Пневмонијата се лекува болнички
Дијагнозата за пневмонија се поставува со клиничката слика и аускултаторниот и лабораторискиот наод, микробиолошките испитувања и се потврдува со рендгенот на белите дробови. Клиничката слика е битна во првите денови на болеста, во зависност од возраста на детето. Почнува со тешко дишење, висока температура и кашлица. Колку е детето помало толку е потешка клиничката слика. Лабораториски според крвната слика се докажува висока леукоцитоза, зголемен број на белите крвни зрнца, што е знак дека се работи за бактериска пневмонија. Ако преовладуваат лимфоцити, тоа е вирусна пневмонија. Кај најмалото дете кај кое пневмонијата се пројавува во рамките на сепса од крвта се изолираат бактериите. Серолошки испитувања се користат при суспектни вирусни инфекции и со докажување на антителата се препознава дали вирусната инфекција е од постара "дата" или е свежа.
Рендгенската слика ја потврдува дијагнозата. Индикацијата за рендгенската слика на белите дробови кај детето ја поставува педијатарот, а контролната рендгенска слика треба да се направи не порано од 20-тиот ден од првата, имајќи го предвид зрачењето од рендгенските зраци и повлекувањето на патолошкиот наод. Сите промени што се наоѓаат на рендгенската слика ги интерпретира детски рендгенолог или педијатар-пулмолог. Кај мало дете со вирусна пневмонија радиолошкиот наод е дифузен и главно се зафатени и бронхите и белите дробови.
Кај некои бактериски инфекции кај поголемо дете наодот е ограничен на еден или повеќе лобуси (делови). Кај бактериите со некротично деструктивно својство на белодробниот паренхим радиолошки може да се види воздух или течност во пневралната шуплина. Терапијата на пневмониите е комплексна и многу е битно кога ќе се почне првиот циклус на лекување.
Треба да се прифати од сите лекари дека пневмонијата е тешко заболување на еден витален орган, а лекувањето задолжително треба да биде болничко. Лекувањето почнува со инфузија со венско внесување на медикаменти, намалување на општата интоксикација и дехидратација на детето. Според подоцнежните анализи се дава соодветна терапија за намалување на респираторната инсуфициенција и контролирано вдишување кислород, а според ацидобазната состојба се одредува терапијата со бикарбонати и минерали. Антибиотската терапија почнува веднаш по приемот на детето во болница без бактериолошка идентификација. Кај малото дете кое има најтешки пневмонии терапијата почнува со високи дози на широк спектар антибиотици во комбинација на еден антибиотик што дејствува на грам-негативните бактерии. Кај поголемото дете почнува со пеницилини во комбинација со полусинтетски пеницилински антибиотици, бидејќи според досегашните испитувања на Детската клиника најголем процент на пневмониите беа предизвикани од стрептокок и од хемофилус инфлуенца. Антибиотската терапија се коригира по добивање на бактериолошкиот наод и антибиограмот. Се дава се додека се присутни клиничките знаци за пневмонија. Прво се дава венски, а потоа преку уста, една недела по повлекување на радиолошкиот наод на белите дробови.
Со антибиотската терапија се спроведува и симптоматска терапија (ако има некои срцеви манифестации), витаминотерапија, а се продолжува со физикална терапија до комплетно празнење на трахеобронхијалното стебло од присутната секреција. За таа цел се даваат имуколитици.
Средства против кашлање (антитусици) и седативи не смеат да се даваат бидејќи го инхибираат рефлексот за кашлица и респираторниот центар. Компликации од нелекувани пневмонии се чести - оштетување на бронхијалниот ѕид, проширување на бронхот и оштетување на белите дробови-фиброза. Компликациите можат да настанат со проширување по крвта и зафаќање на мозочните обвивки, мозокот, абдоминалната шуплина, срцето и други органи. Превенцијата е во итно лекување на секоја бактериска инфекција на горните дишни патишта и кожата, заштита од страфилококните пневмонии, откривање на бацилоносителство во породилиштето и кај родителите и други членови во семејството. Со моќта на антибиотската терапија смртта од пневмонии се намали до нула отсто. Само кај новороденчето смртноста од пневмонии предизвикани од грам-негативни бактерии е се уште висока.
Извор: ДНЕВНИК
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."