Зачнување - почеток на новиот живот Создавањето на новиот живот, односно зачнувањето не е воопшто едноставна работа. Она што се гледа надворешно е водењето на љубов помеѓу мажот и жената, но всушност зачнувањето претставува исклучително сложен процес, врз кој што влијаат многу фактори. За да се разбереј процесот на зачнување потребно е основно познавање на анатомијата на женските репродуктивни органи.
Градба на женскиот репродуктивен систем За разлика од мажот кај кој сперматозоидите се создаваат постојано, жените се раѓаат со околу 450 000 јајце клетки во јајниците. Во текот на плодниот период во животот на жената (од пубертетот до менопаузата) само околу 400 од нив ќе созреат и ќе бидат спремни за оплодување, а другите ќе изумрат. Месечниот циклус и зачнувањето За време на менструацијата кај жената доаѓа до лупење и исфрлање на ендометриумот, односно внатрешниот слој на матката од претходниот циклус. Со тоа започнуваат подготовките за зачнувањето. Хипфизата почнува со лачење на фоликуло-стимулирачкиот хормон (FSH) и лутеинизирачкиот хормон (LH). Зголеменото количество на FSH предизвикува да почнат да созреваат повеќе јајце клетки. Јајце клетките се наоѓаат во кесички полни со течност наречени фоликули. Секој циклус почнуваат да растат по неколку фоликули, но само еден од нив ќе стане доминантен и ќе созрее, останатите ќе изумрат. Од доминантниот фоликул ќе се ослободи созреаната јајце клетка . Понекогаш може да се случи да созреат повеќе фоликули и да дојде до повеќекратна бременост. Фоликулите пак кога ќе почнат да се развиваат почнуваат да лачат поголеми количини на хормонот естроген. Естрогенот овозможува задебелување на ендометриумот. Ова задебелување е неопходно за да се подотви место на кое бебето ќе може удобно да се смести. Откако ќе созрее јајце клетката, хипофизата ослободува поголемо количество на лутеинизирачки хормон. Ова е знак дека фоликулот треба да прсне и да се ослободи јајце клетката. Тоа се случува околу 36 часа по скокот на лутеинизирачкиот хормон. Ослободувањето на јајце клетката се нарекува овулација. Откако ќе се ослободи, јајце клетката е способна за оплодување само во наредните 12-24 часа. Тоа е времето кога жената може да зачне.
Моментот на овулацијатa, фатен на камера при лапароскопска операција Овулацијата се случува обично околу 2 недели пред наредната менструација. За менструален циклус од 28 дена тоа е некаде околу 14-от ден, но ова не е правило. Кај жените кои имаат поркаток циклус од 28 дена овулацијата обично е порано од 14-от ден, а кај оние со подолг циклус обично е покасно. Периодот од првиот ден на менструацијата до овулацијата се нарекува фоликуларна фаза. Откако ќе прсне фоликулот јајцеводите ја всмукуваат јајце клетката и започнува нејзиниот пат кон матката. Сперматозоидите пак навлегуваат во матката низ нејзиното грло и продолжуваат да се движат кон јајцеводите. Јајцеводите се местото каде што се случува средбата помеѓу сперматозоидите и јајце клетката. При ејакулацијата кај мажот се исфрлаат десетици милиони сперматозоиди, но само неколку десетини од нив ќе стасаат до јајце клетката. Останатите ќе изумрат заради неповолната кисела средина во вагината, некои нема да го пробијат патот низ грлото на матката, некои ќе залутаат во погрешниот јајцевод ит.н. Кога првиот сперматозоид ќе се пробие во јајце клетката, таа во истиот миг се запечатува и веќе не е достапна за другите сперматозоиди.
Моментот на средба на сперматозоидот со јајце клетката Оплодената јајце клетка започнува забрзано да се дели уште во јајцеводите и се нарекува зигот. Веднаш започнува нејзиниот пат до матката, каде бара погодно место на кое ќе може да се вгнезди. Обично патот до матката трае 3-4 дена. Кога ќе приситгне во матката зиготот се претвара во т.н бластоцицта и уште неколку дена кружи низ неа барајки погодно место за да се вгнезди.
Зигот вгнезден во матката Вгнездувањето на оплодената јајце клетка (или бластоцистата) се нарекува имплантација. Сперматозоидите можат да преживеат во јајцеводите 48-72 часа (понекогаш и повеќе). Така да до оплодување најчесто доаѓа ако сексуалниот однос бил 2-3 дена пред овулацијата или во текот на следните 12-24 часа. Доколку не дојде до оплодување, јајце клетката ќе се ресорбира. Во меѓувреме откако ќе прсне фоликулот и ќе се ослободи јајце клетката, фоликулот се претвара во т.н. Corpus luteum или жолто тело и почнува да го лачи хормонот прогестерон. Прогестеронот е уште познат и како чувар на бременоста. Ако не дојде до бременост, по околу 14 дена од овулацијата фоликулот пропаѓа и престанува да се лачи прогетерон. Престанокот на лачењето на прогестеронот е знак за телото дека е време за следната менструација и исфрлање на стариот ендометриум. Втората фаза од месечниот циклус, односно фазата од денот на овулацијата до почетокот на следната менструација е наречена лутеална фаза. Доколку дојде до бременост, од гестационата кеса, во која се наоѓа бебето и од плацентата ќе почне да се лачи трудничкиот хормон: хуман хорион гонадотропин или скратено hCG. Овој хормон сигнализира дека има бебе во матката и се запира доаѓањето на наредната менструација. Врз основа на присуството на овој хормон се изработени и домашните тестови за бременост. Во следните 36 недели бебето ќе продолжи да расте и да се развива во матката на мајката. Горниов текст е поедноставен приказ на она што се случува при зачнувањето на новиот живот. Се работи за многу сложени процеси и многу фактори кои треба да бидат задоволени за процесот да биде успешен. Можно е да не дојде до зачнување од повеќе причини. Доколку се обидувате да забремените, а тоа не се случило веднаш, немојте да очајувате. Се смета дека постои проблем со плодноста на брачниот пар, ако веќе една година имаат редовни, незаштитени сексуални односи, а сепак не дошло до бременост. После период од една година е препорачливо да се почне со испитувања.