Јас се породив во Систина пред 3,5 месеци и ова е моето искуство.
Прво, докторката Гордана Петровска ми ја водеше бременоста, но не ме породи таа. Дојде неколку пати во текот на породувањето, но не дојде во моментот на породувањето, иако и се јавија за да дојде. Пред да се породам прашав дали таа ќе ме породи и иако ме увери дека таа ќе ме породи, сепак не беше така. Исто е како и во државна болница, кој ќе ти се погоди на смена тој ќе те породи.
Ме породи д-р Бојаџиев со царски рез и беше неверојатно нежен додека ме прегледуваше, многу трпелив во најтешките моменти и за цело време на породувањето се чувствуваше дека ја има ситуацијата под контрола, што е многу важно. После породувањето и независно од редовните визити од гинеколози тој доаѓаше секој ден да ме прегледа и да ме праша како сум. Тој беше еден од навистина ретките лекари кои го правеа тоа.
Иако се пораѓав во приватна болница, јас воопшто не се чувствував како на одмор, или како да се луксузирам, туку баш како да престојувам во болница, со душа чекав да си заминеме дома. За разлика од државните болници, кои сите знаеме како изгледаат и во каква состојба се, во Систина (а верувам и во другите приватни болници) условите се баш НОРМАЛНИ. Да живеевме во нормална држава така би изгледале државните болници, но бидејќи живееме во Македонија, приватните болници ни се чинат луксузни... Значи чиста постелнина и ноќници секој ден, купатило во секоја соба кое се чисти сабајле и вечер, чисти пешкири и пресна храна. Визити имавме двапати дневно од гинеколози и двапати доаѓаа педијатри. Повеќето гинеколози кои доаѓаа на визита беа сосема незаинтересирани за пациентите и само рутински ги вршеа прегледите. Исклучок од ова беше доктор Бобан Сарџовски, и докторот кој мене ме породи, младиот Александар Бојаџиев.
Вработените во приватните болници се истите луѓе кои се родиле овде, се образувале овде и работеле овде, во наши услови. Истите луѓе прво работеле во државни болници и таму се однесувале во согласност со нивните морални и етички норми и не одговарале пред никој, за разлика од приватните болници, кои добро ги плаќаат, но и бараат од нив да се придржуваат кон стого утврдени правила. Иако во приватните болници лекарите се под позасилена контрола, тоа не ги спречува да се однесуваат како да работат во државна болница. Под учтивата површина се наѕира онаа добро позната ароганција и препотентност. Учтиви се со тебе само затоа што мора да се такви.
Сестрите и болничарките се посебна приказна, главно си ја вршеа работата, ама не сите. Една од тие сестри не сакаше да дојде да ми ја испрска раната и да ми измери температура, иако докторот и кажа да го направи тоа, а потоа и јас ја потсетив.
Секоја чест на исклучоци, пак ќе кажам, ги спомнав горе лекарите кои беа ептен внимателни и професионални кон пациентите, сакам овде да ги спомнам акушерките на породилното оделени кои беа неверојатно добри и трпеливи кон пациентите, посебно една сестра Светле (за жал само името и го знам). Таа беше присутна кога се породував и ќе ја паметам цел живот зошто таа (и маж ми) беше покрај мене за цело време. Е таа ја имаше онаа човечка топлина и љубов кон другиот, особина која сите кои се занимаваат со оваа професија би требало да ја имаат.
Моето бебе на 3-от ден доби инфекција, и мораше да прима терапија со антибиотици. Јас во бременоста немав никакви проблеми со инфекции, дури ни кандида немав, се породив со царски рез и пак бебето разви инфекција. Да се породев во државна ќе кажев дека хигиената е никаква и од тоа детето ми доби инфекција. На крај не открија каква беше инфекцијата, иако ги направија сите испитувања. Бебето на мојата цимерка исто така разви инфекција на очите. Од разговор со друг лекар ми кажаа дека причина за тоа мора да е интерхоспитална, или од болницата или од некој вработен.
Ете, има уште многу да ви кажувам, ама и ова е предолго. Се надевам дека на некој ќе му биде од корист.