Драга Маци,
Ја разбирам твојата загриженост и ја поздравувам твојата иницијатива да се дискутира и да се разгледа и другата страна на оваа тема. На почеток сакам да се оградам од секаква поврзаност со Би-Мек, или било која друга компанија која се занимава со презервација и транспорт на крв и ткиво од папочна врвца, јас сум идна мајка, која исто како тебе многу чита и се интересира за „другата страна“, не сум медицинско лице и не би сакала да се добие впечаток дека моето мислење е стручно. Во отсуство на одговор од некој од претставниците на Би-Мек, јас сакам да го споделам моето искуство од истражувањето за чување матични клетки, кои прашања ги поставив на вработените во банките за матични клетки и како стигнав до одлука каде да ги зачувам матичните клетки од моето сеуште неродено дете.
Прво, јас од поодамна имам позитивен став околу чувањето на матични клетки. Колку повеќе читав, толку повеќе сфаќав дека сакам да зачувам мат. клетки за моето дете. Освен извесни етички проблематизирања околу земање матични клетки од абортирани фетуси, други негативни страни од чувањето клетки не сретнав. Точно е дека третманот на болести со матични клетки сеуште е во почетна фаза (мислам дека истражувањата интензивно почнале да се прават од 2000 год.), меѓутоа, општото мислење на научниците и лекарите кои специјализираат по ова прашање е крајно оптимистично и ветува многу. Доколку медицината во наредниве 20 години успее да најде лек за некои од најлошите болести на денешницата, јас верувам дека матичните клетки ќе имаат значително голема улога во тоа. Или, ајде да го поставиме прашањето обратно, што ако имаш пари за скапо лекување, ама немаш зачувано мат. клетки од твоето дете? Губиш време, кое никогаш го нема, во обид да се најде соодветен донор и пак немаш сигурност дека третманот ќе е успешен и дека телото нема да го отфрли. Овој процент во случај на користење на клетки од исто дете е значително поголем и ветува многу поголема успешност во третманите. Секако, тоа не значи дека во меѓувреме ќе слушаме само позитивни примери за лекувањето со матични клетки, сигурно дека ќе има и неуспешни примери, како овој што го цитираш ти, меѓутоа кој би можел со сигурност да тврди дека дури и една најрутинска операција на слепо црево, на пример, не може да тргне на лошо. Животот не секогаш зависи од напредната медицина...
Сакам исто да ти одговорам и на прашањето околу цените на третманите со матични клетки. Тоа се секогаш скапи третмани, и ретко кое семејство може да си дозволи да плати таков третман, но во заблуда си ако мислиш дека тоа ги интересира банките за чување мат. клетки. Побарај од било која банка да ти испратат договор за презервација и транспорт на матични клетки, чисто да добиеш идеја како изгледаат тие договори, која банка што нуди, и за ШТО ВСУШНОСТ ПЛАЌАШ. Договорот кој јас го потпишав, освен услугите земање примерок, транспорт, процесирање крв и ткиво од папочната врвца на бебето, како и чување на истите во одреден период (10, 20 години), друга обврска кон тебе како клиент немаат. Секако, доколку има потреба од користење на матичните клетки, тие имаат обврска да ги транспортираат истите до било која дестинација по потреба на клиентот, услуга која исто така се напаќа. За тоа всушност плаќаме Маци, и затоа не верувам дека ќе добиеш одговор на прашањето за статистички податоци на успешност во лекувањето со мат. клетки, или пак какви се цените на третманите со мат. клетки, тоа едноставно не е нивна обврска, иако и јас би сакала да го знам ова.
Во однос на прашањето околу времето за транспорт, меѓународните медицински стандарди дозволуваат човечки примерок од овој вид да биде транспортиран во рок од 48 часа, инаку истиот нема да е употреблив. Во однос на ова прашање, ги имаш сите права да добиеш одговор. Лично јас сакав да знам кое е името на акредитираната компанија која ќе врши превоз на примерокот и дали е специјализирана за транспорт од овој вид, во какви услови ќе се врши транспортот (дали компанијата која врши транспорт има обезбедено посебни услови за транспорт на човечки материјал), дали временските услови може да влијаат врз примерокот.... Компанијата која ја избрав ми даде задоволителни одговори на сите мои прашања и ме уверија дека досега немале искуство со ненавремена достава, дури и кога европските аеродроми беа затворени, тие примерокот го доставиле по копнен пат.
Одговорот стана премногу долг, и за да скратам, сакам да ти ја препорачам (како и на сите други заинтереситани мајки и татковци) следнава веб страница: http://parentsguidecordblood.org/
Овие прашања ќе ти помогнат да ја избереш најдобрата банка за чување на матичните клетки од твоето дете: http://parentsguidecordblood.org/content/usa/banklists/questionnaire.shtml?navid=18
Веб страницата започнала да ја уредува мајка која ја изгубила својата 5 годишна ќерка од рак. За второто дете донела одлука да зачува матични клетки, и сите истражувања почнала да ги објавува на оваа страница. Подоцна, во 2007 станува непрофитна организација и основан е Борд на Директори (специјализирани лекари од оваа област), како и стручни научни и медицински советници.
На крај, ако некој сака да знае која банка за чување мат. клетки ја избрав, молам да ме контактира преку ПП.
Синоличка, нема потреба да се плашат мајките дека донеле погрешна одлука кога решиле да зачуваат мат. клетки во една или друга банка. Никој не згрешил, не сомневај се во твојата одлука и уживај!