Седам и ги хранам децата кај мајка ми дома: моето од 1,5 год. и на сестра ми, 2,5 год.,ама внуков не сака да јаде, а сестра ми и зет ми се излезени и јас се чувствувам обврзана да го нахранам. Почнувам да им измислувам приказна, како јуфките во чинијата се зајчиња и нив ги брка лошиот волк, тој што го зезнале трите прасиња. И функционира! „Скок, зајче, скок!“, и веднаш го криеме во уста... Арно ама, некаде при крајот внукот го плука на маса тоа што му го ставив во уста, а јас тажно го прашувам: „Зошто го исфрли зајчето, сега може волкот да го ручне?“, а тој, сосема озбилен ме гледа како да сум недоветна и ми вели:„Ама тета, па ти две зајчиња ми стави во уста!“
Еден ден се испокаравме со син ми, Филип, (имаше 4 год тогаш), затоа што само што го донесов дома од градинка ги изваде и ги расфрли сите играчки, иако бевме договорени дека така не е убаво. Му реков дека ако не сака да се грижи за играчките, ќе морам да ги соберам и да ги фрлам во ѓубре, сигурно му се здосадиле штом така диво ги вади од кошот за играчки и ги фрла насекаде, а тој седна на земјата и почна да плаче:
„Бууууу, тебе те сакаат сите деца од мојата група оти не те знаат каква си вистинскииииииииии“
И повторно внук ми. Пред да појде на училиште, до 6 години, го чуваше жена. Еден ден тој и се пофалил со новите чевли што му ги купиле претходно. Таа се воодушевила колку се убави и му рекла дека сигурно се многу скапи. Малиов и рекол „Не знам, ајде јави и се на мама на работа да ја прашам. И ја прашал дали се скапи, а сестра ми рекла,да, скапи беа. А малиов, циција на дедо му и вели: „Е па зошто си ми ги купувала кога биле скапи?“ Сестра ми: „Па, затоа што, ти, синче мое, си ми најскап на светот.“ А тој, вџашено:„Ииииииииии!!!!! Мислев дека ме имаш родено, а јас сум бил купен?!!!“