Прочиитав една статија на еден портал која морав да ја ставам тука.
Имено, според авторката ние сме биле мрзеливи.
Демек ние не се бориме хаха, леле дали е можно некој волку да не прави будали!!!!!
Еве ви пример зошто не викаат мрзеливи домаќинки што само седат дома и чуваат деца.....
Изреката Младоста да ти ја имам, мрзата да ти ја немам, прв пат ја слушнав некаде кога бев на факултет, што значи дека сум била „во цветот на младоста“. Иако во дадениот контекст не се однесуваше на мене, ме натера да размислам и ми дојде како силна шлаканица. Толку многу, што помислив дека ми се познаваат прсти на образот.
Тогаш почнав да се прашувам дали го давам најдоброто од себе. Дали тоа што студирам и си ја подзачистувам мојата соба еднаш неделно навистина ми го окупира целото слободно време, со исклучок на она кога сум излезена? Или можеби време беше да си признам дека ме мрзи? Дали морам да почекам со потрагата по работа до завршувањето на студиите, или можеби можам да најдам некоја хонорарна работа и претходно? Работа со која ќе научам да бидам поодговорна, ќе си го заработам џепарлакот и ќе го растеретам домашниот буџет, а нема многу да ми пречи на студиите. Тоа беше моментот кога почнав да работам, моментот кој за мене значеше растење и созревање.
Признавам, беше многу напорно, иако се работеше за хонорарна работа, барем првите неколку месеци. Уште потешко стануваше кога ќе се свртев околу себе и ќе видев дека повеќето од моите пријатели - врсници сé уште студираа, без оптоварување околу барање работа или навремено завршување на студиите. Беше тешко, но истовремено беше неверојатно уживање, особено чувството на успех кога вложував, и неуспех кога не вложував доволно. Тогаш прв пат научив дека успехот зависи од МЕНЕ.
Познавам луѓе кои почнаа да работат рано, на почетокот на своите 20-ти години, некои и веднаш по завршувањето на средното училиште, а и такви кои и во средно работеа по некоја хонорарна работа повремено. Но познавам и многу луѓе кои беа безгрижни во однос на тоа кога ќе ги завршат студиите, а кога тоа се случи, почнаа да бараат работа исклучиво по струка. Бидејќи за сите работни места се бараше искуство, тие луѓе почнуваа да губат надеж, да се жалат како нема работа, и дека џабе студирале. Секој контакт со тие луѓе се сведуваше на разговор за тоа колку им е тешко и дека нема работа. На мое големо изненадување, кога ќе им предложев да побараат нешто што не им е по струка, привремено, дека подобро е да се работи нешто отколку ништо, или пак дека треба да размислат за волонтирање на место на кое можат да научат повеќе за својата професија, бев напаѓана и остро осудувана. Сега, десет години подоцна, разликата во успешноста помеѓу првите и вторите е повеќе од очигледна, а верувам дека со текот на времето таа ќе се продлабочува се повеќе.
Периодов значително контактирав со млади луѓе од различни делови на земјава. Не знам зошто се изненадив што иако поминаа повеќе од десет години, не се променети многу работи. Очекував да видам млади луѓе кои би требало да бидат полни со живот, да сакаат да бидат ангажирани, да ја искористат енергија што ја носи младоста и својата креативност да направат нешто за себе и другите. Единствена промена којашто јас ја увидов е зголемената летаргија меѓу младите, уште поголема од времето кога јас бев млада. Видов млади луѓе кои немаат никаква визија за својата иднина. Не знаат ни што би работеле кога би имале можност да бираат, ниту пак што им треба за да имаат подобар живот, освен работа – која не знаат каква би сакале да биде. Млади луѓе коишто се жалат од состојбата во која се, кукаат колку им е тешко, а не преземаат ништо да ја променат состојбата во која се наоѓаат.
Јасно е дека апатијата кај дел од младите е одраз на случувањата во општеството. Но она што се случува во општеството не смее да биде изговор за летаргичното однесување. Во време кога информациите ни се подостапни од секогаш, кога има толку можности за волонтирање, пракса, изградени граѓански организации кои можат да ангажираат млади луѓе желни за помош, за мене е незамисливо да гледам млади луѓе на кои единствена преокупација им е излегувањето или дремењето на социјалните мрежи. Луѓе кои се жалат од својата судбина, без грам иницијатива во себе, без да направат ниту еден чекор да ги решат работите.
Среќа е што има и друга група млади, и тоа поголема од пред десетина години, кои се сосема спротивни на оние претходно опишаните. Млади кои ги користат можностите што ги нуди времето – ангажирани се како волонтери, членуваат во граѓански организации, работат хонорарни работи во согласност со обврските, и постојано се дообразуваат и надградуваат. Млади кои вложуваат во себе, вложуваат во она што го прават. Млади кои знаат дека успехот зависи од нив.
Изреката Младоста да ти ја имам, мрзата да ти ја немам ја избрав како наслов затоа што мене ме промени како личност. Не сакам да ги дефинирам немањето иницијатива и пасивноста како мрза. Не е ни важно како ќе се дефинира, важно е да се надмине. И не велам дека секој треба да бара работа уште додека се образува, не мора ни да е работа, има различни корисни начини да се пополни слободното време. Дури и ако некој ми каже дека не бара работа, дека не сака да работи до некаде би го разбрала, ако се чувствува добро во сопствената кожа и не ја оплакува сопствената судбина.
Многумина не се согласуваат со мене, а верувам има такви и меѓу вас. Сепак, јас сум цврсто убедена дека колку вложуваш, толку добиваш. Можеби само треба да разгледаме убаво наоколу и да ги видиме можностите кои на прв поглед воопшто не изгледале како можност. Можеби некогаш резултатите нема да дојдат веднаш, ќе треба да помине време во кое понекогаш ќе сакаме и да се откажеме, но упорноста на крајот ќе се исплати. Млади луѓе, вие сте иднината на земјава. Бидете активни и направете нешто добро за себе и за другите.
Јас сум убедена дека успехот зависи од НАС.
Извор: фемина.мк
< Поракaта ја уредил Ikana RR -- 21.3.2013 23:45:54 >