ripce
|
Шумовите на срце во детската возраст се честа појава, но во најголем број не се знак на сериозна болест. Тоа се звучни "феномени" што настануваат од турболенцијата на крвта , при движење низ срцевите шуплини и низ крвните садови. Ако турболенцијата се создава низ срце со здрави структури, шумовите не се патолошки - тоа се невини шумови. Постојат и органски шумови, кои се создаваат од абнормални срцеви структури. Најчесто - стеснување (стеноза) на валвулите (залистоци), стеноза на крвните садови, лабави валвули, отвори (дефекти) на септален ѕид на срце. Тие можат да бидат вродени или, пак, стекнати (поради прележана ревматска треска). Органските шумови, т.е. шумовите што настануваат поради абнормалности на срцевите структури често се проследени со други клинички симптоми: заостанување во телесната тежина, тахипнеја (забрзано дишење), рецидивантни респираторни инфекции, преголемо потење, брз замор при напор, помодрување при напор. За поставување на дијагноза потребно е упатување во повисока специјализирана установа и дополнителни иследувања: електрокардиограм, рендген, ехокардиограм и други. Децата што се без симптоми најчесто не се лекуваат, но постојат препораки за радикално лекување на секоја инфекција, превенција со давање на антибиотици при мали хируршки интервенции (вадење заб, тонсилектомија...), а со напредок на кардиохирургијата постои можност за оперативно лекување. Невини (функционални) шумови се тие што настануваат кај анатомски и функционално здраво срце и крвни садови. Не се проследени со други клинички симптоми - се работи за здрави деца. Кај околу 35 отсто деца во определен период од детството се слуша невин шум. Речиси кај половина од новородените во првите денови на живот постои невин шум, кој подоцна исчезнува. Интензитетот на невините шумови се зголемува при тахикардија (забрзана работа на срцето) од која било генеза, било поради возбуда , покачена температура, слабокрвност. Причини за појава на невини шумови се: анемија (поради намалена вискозност на крвта), покачена температура (зголемен аутпут на срцето), поради тенок граден кош кај децата често се слушаат шумови, најверојатно поради нормалната турболенција на крвта низ срцето и крвните садови. Клиничкото значење на невините шумови на срцето е во тоа што непрепознаени и погрешно протолкувани можат да поттикнат комплицирана и долготрајна дијагностичка постапка и да ги оптоварат и родителите и детето со страв од болест. Родителите треба да сфатат дека се работи за безопасна појава, дека срцето на детето е здраво, дека не се потребни никакви иследувања ниту какви и да е ограничувања на физичката активност на детето.
|