Законот ги ограничува меѓународните посвојувања на биолошките баби и дедовци. Поставувајќи ги домашните посвојувања како приоритет, тој им дозволува на странците да посвојуваат романски деца само ако чекорите за нивно згрижување од страна на локалните семејства не бидат успешни. Меѓународните посвојувања на деца под двегодишна возраст се, исто така, забранети. Покрај тоа, законот забранува фондациите да делуваат како посрединици во процесот на посвојување, но дозволува учество на овластени странски здруженија. Евентуалната улога на некои невладини организации во процесот е ограничена на давање заштитни услуги при сместувањето на децата во семејства и родителска помош, или на активности кои имаат за цел нивна реинтеграција со семејствата. Законот предизвика негодувања помеѓу американските семејства чии случаи на посвојување беа во тек кога Романија ги забрани меѓународните посвојувања во 2001 година, следејќи го извештајот со остри критики на бароницата Ема Николсон, известувачот на Европскиот парламент за Романија, како и барањата што потоа уследија од страна на официјалните претставници на ЕУ.
Осудувајќи ја, како што ја нарече, „профитабилната трговија со деца“, Николсон ги критикуваше властите за „постојано напуштање на децата, злоупотреба на деца и запоставување“ и дури ги обвини властите дека продаваат бебиња. Опишувајќи го системот на детска заштита во земјата како корумпиран „од врвот до дното на хиерархијата“, таа предупреди дека ако истиот не биде променет, би можел да им наштети на шансите на Романија за пристап во ЕУ. Во име на американските семејства, чии апликации за посвојување на 250 романски деца беа замрзнати со стапувањето на сила на забраната, американскиот претседател Џорџ В. Буш го покрена ова прашање при состаноците со романските водачи кои го посетија Вашингтон во јули, неколку недели по усвојувањето на новиот закон.
Една меѓународна фондација за помош на децата, во меѓувреме, се спротивстави на овој закон, велејќи дека тој нема да им дозволи на семејствата да се обединат. „Сурово е и неправедно спрема илјадници деца и родители во целиот свет, на кои им беа доделени децата пред сегашниот мораториум“, објави фондацијата „Ничии деца“. За време на посетата на Букурешт во октомври францускиот премиер Жан-Пјер Рафарен говореше за основање на комисија која ќе ги провери меѓународните посвојувања на романските деца. Се вели дека помеѓу стотиците странски семејства кои чекаат нивните апликации за посвојување да поминат, има и околу 50 француски парови. Вршејќи притисок за наоѓање решение, уште едно тело, Заедничкиот совет на меѓународните детски служби, се состана со високи американски официјални претставници во средината на декември, при што, исто така, повика на формирање на комисија, која би ја сочинувале „објективни советници кои ќе понудат техничка помош за тоа како случаите да бидат разгледани на еднаков, транспарентен и етички начин“. Голем број западни семејства, кои беа засегнати од мораториумот на меѓународните посвојувања, сега се надеваат дека новите романски власти -- и особено претседателот Трајан Басеску -- ќе преземат чекори за процесирање на случаите кои се започнати и подобрување на нивниот целокупен процес на посвојување.