Кај т.н. примарна енуреза детето не научило никогаш да ги контролира сфинктерите, а кај секундарната енуреза ноќното мокрење се јавило по подолг период, во кој детето во тек на ноќта било суво.
Дали ноќното мокрење е болест?
- Не! Повеќето деца прекинуваат да мократ ноќе во кревет, некаде околу третата година. Помал дел го постигнуваат истото, нешто подоцна во тек на четвртата, петата или шестата година. Значи се работи за развојно успорување на функцијата на контрола на мокрењето, а не за болест.
- Сепак, иако поретко може да се работи за болест на уринарниот систем или невролошко пореметување, или пак во основа е психолошки проблем. Ова е почесто е случај кај секундарната енуреза.
Ноќното мокрење се сретнува кај 15-20% од децата на 5 годишна возраст, кај 7% од децата на седумгодишна возраст и само кај 1-2% од адолесцентите и адултите. Машките се застапени два пати почесто, во споредба со девојчињата.
Дали е дозволено да се искара или казни детето кое мокри ноќе?
Ноќното мокрење е фрустирачко и за детето и за родителите, предизвикувајќи чувство на самопотценување кај детето. Никогаш не треба да се лутиме ниту да казнуваме дете кое мокри ноќе, бидејќи тоа не го прави тоа волно. Обично се работи за фамилијарна склоност кон ноќно мокрење. Испитувањата покажале дека ако како дете мокрел таткото, шансата за ноќно мокрење кај детето е 39%, а ако мокрела мајката шансата е 23%. Ако мокреле двата родители шансата да мокри и детето е 77%.
Кои се причините за ноќно мокрење?
- Според една теорија, присутно е пореметување на сонот и центарот за будење во големиот мозок. Овие деца спијат многу длабоко и не се будат кога ќе добијат нагон за мокрење.
- Според друга теорија се работи за пореметување/недостаточност на хормонот од хипофизата, кој нормално се лачи во тек на ноќта и доведува до создавање на помала количина на мочка во тек на ноќта.
Која и да е причината, родителите имаат неколку опции да им помогнат на своите деца, во однос на овој проблем:
- Треба да се обидат да ја намалат количината на течност кое детето ја пие пред заспивање и во тек на ноќта. Под течност се подразбира не само внесувањето на вода или сокови туку и храна која содржи многу вода ( на пр. некои овошја или зеленчук). Непосредно пред да си легне детето треба да се измокри.
- Родителите треба да утврдат во кое време во ноќта се случува мокрењето. Ако го знаат времето, тие можат да го спречат помочувањето така што ќе го разбудат детето за да се измоча.
- Обидете се да го мотивирате детето и да му наметнете одговорност, така што ќе му предложите да води дневник, во кој ќе се забележуваат сувите ноќи. Може да делува стимулативно ако со некој мал поклон (но важен за детето) го наградите неговиот “успех“.
- Доколку претходните мерки не вродат со успех, следниот чекор e алармен систем. Пред легнување, алармот се става во пижамите и ако детето се помоча, во допир со мокрите пижами тој се огласува. Бидејќи овие деца спијат многу длабоко, тие често не се разбудуваат од звукот на алармот. Иницијалната цел е детето да се буди на звукот на алармот, потоа детето да се разбудува се порано, се додека не започне да се буди пред да се јави звукот на алармот, односно пред да дојде до помочување. Покажано е дека 3 од 4 деца кои користат аларм, по 6 месеци прекинуваат со ноќното мокрење. За жал, оваа можност не е секогаш достапна ( нема алармен систем).
- Во лекување на ноќното мокрење се користат и некои лекови кои не треба да се земаат самоиницијативно, туку само по индикација и упатство од лекарот. За таа цел може да се даваат ниски дози на лекови кои инаку се користат во лекувањето на депресијата, кои имаат ефект и на мокрењето (амизол, еупрамин) или пак антидиуретски хормон ( Минирин), со ефект на намалено создавање на мочка во тек на ноќта. Овој третман е одличен при кампирање или патување. Секоја година околу 15% од децата спонтано се излекуваат.
- Вашиот педијатар
- Клиника за детски болести, нефролошка амбуланта