"Воведена нова метода, магнетна резонанца за утврдување аномалии кај фетусите
Нова метода – преглед на фетус со магнетна резонанца е воведена на Универзитетската клиника за радиологија. Станува збор за специфична метода која дава многу позитивни резултати во детекција на аномалии на плодот.
Директорката на Клиниката, Надица Митреска, денеска на прес-конференција рече дека прегледот го овозможува новата апаратура со која располага таа јавна здравствена установа, како и новиот проект на Министерството за здравство кој овозможува едукација на врвни кадри специјалистички во странство.
„Магнетната резонанција на фетусот е ефективна, сензитивна, специфична метода која дава многу позитивни резултати во детекција и откривање аномалии на плодот кои може да бидат аномалии на мозокот, на ‘рбетниот столб, лице, врат, градниот кош, органите на градниот кош и на абдоменот, како што се цисти, тумори на абдоменот и на малата карлица, промени на бубрезите, на плацентата“, посочи Митреска.
Појасни дека нивната работа е тесно поврзана со специјалистите на гинекологија и акушерство бидејќи тие ги регрутираат пациентите, односно бремените жени за преглед на Клиниката за радиологија. Секогаш кога постои сомнение за вродена аномалија на плодот, нагласи Митреска, тие го детектираат сомнението со ултразвучен преглед и доколку тој не дава доволно јасен резултат, односно укажува на постоење аномалија, нашата метода на магнетна резонанција е таа што го детектира и го дооформува мислењето за постоење или непостоење проблем.
„Тоа е многу важно за да се знае каков ќе биде третманот на бременоста, дали ќе продолжи, дали ќе се третира плодот или во случај на постоење витално загрозувачка аномалија, треба бременоста да се заврши. Оваа метода е неинвазивна, не постојат контраиндикации во однос на плодот и мајката. Визуелизацијата на промените и сензитивноста се многу поголеми отколку со ултразвучниот преглед“, истакна Митреска и додаде дека во меѓувреме имале 15 вакви случаи кои биле регрутирани од Клиниката за гинекологија и акушерство, од кои кај шест поставиле конкретна дијагноза, а останатите биле уредни.
Директорката на Клиниката рече дека преглед на фетус со магнетна резонанција не постои сè уште во системот на прегледи на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и оти во многу блиска иднина ќе го воведат.
„Досега сите случаи беа примени како приоритетни и не беа на листата на чекање на „Мој термин“ бидејќи тоа е тесно поврзано со планот и третманот на бремената жена“, додаде Митреска."
Извор: МИА
_____________________________
Обиди: 5,5 години
2 IUI, 3 IVF, HSC, 1 FET, 3 смрзнати
Верувај во чуда!