Негативни Ефекти од Видео Игри
Најлошите коментари во врска со негативното влијание на видео игрите врз децата се однесуваат на содржините со насилство. Во видео игрите насилството е присутно постојано. Според научната студија на Anderson & Bushman од 2001 година децата кои играат видео игри во кои има насилство имаат агресивни и насилни мисли, чувства и однесување. Кај овие деца намалено е сочуството за другите и потребата да помагаат.
Во многу видео игри, играчот добива награда или оди на повисоко ниво ако е понасилен , на пример ако “убие повеќе непријатели”. Во текот на играта детето постојано гледа насилство, убиства, прободување со ножеви, пукање и слично. Ваквото активно учество во “убиства” и нивно повторување може да стане и вообичаено однесување на детето.
Многу истражувања го потврдуваат ова но, истражувањата на Henry Jenkins од институтот за технологија од Масачусетс (Massachusetts Institute of Technology) покажуваат дека постои намалена стапка на криминал од малолетници во период во кој видео игрите се најпопуларни односно дека видео игрите не се во директна врска со насилството во реалниот живот.
Тој од направените истражувања заклучува дека децата се способни да ги заборават емоционалните ефекти предизвикани од играта. Тие кога ќе престанат да играат ги забораваат истите. Но, има и такви кај кои периодот на интензивно играње видео игри се поклопува со насилно однесување.
Кога децата многу време поминуваат играјќи видео игри може да се случи да се изолираат од врсниците, да ја намалат комуникацијата со родителите, браќата и сестрите.Исто така може да ги намалат другите активности како што се домашни задачи, спорт и интересот за училиштето. Тоа би бил добар знак за родителите дека нешто не е во ред и дека е време нешто да се превземе.
Видео игрите помалите деца може да ги збунат односно да ја изгубат границата меѓу реалноста и фантазијата. Исто така често пати видео игрите имаат пораки со погрешни вредности. Затоа што се наградува насилството, како на пример колку непријатели се убиени. Насилното однесување е единствената опција. Нема можност конфликтот да се реши со преговори или други мирољубиви начини.
Резултатите од едно истражување направено од Argosy University‘s Minnesota School on Professional Psychology полажуваат дека зависниците од видео игри се расправаат со своите наставници, се караат со своите пријатели и имаат слаби оценки во школо. Исто така се утврдило дека учениците кои многу играат видео игри отсуствуваат од училиште токму поради тоа. Многу ученици и сами изјавиле дека слабите оцени се резултат на нивната зависност од видео игри.
И покрај тоа што некои научници тврдат дека кај децата се подобрува концентрацијата, сепак игрите можат да го намалат вниманието и да ја намалат способноста за концентрација на подолг рок.
Видео игрите, заради долготрајното седење може да има лоши ефекти и врз здравјето како што е дебелина, видео напади, оштетувања на рбетот,синдром на карпален тунел.
Истражувањата на National Institute for Media and the Family Minneapolis велат дека децатa можат да станат зависни од видео игри и поради тоа да станат депресивни и анксиозни и да покажуваат социјални фобии.
Од сите овие набројани негативни и во предходниот пост, позитивни ефекти од видео игрите врз воспитувањето и развојот на децата, родителите се ставени пред донесување на една многу внимателно проценета одлука. Произлегува дека родителите не треба да им ги збранат игрите на своите деца и со еден одречен збор “не може” да го реши проблемот.
Напротив денешните деца се родени во светот на компјутерите и тие се дел од нивниот живот и не е добро да им се одземе правото да живеат во него. Но, родителите имаат одговорност и обврска да го надгледуваат своето дете не само колку игра видео игри туку и колку и што гледа на телевизија, на ДВД, какви филмови итн.
Скоро во сите истражувања се истакнува дека агресивните деца потекнуваат од дисфункционални семејства, деца кои се воспитуваат со казни од агресивни родители без љубов и внимание.
Педијатрите од The American Academy of Pediatrics препорачуваат родителите на децата да им понудат и други видови забава па така детето нема да биде зависник од една. Но тоа бара од родителите поголема посветеност кон своите деца, повеќе време проведено со нив, разговор, разбирање и почит. Американската академија за педијатрија препорачува децата да не поминуваат повеќе од 1-2 часа дневно гледајќи телевизија, ДВД, видео игри и сите други електронски медиуми.
Најважно е да се следи однесувањето на детето, какво е влијанието на видео игрите врз неговото однесување. Секое дете не реагира подеднакво. Ако детето станува агресивно према своите браќа и сестри или спрема врсниците тогаш треба да се спречи да игра. Меѓутоа ако се заинтересира на пример за историја или прашува за тоа како се прават видео игрите тогаш тие се корисни за него.
Како да изберете видео игра?
Најважно е да размислите и така да одлучите што е најдобро за вашето дете. Ако мислите дека не треба да игра насилни игри тогаш треба да му објасните зашто тоа би било лошо за него.
При купување да се провери рејтингот на играта. Обрнете внимание на насловот и сликите на опаковката. Можете да ги прочитате критиките за играта на интернет. Понекогаш се случува насилниот дел од играта да се наоѓа во повисоките нивоа. Затоа постојано надгледувајте го своето дете.
Пред да купите видео игра размислете за психолошката и емоционалната зрелост на детето.
При изборот на игрите треба да се води сметка не само за содржината на насилство и вулгарност туку и за тоа колкав ментален ангажман бара играта. Недоволната психичка и ментална зрелост на детето може да има негативни долгорочни ефекти.
_____________________________
Life is not the amount of breaths you take, it''''''''s the moments that take your breath away