето покажало дека 24 отсто од испитаничките имале по еден абортус, а еден процент од нив имале и по девет абортуси.
Д-р Бранкица Младеновиќ од секторот за превентивна заштита при Министерството за здравство рече дека од 1.000 жени во земјава, дури 20 прават абортуси, и дека во последно време постои пораст на тинејџерски абортуси, односно кај девојки од 15 до 19 години. Таа објасни дека Министерството за здравство подготвува стратегија за контрацепција и репродуктивното здравје, во која акцент е ставен токму на младите луѓе кои на се помала возраст стапуваат во ризични сексуални односи. (Е.А.)
извор: Вест
< Поракaта ја уредил Elena -- 1.10.2009 18:13:58 >
_____________________________
Животот е убав за оние кои знаат да го живеат.