Поплавувањето, претераната влажност и застојаната вода може да придонесат за појава на мувла во вашиот дом, што може да биде опасно за вашето здравје и за здравјето на вашето семејство. Кога ќе се вратите во вашиот дом, обрнете внимание дали има видлива мувла или дали мириса на влага. Веројатно ќе се појават големи наслаги на мувла ако куќата била поплавена подолго од 2 дена. Пред да го испланирате чистењето, запомнете дека не е секое лице погодно да работи во влажни и можеби мемливи услови. Проверете дали членовите на семејството и доброволците што се нудат да помогнат се чувствителни на мувла.
Што е тоа мувла?
Мувлите се еден вида на габи (како печурките) што во мали количества се присутни речиси насекаде во куќата и надвор од неа. Луѓето се секојдневно изложени на мувли без да имаат никаква штета од тоа. На мувлите им требаат органска материја (на пример, лисја, дрво, хартија или прав) и влага за да растат. Мувлата често има зелена, сива, кафеава или црна боја и произведува мемлив мирис. Најчестите видови куќни мувли се Alternaria, Cladosporium,
Penicillium и Aspergillus. Мувлите ослободуваат безбројни ситни и многу лесни спори што се пренесуваат низ воздухот. Тоа се случува кога мувлите
се активно вознемирени (при чистење) или во суви услови (кога куќата се суши). Ако материјалите и предметите на кои се нафатила мувла не
се отстранат или добро не се исчистат, големите количества спори од мувла што се присутни во воздухот може да станат опасни за здравјето на членовите на семејството што се чувствителни на мувла кога тие пак ќе се вселат во куќата.
Кој може да биде чувствителен на мувла?
Мувлата може да предизвика напад на астма и да влоши некои други болести на дишните патишта и алергии. Знаците зависат од количеството спори во воздухот на кои е изложено лицето, како и од тоа колку е лицето чувствително на мувла.
Следните лица треба да избегнуваат да бидат присутни кога се вршат расчистувања или поправки после поплава:
• Деца (помлади од 12 години, особено бебиња)
• Бремени жени
• Луѓе постари од 65 години
• Лица на кои им е ослабнат одбранбениот систем на
телото, лица со алергии, со тешка астма, со хронични,
опструктивни или алергиски белодробни заболувања.
Можни штетни последици по здравјето поради изложеност на мувла
Луѓето може да бидат изложени преку јадење, дишење или допирање на спори од мувла. На луѓето што се чувствителни на мувла може да им се растече носот, да им се надразнат очите, да почнат пискливо да дишат
или да им се надразни кожата. Кај луѓето што се алергични на мувла може да се јават тешкотии при дишењето и губење на здивот. Кај луѓето на кои им е ослабнат одбранбениот систем на телото и кои страдаат од хронични белодробни заболувања како што е опструктивното белодробно заболување, може да се развијат инфекции со мувла во белите дробови. Ако кај било кое лице се појават здравствени проблеми откако било изложено на мувла, побарајте лекарски совет.
Дали треба да извршам проверка за мувлa?
Не. Подобро е да претпоставите дека внатрешноста на некоја зграда е зафатена од мувла ако:
• Зградата била поплавена подолго од 2 дена.
• Се создале видливи големи наслаги од мувла (поголеми
отколку пред поплавата).
• Има видливи оштетувања од водата или има силен
мемлив мирис.
За да се спречи растењето на мувлата, најважно е куќата да се
исчисти и исуши колку што е можно поскоро (во рок од 24 до
48 часа).
Што треба да носам за да се заштитам од мувлата?
Ако само наминувате во вашата куќа за да си ги земете работите, да видите колкава е штетата или да извршите некое основно расчистување во текот на кус временски период:
• Носете цврсти обувки и гумени или кожени ракавици.
• Најдобро е обувките да бидат водоотпорни и да имаат гумени ѓонови.
• Обично не е неопходно да носите маска за дишење
освен ако сте чувствителни на мувла.
Чистење на мувлата
Ако планирате да останете некое време внатре во куќата, или ако намеравате да ги чистите мувлосаните површини, носете и капа за туширање, очила и специјална маска за дишење (респиратор) за да го спречите вдишувањето на спорите од мувлата. Ако боледувате од астма а намеравате да чистите, постојано имајте ги при рака вашите лекови против астма. Ако почувствувате било какви знаци на астматичен напад, веднаш побарајте лекарска помош.
Што ако носам маска за дишење (респиратор)?
