Мајките често реагираат со страв кога ќе видат исип по кожата на детето. Исипот може да настане од храна, медикаменти, аерогени или супстанции што се вдишуваат, од контактни супстанции (облека, хемикалии), од убод од инсекти, од глисти во цревата и многу често од вирусни и бактериски инфекции. Кожната алергија ја предизвикуваат сите видови алергени од животинско и од растително потекло. Тие влегуваат преку дишните патишта, храната и преку кожата. Кожната алергија, како и сите други алергични манифестации, се сретнува почесто кај деца со атописка конституција, кај деца чии обата родители се оптоварени со алергични заболувања. Алергичните реакции на кожата се разнообразни по вид и тежина и се: лесни и тешки алергиски реакции. Во лесни алергични реакции спаѓа алергичниот еритем на новороденчето. Тоа е црвено-розов исип што се појавува 3-5 дена по раѓање. Понекогаш може да биде дифузен по целото тело и со меурчина над исипот. Се должи на некои белковини од мајката што преку плацентата поминуваат во крвта на детето.
Уртикарија (копривка) се кожни промени, црвени едематозни плочи што поттикнуваат силен јадеж. Причините се многубројни: алергени од храна, месо, риба, јајце (адитиви), од лекови (антибиотици) аспирин, антибиотски масти аплицирани на кожата, од животинска лига (куче, маче), паразити (глисти ламблии), вирусни и бактериски инфекции, убод од инсекти.
Копривката се појавува со црвен исип издигнат над кожата во вид на плочи ограничени или споени во поголеми површини. Има бледи рабови или посветли точки во средината. Брзо се шири по целото тело и може да се изгуби за неколку часа или за неколку дена. Детето е вознемирено, има температура, болки во зглобовите и стомакот, повраќа и има пролив. Прво треба да се најде и да се отстрани причинителот - ако е храна да се направи висока очистителна клизма или да му се даде средства за брзо празнење. Диетата не треба да трае повеќе од 2 до 3 дена, без белковини. Строфулус се ситни папулки издигнати над кожата со меурче на површината. Се јавуваат по екстремитетите, а ретко на лице и на тело. Многу ретко се создаваат по телото и не се појавуваат во усната шуплина, на слузницата. Тие се со големина од зрно леќа до зрно грашок. Меурчето брзо се суши, станува струп и предизвикува јак јадеж. Се појавуваат некогаш при "излегување" на запчињата или при замена на млечната храна со општа. Нема потреба од терапија.
< Поракaта ја уредил ripce -- 5.1.2010 0:33:28 >