Актуелната концепциска поставеност на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби е регулирана и интегрирана во Законот за основно образование, Законот за средно стручно образование и, глобално, може да се презентира како:
* крајната цел на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби е иста или слична на оние од ,,редовната популација”;
* воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби организирано е во посебни установи и училишта, посебни паралелки при редовните училишта, како и во ,,редовните класови”, заедно со неговите врсници;
* задолжителноста на основното воспитание и бразование се однесува и на децата и младинците со посебни образовни потреби, освен за оние со умерени и тешки пречки во психичкиот развој за кои, исто така, е организиран воспитно - образовен процес, програмиран и адаптиран на нивните индувидуални можности и потреби;
* наставните планови и програми се адаптирани (модифицари, редуцирани, растоварени), во различна мера, согласно видот и степенот на попреченоста;
* законска и стручна заложба е што помасовно овие ученици да се образуваат во местото на живеење, што значи условите да се доближат до нив, а не тие до условите, во случаи кога тоа е можно;
*децата со посебни образовни потреби ги имаат истите права на образование како и другите, согласно своите интелектуални и други можности, амбиции и интереси.
Ваквата нормативна поставеност на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби, е добра основа за негово понатамошно доградување и усовршување.
Ако се направи споредба со образовната политика за овие ученици, со развиените земји, може да се констатира дека, во глобала, многу нормативни решенија се идентични или многу блиски со оние кај нас.
Разликите се согледуваат во степенот и квалитетот на нормативното оживотворување, што се должи на економското и културното ниво, традицијата, предрасудите, како и низа останати фактори.
извор Биро за развој на образованието
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."