Неколку дена ја меркам темава, се чудам дали да пишувам или не...
Не постои едностран однос, а релацијата во случајот на образованието е тространа и двонасочна: наставник- ученик- родител.
Ниту една од овие компоненти не е помалку важна и не смее да изостане, доколку сакаме да имаме квалитетно образование на задоволство од сите засегнати.
Од напишаните постови на темава гледам едно тесно, субјективно видување и еден многу грд начин на перцепција на една категорија луѓе кои, без разлика како ви изгледа од ваша перспектива, тешко си го заработува лебот. Можеби токму тие околности- лоша плата, лоши услови за работа, ги оддалечуваат квалитетните кадри од наставничките катедри, па ситуацијата станува се полоша.
Како изгледа денот на еден наставник/професор (овие две професии се изедначени според потребниот степен на образование и според платата)?
Најпрво, наставникот/професорот мора да се избори со купиштата хартија кои секојдневно е обврзан да ги пишува: тој подготвува годишен глобален план за работа, тематски планови и дневни подготовки за секој одржан час. Најголем број наставници работат по 2-3 програми, но се случува да треба да работат , т.е да разработат и 6-7 различни програми (особено ако предаваат стручни предмети во некое средно стручно училиште).
Натаму следува реализација на часовите. Неретко наставата се реализира во преобемни паралелки од по 34 ученика, а часот трае 45 минути, од кои ефективни се околу 35- 40, во оптимални услови, т.е ако претпоставиме дека тој ќе има услови да го отпочне часот по запишувањето на истиот и евидентирањето на отсутните ученици. Значи, во просек, тој има 1 минута време за секој ученик.Во исто време има обврска да ја реализира програмата за работа понудена од МОН/БРО, и да ги мотивира, обучува, следи и оценува учениците.
Исто така треба да осмисли и реализира часови за додатна и дополнителна настава, да подготвува ученици за натпревар...
Ова што досега го набројував е полесниот дел од работата.
Натаму, тој би требало да соработува со родителите, меѓутоа тие најчесто се:
1. Презафатени, па живи не се прават
2. Го гледаат и доживуваат како прв душман кој постои само за да го наруши беспрекорниот сјај на нивните галеничиња, па го озборуваат, омаловажуваат, а по потреба и го лажат дека нивното дете било болно токму оној ден кога тој имал закажано писмена работа
3. Не сфаќаат дека тие и професорот се на иста страна и делат ист интерес- што побезболно и поуспешно минување на детето низ образовниот процес, па го озборуваат и омаловажуваат пред своите деца, подривајќи му го така авторитетот, а потоа очекуваат спектакуларни воспитни резултати од него
4. Одбиваат да прифатат дека нивниот потомок не е реинкарнација на Ајнштајн, Тесла, Достоевски, Пикасо, итн, и тоа на сите нив одеднаш па вршат невидена пресија детето да ги добие СИТЕ ПЕТКИ!; во спротивно- наставникот не си ја знае работата, па тие ги користат сите начини тоа и да му го објаснат, преку сите можни облици и форми на непотизам, политички, роднински и др. врски, со закани и сл.
5. На крајот од месецот добива плата пониска отколку онаа што ја добива на пр. една медицинска сестра вработена во јавна здравствена установа
6. Мора на сите да им објаснува дека на одмор е 23 работни дена, а не толку колку што се учениците на распуст, и тоа одморот е колективен, нема ниту еден ден кој може да го користи по своја желба, а не во месец јули. Додека учениците се на распуст тој има обврска да учествува во реализацијата на интерниот дел од државната матура, да држи дополнителна настава и да реализира поправни испити, да ја уреди обемната педагошка евиденција и документација.
7. Да ги поднесува испадите на учениците охрабрени од односот и зборовите на нивните родители
8. Да прифати дека ако меѓу десетиците илјади негови колеги има некој кој е педофил/пијаница/женкар/митаџија/нестручен .... мора стоечки и тој да ја понесе и да ја поднесува истата етикета
9. Да прифати дека е невиден тиквар, незнајко, простак кој не си ја знае својата работа, додека сите други подобро ја знаат од него и тоа гласно го соопштуваат и да се помири со фактот дека тие и натаму ќе му кажуваат дека не знае ништо, небаре дипломата од дрво ја скинал, и дека секој смее да се меша во неговата работа, иако самиот тој никојпат не отишол ним да им кажува како да си ја работат нивната работа
10. Сето ова треба да го прави додека како фока во циркус ги жонглира реформските упатства и инструкции подготвени од луѓе кои никојпат не одржале ниту еден час
НАВИСТИНА ДРАГИ РР-КИ, НЕ ПОСТОИ ПОЕДНОСТАВНА, ПОЛЕСНА И ПОДОБРО ПЛАТЕНА РАБОТА, ВИСОКО ВРЕДНУВАНА ОД ОПШТЕСТВОТО И СОЛИДНО НАГРАДЕНА ОД ДРЖАВАТА