Специјалните маски за дишење (наречени ‘P1’ или ‘P2’) се погодни за прочистување на спорите на мувлата од воздухот. Тие може да се купат во повеќето продавници за алат и опрема. Обичните хартиени маски за заштита од прав, џебните шамичиња или шамиите обично не се корисни за
прочистување на спорите на мувлата од воздухот. Пред да одлучите да ставите некаква маска за дишење, размислете за следното:
• Може да ви биде топло и неудобно додека ја носите маската.
• Ако маската не налегнува добро околу лицето и устата (на пример, кај луѓето со брада маската не може добро да налегне), тогаш нејзината ефикасност е многу помала.
• Маската за дишење не ги прочистува гасовите како што е јаглеродниот моноксид.
• Маската може да ви го отежне нормалното дишење, па затоа секое лице со претходно срцево или белодробно заболување треба да побара совет од лекар пред да користи маска.
Мерки за намалување на мувлата после поплава
Напорите за отстранување на мувлата треба да се сосредоточат на:
1. Отстранување на целата застојана вода или на прекумерната влага од домот.
2. Отстранување на сите мокри или од поплавата оштетени материјали и предмети, вклучувајќи ѕидни тапети, гипсени ѕидни табли, теписи, ќилими,
постелнина, душеци, мебел, полнети играчки, облека и други влажни или оштетени материјали што не можат на соодветен начин да се исушат или исчистат.
3. Отстранување на сите порозни материјали (на пример, материјали што се меки или лесно впиваат) на кои се појавила мувла.
4. Привремено сместување на оштетените или отстранетите предмети надвор од домот (на безбедно, чисто, суво место како што е шупата или гаражата)
5. Чистење и дезинфицирање на сите зафатени површининво куќата, вклучувајќи ги ѕидовите, подовите, кујната, бањата и пералната.
6. Овозможување куќата темелно да се исуши преку проветрување или преку активно сушење (на пример, со вентилатори или апарати за отстранување на влагата од воздухот).
Отстранување на мувлата
Прв чекор - чистење
Во многу случаи производите за чистење за домаќинството може да ја завршат работата ако се користат правилно. Проверете ја налепницата на производот за да видите колкаво количество да употребите, на кои површини може да го
употребувате, како и мерките на претпазливост при мешањето со други хемикалии Чистете ги собите една по една. Најефикасно е чистењето со две кофи: едната кофа користете ја за плакнење, а другата за средството за чистење. Плакнете ги сунѓерот, крпата за под или крпата за чистење во кофата со вода за плакнење. Цедете ги колку што можете повеќе и држете ги цврсто свиткани кога ги ставате во кофата со средството за чистење. Ако користите две кофи, најголемиот дел од валканата вода за плакнење нема да
стигне до кофата со средството за чистење. Менувајте ја често водата за плакнење. Нанесете го средството за чистење и оставете време да дејствува пред да го избришете со крпа или со сунѓер. Откако ќе исчистите една соба или еден предмет, пребришете го уште еднаш со средство за дезинфекција за да ги уништите клиците и за да ја отстраните миризбата од водата од поплавата. Ако средството за чистење што го користите не ја отстранува мувлата, обидете се со следниот раствор:
• 1,5 чаша хлор за домаќинството на 10 литри вода (колку што собира една кофа за домаќинството).
Втор чекор - дезинфекција
Дезинфицирајте ги површините со средство за дезинфекција. Или пак употребете:
• 0,5 чаша хлор за домаќинството на 10 литри вода (колку што собира една кофа за домаќинството).
Сушење на куќата
Кога ќе се вратите дома после поплавата, отворете ги вратите и прозорците за да овозможите куќата да се проветрува колку што е можно подолго.
Откако пак ќе имате постојана и безбедна електрична енергија, користете вентилатори и апарати за отстранување на влагата од воздухот за да ја исушите куќата. Климатизерите и централното греење користете ги само ако
не се оштетени и ако не биле загадени од водата од поплавата. Ако се
сомневате дека се загадени со мувла или со вода од поплавата, немојте да ги користите овие системи пред да бидат исчистени и проверени од квалификувано лице.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
Никогаш немојте да го мешате хлорот со амонијак, со средства што содржат амонијак, ниту со било какво друго средство за чистење или прашок за перење. Немојте да користите раствор на база на хлор за чистење алуминиум, површини од челик што не рѓосува или линолеум. За нив користете прашок за перење за домаќинствата.