Паника од флуоризирано млеко
Родителите се сомневаат дека негувателките во градинките ќе можат во целост да контролираат кое дете колку флуоризирано млеко испило и се плашат од предозираност
Од 15 октомври во детските градинки низ државата ќе почне да се дава
млеко збогатено со флуор. Децата на возраст од 3 до 5 години секој ден, односно пет дена во неделата ќе пијат по една чаша од флуоризираното млеко. Проектот ќе се спроведува само во државните градинки, а ќе се реализира преку Министерството за здравство.
Воспитувачите во градинките ќе имаат задача да водат дневник и секој ден да запишуваат кое дете пиело млеко и во колку часот.
Во моментов во детските градинки се прават анкети на родителите, кои треба да се изјаснат дали сакаат нивните деца да бидат вклучени во проектот. Доколку родителите не прифатат, тогаш нивните деца ќе добиваат обично млеко, како и досега.
"Бевме повикани во градинката и стоматолози ни објаснија зошто децата треба да земаат флуоризирано мелко. Но не нe убедија дека навистина треба да го прифатиме тоа", велат дел од родителите. Тие стравуваат дека во градинките ќе се јави проблем во делот на контролата кое дете колку испило од флуоризираното млеко.
"Воспитувачките имаат по 30 деца во група, и се плашиме дека нема да можат да ја вршат контролата за секое дете. Кој ни гарантира дека детето нема да испие две чаши и да се предозира. Доволно се две секунди мешаница и невнимание на воспитувачките, и децата да направат беља и да ја испијат дозата на другарчето. Самите воспитувачки ни рекоа дека тоа е голема одговорност за нив. А ако е толку добро и можат да ја преземат одговорноста, зошто нe анкетираат, зошто, едноставно, не им го дадат на децата", велат загрижените родители.
Д-р Оливера Саракинова, координатор на проектот, вели дека не постои опасност децата да се предозираат со флуор.
"Ние живееме во демократско општество и ред е да се прашаат родителите. Децата дневно ќе пијат една чаша млеко, која ќе содржи 0,5 милиграми флуор, и тоа е оптималната доза за нивната возраст. Не постои можност децата да бидат предозирани. Нема да се дава репете. Млекото во градинките ќе се служи во посебни, шарени чашки, и нема да се меша со обичното. Исто така, флуоризираното млеко нема да го има во слободна продажба", вели Саракинова.
Таа тврди дека децата што во градинка ќе пијат флуоризирано млеко не можат да се предозираат ако дома користат паста за заби збогатена со флуор.
"Флуорот кој го има во некои детски пасти не е во големи количини кои можат да му наштетат на детето. При миење на забите, се става паста колку едно зрно грашок. И да голтне детето од пастата, не е ништо страшно", вели докторката.
Проектот за флуоризирано млеко се реализира по препорака на Светската здравствена организација и претставува само еден сегмент од државната стратегија за стоматолошка превенција. Во Македонија децата, во просек, имаат по седум расипани заби. СЗО препорачува дека на ова поднебје просекот треба да биде до 3.
"Во Данска, на пример, просекот е нула, зашто децата воопшто немаат кариес", вели проф. д-р. Миле Царчев од Стоматолошката клиника во Скопје. "Ама таму строго се контролира внесувањето на шеќерот кај децата. Во продавниците слатките се наоѓаат на највисоките полици, за да не можат децата да ги видат. А кај нас лижавчињата им се на дофат", вели професорот Царчев. Според него, флуорот е најмоќното средство против кариесот.
"Кога ќе се измисли вакцина, тогаш тоа ќе биде најдобро решение. Секоја супстанција која не е правилно дозирана, има штетни влијанија. И предозираност со шеќерот, солта, мастите е опасна за здравјето, исто како и флуорот", вели професорот.
Проектот за флуоризирано млеко е финансиран од британската фондација "Боров" и се спроведува во Бугарија, Велика Британија, Тајланд и во Чиле.
Р.Фотиновска
Зошто флуор само за децата од 3 до 5 години
Иако на оваа возраст децата сe уште имаат млечни заби, стоматолозите велат дека во овој период во вилицата на децата почнуваат да се развиваат трајните заби. Кога ќе никнат, поради флуорот, новите заби ќе бидат поотпорни на кариес, ќе имаат поцврста структура на глеѓта и ќе бидат помазни.
Флуорот може да се користи до 12 години. Возрасните немаат потреба да го користат зошто тој отпосле не може да им ја подобри структурата на забите.
Децата не пијат вода
Во некои земји, на пример во САД, се користи флуоризирана вода. Но нашите истражувања покажуваат дека децата пијат многу малку вода. Најчесто пијат газирани или густи сокови. Затоа одлучивме флуорот да им го дадеме во млекото, зашто, освен флуор, тие секој ден преку млекото ќе внесуваат и калциум.
Ги испитавме сите води во шишиња кои ги има на пазарот во Македонија, и ниту една не содржи флуор.
Зошто е добар флуорот?
Флуорот помага во создавање на поквалитетна глеѓ, односно ја подобрува структурата на забите. Површината на забите за гризење вообичаено е релјефна и има многу места каде што кариесот лесно се создава, поради тешка пристапност при четкање на забите. Со флуорот тие набраздени површини стануваат помалку набраздени и како такви се поотпорни на кариес.
Опасност од предозирање
Флуорот може да биде штетен ако децата се предозираат.
Првите знаци на предозираност се покажуваат на забите, односно се појавуваат жолти дамки.
Докторите предупредуваат дека ако децата внесуваат 2 милиграма флуор, може да им се наруши имунолошкиот систем, да дојде до нарушување на работата на бубрезите и да добијат канцер.
Ендокринолозите предупредуваат дека флуорот претставува ендокрин дисраптор.
"Флуорот го спречува нормалното функционирање на ендокрините жлезди, лачењето на хормоните", вели примариус д-р сци. Марина Крстевска -Константинова. "Флуорот штетно дејствува врз тироидната жлезда, односно го намалува лачењето на хормоните и предизвикува гушавост. Го нарушува нормалното развивање во пубертетот, односно на репродуктивните органи. Поради тоа, кај девојчињата може да дојде до предвремено сексуално зреење, рано да добијат менструација и да останат со низок раст. Кај машките, поради предозираност, пубертетот може да доцни", вели Константинова.
Предозирани трудници може да родат бебе со микропенис
Бремените жени и доилките во текот на денот можат да внесуваат максимум 1 милиграм флуор.
Мајките што во текот на бременоста се предозирале со флуор, може да родат машки деца што ќе имаат микропенис, скриен тестис или отворот за мокрење на децата да не им е на вистинското место.
извор:вест
_____________________________
Децата се најголемо богаство :)