Ден на дрвото
1
10.11.2009, 14:06
8680
Незаборавната изјава на уметникот дека „Не сме само ние жители на планетета, и шумите се жители како и ние„ и дека „Треба да се прогласи ден на жалост кога масовно умираат шумите„ ја зароди и осемени големата идеја кон реализација. Иницијатива на г-дин Трајанов, ја прифатија група ентузијасти, започнувајќи го проектот Ден на дрвото – засади ја својата иднина.
Ексклузивата на оваа идеја е оригиналниот зафат – секој граѓанин на земјата да засади по едно дрвце – и тоа во само еден ден! Блескавата метафора за себепрераѓање преку раѓање на нов живот на шумите - сонот за пошумена Македонија, во само еден ден стана убава зелена стварност во која - беа засадени два милиона и педесетишест илјади садници, колку што Република Македонија има жители! На 12 март 2008 година се спроведе првата акција на која жителите на земјата масовно излегоа да засадат дрвца. Реки народ се придвижуваа кон подготвените терени, кои беа уредно распоредени од стручните лица на „Македонски шуми„. Познатите јавни и естрадни личности излегоа да помогнат во повикувањето на народот. Акцијата беше повеќе од успешна и веќе околу пладне, за чудо, недостигаа садници за секој жител. На 13 март Македонија се разбуди озеленета, облагородена, а секој граѓанин се вдахна себеси, вградувајќи се, засадувајќи ја својата иднина некаде во младите идни шуми.
Македонија се прочу во светот по добро...
По шест месеци, на 28 октомври 2008 се спроведе и втората акција на која се засадија шест милиони садници! И покрај драматичните временски непогоди, студот и снегот не ги спречија илјадници луѓе да ги напуштат топлите домови и со невиден ентузијазам да се упатат кон предвидените локации и кон големата мисија за својата земја.
Покрај македонските естрадни ѕвезди, втората акција ја збогатија и ѕвезди од соседните земји, како познатите: Шола од Хрватска, Бојан Маровиќ од Црна Гора, Бајага од Србија, Жељко Бебек од БИХ, како и истакнатиот поет Љубомир Левчев од Бугарија.
По завршувањето на втората акција, светот повторно дозна за Македонија. Блескав беше одгласот на речиси сите странски медиуми кои ја истакнаа Македонија во своите ударни гласила.
На 14 март 2009 се спроведе и третата акција, на која за еден ден се засадија дури пет милиони дрвца! Силниот ветар не ги поколеба граѓаните кои масовно излегоа да ги исполнат браздите со млади садници. Организираниот превоз и воопшто организацијата ја направи акцијата уште поуспешна.
ДИПЛОМАТСКА И МЕЃУНАРОДНА ПОДДРШКА
Акцијата наиде на одличен одзив кај сите земји во соседството, регионот и пошироко.
Амбасадорите од сите странски земји со радост ја прифатија иницијативата да бидат дел од тимот кој помага во озеленување на просторот. Вистински настан беше кога со свои раце садеа иднина и странските амбасадори во Македонија.
Меѓу највпечатливите изјави е онаа на холандската амбасадорка, Нејзината Екселенција, г-ѓа Симоне Филипини: „Кога во 14.30 часот се враќав од ридот кај Рафинеријата видов цела река народ што не се враќаше со мене, туку се качуваше, и со ентузијазам прашуваа – дали и за нас останаа дрвца за садење!
Уште од првиот момент акцијата ја поддржа и Европската унија, и тоа преку личното срдечно учество на Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Неговата Екселенција Ерван Фуере.
Имаме поддршка и од други странски организации и фактори.