23.12.2011, 15:42
6409
Чајот од жалфија може да се употреби и како средство за подобрување на функциите на жолчката и на црниот дроб, бидејќи горчливите материи и етерското масло го зголемуваат лачењето на соковите во дигестивниот систем. Поради стегливото дејство на танините и антимикробното и антивоспалителното дејство на етерското масло, чајот од жалфија е добар избор при пролив, колит и гасови во црева. Чајот од жалфија има и диуретично дејство, кое е послабо изразено, а се должи на присуството на флавоноидите. Може да помогне и при хронични заболувања на мочните патишта.
Од многу одамна било познато дека чајот од жалфија е мошне ефикасен лек против потење. Ваквата моќ на жалфијата се објаснува со нејзиното дејство врз нервниот центар, кој ја регулира работата на жлездите што лачат пот. Најчесто се препорачува да се пие против потење од нервно потекло или при топлотни банови кои се јавуваат во менопауза. Нанесен врз кожата, чајот од жалфија ја затегнува кожата и ги смирува воспаленијата. Особено е добар за масна кожа со отворени пори и за воспалена кожа.
Етерското масло од жалфија е безбојна или жолтозелена течност со ароматичен и горчлив вкус. Се додава во средства за нега на уста, во дезодоранси, сапуни, шампони за коса и во тоник за лице. Жалфијата е извонредно средство за белење на забите, јакнење на непцата и помошно средство при парадентоза. Една мала лажица лисја од жалфија се помешува со 1 капка етерско масло од нане и малку сода-бикарбона. Со оваа мешавина се тријат забите и непцата два пати неделно.
Извор: рак.мк
_____________________________
Live and let live