Хуманост и имиџ на сметка на своите деца
Намерата за демистификација на животот на ѕвездите во новиов век се претвори во негова целосна вулгаризација.
Јасминка Павловска
Одамна, одамна во Холивуд не важи „ветото“ на приватноста, додека, пак, откривањето на интимноста се'' уште може да предизвика „сензација“, но, сепак, и таа има се'' покус рок на траење. Затоа Парис Хилтон треба позачестено да продуцира инциденти зашто, очигледно, да се биде само богата наследничка не е доволно за „дување во жарта“ на интересот на јавноста. Но, „умните“ жителки на Холивуд се чини дека ја открија формулата која функционира за подостоинствено, а во секој случај и исплатливо, промовирање на својата приватност - продавање на своите деца преку фотографии. Навистина, звучи несмасно, па дури и сурово, но и така може да се гледа на трендот на експонирање на своето мајчинство, дали со раѓање или со посвојување. Несомнено, во светскиот шоу-бизнис тренд е да се одржува имиџот на успешна ем уметница ем мајка. Па медиумите, Интернет-порталите, како и нивните консументи, постојано се на „штрек“ дали Анџелина Џоли ќе посвои ново дете некаде од првиот, вториот или третиот свет... Или ќе роди близнаци со Бред Пит, па повторно ќе има наддавање на магазините кој поскапо ќе ја плати првата фотографија од децата. Мадона, да не остане покусо, ги впрегнува своите адвокати да и'' пронајдат легално дете за посвојување, зашто со тоа што сакаше да го посвои излезе дека родителите и не се откажале баш од него. Папараците сон не ги фаќа дали Бритни Спирс ќе направи уште некој инцидент за да ги види своите родени деца, бидејќи судот ја прогласи за привремено неспособна да се грижи за нив. Како „компензација“ на материјалистичкото општество кон Бритни, таа добива процент од папарацо-фотките, каде што поп-пејачката е во главната улога. Дури и додека е хоспитализирана за залечување на своите психоемотивни нарушувања.
Во секој случај, раѓањето и посвојувањето деца е тренд што во Холивуд, а оттаму и во целиот виртуелен и реален свет, се прифаќа како позитивна општествена активност. А промовирањето на ситуацијата уште од првиот ден на бременоста или постапките на посвојување се доживуваат како неопходни чинови за популаризацијата на доброто дело. Навидум сите имаат корист - ѕвездите градат имиџ на хуманитарни и грижливи личности, со истата „добротворна намера“ можат да се оправдаат и магазините кои ги објавуваат фотографиите зашто, наводно, плаќајќи им на ѕвездите шест-седумцифрен износ во долари (или евра), донираат во хумани цели, јавноста има свои херои, макар и недопирливи... А дали децата ќе се здобијат со некакви фрустрации и комплекси поради нивната имиџ-медиумска експлоатација... одговорот е „рано е да се размислува“ или „ризикот е пресметан во материјалната компензација“.
За развојот на бебешкиот публицитет кај ѕвездите многумина ја обвинуваат Деми Мур, која во поодмината бременост, првпат гола, пред петнаесетина години ја фотографираше Ени Либовиц. Тогаш тоа беше прифатено како симпатичен потег, културно-уметнички реализиран, во кој имаше повеќеслојна провокација на табуата, но никој не се осмели да го нарече вулгарен. Но, во текот на годините, иако првичниот ефект беше надживеан, ѕвездите од Земјата тргнаа да ја „копираат сликата“ во своите животи, притоа вулгаризирајќи ја идејата и пораката на „Венети фер“, Ени Либовиц, па и на Деми Мур, дека убавите жени, ѕвездите на филмот, сепак живеат во реалниот свет, во кој се раѓа, живее и умира. Сосема е извесно дека и дотогаш ѕвездите од Холивуд имале деца (доказ се актерско-режисерските династии кои постојат веќе три-четири генерации: Фонда, Баримор, Хјустон...), брачни и вонбрачни, но услов за успешна кариера на актерките и пејачките било да се преправаат дека тие не постојат. Децата не се вклопувале во претставата за богови што сакале да ја создадат филмските студија, музичките продукции, агентите... за своите ѕвезди. Фотографијата на Деми Мур требаше да го демистифицира тој систем на создавање ѕвезди-богови. Но, далеку од тоа дека ги смени правилата на игра за успешна кариера. Покрај (не)примерното експонирање на своето мајчинство, евидентно е дека ѕвездите од женски род се'' повеќе тргнуваат во таа „авантура“ во четвртата, па и петтата деценија од животот, кога кариерата и материјалната сигурност се веќе стабилизирани.
Сепак, намерата за демистификација на животот на ѕвездите во новиов век се претвори во негова целосна вулгаризација. И покрај баснословните суми што се во игра за првите фотографии на новороденчињата на Џенифер Лопез, Кристина Агилера, Никол Ричи, Анџелина Џоли, на двојката Том Круз и Кејти Холмс, децата на Бекамови..., се'' остава впечаток на прилично евтина и приземна трансакција за „добар имиџ“.
Помалку или повеќе, и ѕвездите од нашиов регионален формат се трудат да ги копираат своите светски урнеци, па „нечие“ дете на „некој и нешто“ ќе прошета во некоја реклама, спот или барем ќе се појави на фотографија во весник. Но, за волја на вистината, тоа се'' уште нема добиено лукративни размери. Не затоа што нашите „ѕвезди“ не би играле така, туку затоа што медиумите се'' уште не плаќаат за таков публицитет. Обидите за плаќање „ексклузивни фотографии“ од некои свадби (секако за „хуманитарни цели“) минаа неславно, но кога станува збор за борбата за имиџ - никогаш не вели никогаш.
< Поракaта ја уредил виктори -- 5.4.2011 23:30:19 >