еве една статија од дневник што ке им користи на сите што имаат првачиња
Првачињата ќе учат таму каде што живеат
На родителите што живеат под кирија, а сакаат детето да им се запише во училиште во тој реон, им се бара документ со кој ќе потврдат дека живеат на таа адреса, на пример, договор за закуп заверен на нотар
Извод од Матичната книга на родените, потврда за редовно примени вакцини и потврда од стоматолог се документите што им се потребни на родителите за да ги запишат децата на училиште. Бидејќи за уписите на првачињата важи реонизацијата, општините утврдуваат кои улици припаѓаат во реонот на секое училиште, па точно е утврдено кое дете каде треба да се запише. Исклучоци има само во ситуации кога во училиштето има слободни места, откако ќе се запишат децата од тој реон. Но, во овој случај Општината нема обврска да го плаќа превозот за учениците што живеат на оддалеченост поголема од 2,5 километра. На родителите што живеат под кирија им се бара документ со кој ќе потврдат дека живеат на таа адреса, како на пример договорот за закуп заверен на нотар.
Од септември во училишните клупи ќе седнат децата родени во цела 2007 година до 31 јануари 2008 година, односно со навршени пет години и осум месеци, како што налага законот.
Родителите во првата недела од мај се растрчаа по училиштата за да соберат информации за документите што се потребни за упис. Тие, исто така, треба да договорат и термин за интервју со стручната служба во училиштето.
- Се изненадив од тоа што ни бараа потврда од стоматолог, нешто што досега не го барале, но го обезбедивме и тој документ и закажавме средба со педагог - вели родителот Александар Атанасов, чиј син ќе оди на училиште со полни шест години.
Директорот на „ОУ Лазо Ангеловски“, Раде Жегарац, вели дека кога родителите доаѓаат да ги остават документите, се договара и термин за разговор со педагогот.
- Тоа не е некој страшен тест, туку низ игра и разговор психологот и педагогот проценуваат дали детето е подготвено да оди на училиште. Kај повеќето нема проблем, но се случува да се открие дете со пречки во развојот. Тие деца се вклучуваат во редовното образование, но сепак треба да им се обезбедат посебни услови за работа и соодветен наставен кадар - вели Жегарац.
Запишувањето на ученици од точно одреден реон е законска обврска за општините и за училиштата, но им создава проблеми на родителите. Додека не заврши уписот на деца од реонот, училиштата не треба да примаат ученици од друго место.
- Во мај не можам да ја запишам ќерка ми во училиште. Со сопругот работиме во општина Центар, а живееме во Гази Баба. Не можам физички да постигнам да ја земам од училиште и да се вратам на работа, ниту пак имам кој да ми ја земе по часови. Повеќе ни одговара Центар, па ќе чекам да поминат првичните уписи за да видам каде ќе остане место за нас. Веројатно ќе биде во училиштето „Гоце Делчев“ - вели Марија С.
Директорите на училиштата објаснуваат дека родителите често бараат упис за децата во установа од друг реон бидејќи таму им живее некој роднина, кој, наместо нив, ќе го зема детето од училиште. Директорот Жегарац вели дека и во нивното училиште се запишуваат деца од други општини, но откако ќе ги запишат сите деца од нивниот реон.
- Ние добиваме список со деца и адреси кои спаѓаат во нашето училиште. Во последните три години се истите улици, а балансот на запишан број ученици го држиме со примање деца од друга општина - вели Жегарац.
Марија Настева, раководител на секторот за општи работи на Општина Велес, вели дека ако порано реонизацијата не била сфатлива за родителите, сега се навикнале.
- Генерално искуството со реонизацијата е добро. Единствено имаме одлука да нема бесплатен превоз за ученик кој нема да се запише во свој реон. Веројатно во иднина ќе треба да се размислува за нови граници на реонизацијата бидејќи во стариот дел од Велес има с` помалку ученици. Младите се селат во поновиот дел, па треба да се одржува некаков баланс со бројот на ученици - објаснува Настева.
Лани се запишале 21.515 првачиња
Според евиденцијата од МВР, годинава се очекува да се запишат околу 28.000 првачиња, но ова е преголем број бидејќи од списокот не се извадени имињата на децата што починале или се иселиле од државата. Kонечна бројка ќе има по завршувањето на уписите. Лани, на пример, во училишните клупи седнале 21.515 првачиња, а на првичниот список од МВР биле околу 26.000 ученици. Речиси секоја година има по пет-шест илјади ученици помалку од првичниот список од МВР, кој е добиен од Матичната книга на родени.