Ако не се оперира неспуштениот тестис, настанува стерилитет
Многу често родителите забележуваат дека кај нивните деца едниот или двата тестиса не се спуштени во кесата (скротумот). Тестисите, нормално, би требало да се спуштат во седмиот месец во развојот, кога детето е во матката кај мајката. Неспуштен тестис или крипторхизам означува патолошка состојба кога тестисот застанува или на првобитното место од развојот - во стомачната празнина - или на својот пат до скротумот, при што обично застанува во слабинскиот или ингвиналниот канал. Неспуштениот тестис го има кај околу 0,5 до 1 отсто од детската популација. Во околу 30 отсто, децата имаат едностран крипторхизам, а во околу 25 отсто од двете страни. Кај децата под тригодишна возраст активните мускули околу тестисот може да го повлечат тестисот нагоре. Тестисот во кесата може со прст да го спушти родителот или докторот. Тоа е таканаречен тестис мигранс - подвижен тестис. Таквите тестиси подоцна полесно се спуштаат во кесата и кај овие случаи не е потребна хируршка интервенција.
Ако тестисот застане на својот пат и не е спуштен во кесата, во своето физиолошко место, подоцна може да се појават проблеми - нарушување на излачувањето на сперматозоидите, таканаречена сперматогенеза, и како резултат на тоа да се јави стерилилет. Обично неспуштениот тестис го "следи" и ингвинална кила. Во тој случај многу лесно може да дојде до траума или до завртување на тестисот и на крвните садови во него, крвта недоволно да го снабдува ткивото, што резултира со пропаѓање на "племенитото" ткиво. Во ваков случај е неопходна итна хируршка интервенција. Обично кај таквите деца настануваат и психолошки нарушувања, бидејќи тие забележуваат дека нивниот тестис не е како кај другите деца. За да може да функционира нормално, тестисот треба да биде спуштен во кесата, каде што температурата е пониска од телесната температура. Ако тестисот не е спуштен и се наоѓа во стомачната празнина или во ингвиналниот канал, се развива на телесната температура и настануваат дегенеративни проблеми - "племенитото" ткиво се заменува со сврзно или 'рскавично ткиво и тестисот не може да ја врши својата функција. Обично овие промени настануваат пред и за време на пубертетот. Се смета дека возрасен човек со неспуштени тестиси станува стерилен. Затоа крипторхизмот треба по хируршки пат да се спушти во околу петтата година од животот. Покрај функционалните промени што настануваат како последица од неспуштениот тестис, се смета дека туморите кај децата со неспуштен тестис се почести за 30 до 50 отсто отколку кај децата со нормално спуштени тестиси. Дијагнозата на неспуштениот тестис се поставува со клинички преглед од детски хирург или уролог. Некои лекари на деца од 2 до 5 години им препорачуваат хормонална терапија. Овој начин на лекување треба да се изведе под контрола на ендокринолог. Единствен начин за спуштање на тестисот е хируршка интервенција. Оваа операција треба да се изведе внимателно за да не се оштетат крвните садови и каналчето што ги пренесува сперматозоидите во мочниот канал.
Ако се повредат крвните садови, особено артериските, може да пропадне тестисот, а ако се пресече каналчето, доаѓа до прекин на пренесувањето и на излачувањето на сперматозоидите. Се смета дека идеално време за оваа операција е петтата година од животот на детето. Со спуштањето на тестисот во околу петтата година, способноста за плодност изнесува повеќе од 80 отсто за разлика од луѓето со неспуштен тестис, кај кои тестисот обично ги губи функционалните вредности и стерилноста рапидно се зголемува.
Се препорачува родителите кога ги капат децата да им ги прегледуваат тестисите. Ако тестисите се подвижни, треба да ги спуштат со прстите, а ако воопшто ги нема, треба итно да посетат уролог или детски хирург.
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."