Јас не могу веруват, да сви би сакали да посвоје малена беба, кад има толико многу деце без родителја.
ОГРОМЕН ИНТЕРЕС И ПРЕБИРЛИВОСТ ПРИ ПОСВОЈУВАЊЕТО
http://vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabid=1&EditionID=2039&ArticleID=142265
За осум бебиња се тепаат 453 двојки
Валентина Стојанчевска
Дури 453 двојки сакаат да посвојат дете, но сите се заинтересирани за посвојување на осум бебиња, кои се целосно здрави. На посвојување во домовите за деца без родители чекаат уште шеесетина деца, кои се болни или повозрасни, но нив никој не сака да ги посвои, информираат од Министерството за труд и за социјална политика. Досегашната практика покажала дека потенцијалните родители најмногу сакаат да посвојат бебиња бидејќи се плашат дека со поголемо дете тешко ќе воспостават врска или, пак, сакаат посвојувањето да го држат во тајност. Меѓутоа, поради неколкугодишната процедура за посвојување, која може да трае и до десет години, како и поради тоа што дел од родителите што ги оставиле децата во домовите не се откажуваат веднаш од родителското право, децата растат, а потоа никој да не сака да ги посвои. Надлежните објаснуваат дека во домовите за деца без родители има згрижено неколку стотина деца, меѓутоа нивните родители не се откажале од родителското право, поради што децата не можат да се дадат на посвојување. Поради ова со последните измени на Законот за семејство државата доби право да го даде детето на посвојување ако во рок од една година родителите не се јават трипати на повикот од социјалните работници. - Се случува одредени родители, кои со години ги оставаат децата во дом, да не се откажат од родителското право. Потоа децата растат и многу е помал бројот на лица што сакаат да ги посвојат. Затоа во измените предвидовме одземање на родителското право доколку во рок од една година родителот не одговори по три повици - истакна Џељаљ Бајрами, министерот за труд и за социјална политика, при објаснувањето на измените. За забрзување на процедурата за посвојување, како и за оневозможување на корупцијата, Министерството за труд и за социјална политика веќе една година најавува и нов компјутерски начин на избор на посвоители, но никако да почне да функционира. - Новиот начин на избор на посвоителите се уште не функционира, но за повеќе информации обратете се во Министерството за труд и за социјална политика - кратко ни одговори Крсте Маљаноски, директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје. Според се уште нереализираната идеја на Министерството, која беше најавувана и во 2007 година, компјутерот ќе биде тој што, според дадените критериуми, ќе укаже на најсоодветните пет брачни двојки за одредено дете што треба да се посвои. - За едно дете системот од регистерот на посвоители ќе избере пет потенцијални посвоители со соодветни карактеристики. Посвоителите под шифра, без да се знае нивното име, ќе стасуваат до комисијата во Министерството за труд и за социјална политика, која ќе донесува одлука за изборот на посвоители - велат од службата за информирање на Министерството. Оттаму, исто така, објаснуваат дека Комисијата што ќе ги избира родителите има 15 членови. Од тие 15 членови на денот на седницата, кога треба да се решава за посвојување, компјутерскиот систем ќе избира кои пет членови ќе решаваат на седницата. Тоа значи дека ниту еден член нема да знае однапред дали ќе присуствува на дадената седница.