Зошто се децата анемични?
Последици се заостанување во растот, промени во однесувањето, лоша концентрација, нарушен имунолошки одговор
Поради специфичните метаболни потреби врзани за растот и развојот, децата се почесто се изложени на можност од настанување на анемија (слабокрвност) предизвикана од недостиг на железо.
Општо земено, анемија е состојба на намалување на бројот на еритроцитите и/или концентрацијата на хемоглобин во крвта, поради што се намалува способноста на крвта за пренос на кислород. Таа состојба резултира со намален кислород во ткивата и развој на анемична хипоксија. Најчеста е анемијата поради недостиг на железо и таа се среќава најчесто кај децата што живеат во неразвиени и сиромашни земји.
Во Земјината кора железото е еден од најраспространетите метали, а природно се наоѓа и во храната. Се ресорбира во целиот дигестивен систем, а најмногу во дванаесетпрсното и во горниот дел на тенкото црево. Двовалентното железо се ресорбира подобро од тровалентното, кое главно се среќава во храната. Поголеми количества се апсорбираат кај децата за време на растот и зголемените потреби од други причини.
Редуктивните супстанции како што е витаминот С го помагаат процесот на апсорпција.
Според податоците на Светската здравствена организација, недостигот на железо е најчест во човечкиот организам. Може да е предизвикан од недоволен внес со храна (количествата во нормалната исхрана едвај се доволни за задоволување на потребите на жените во репродуктивниот период и на децата што растат), од лоша апсорпција од цревата, зголемено губење поради разни причини и зголемени потреби на организмот.
Недостигот на железо може да е латентен (без симптоми) и манифестен (со симптоми) и постепено да доведе до сидеропенична анемија.
Во текот на детството количеството на железо во телото полека расте, паралелно со телесната тежина.
Во првата година од животот детето ја зголемува трипати својата телесна тежина, а два пати циркуларната маса на хемоглобинот, па со тоа се зголемуваат и потребите за железо.
Предвреме родените деца уште побрзо растат, што понекогаш резултира со шесткратно зголемување на телесната тежина. Следниот период на забрзан раст е околу единаесеттата година кај девојчињата и четиринаесеттата кај машките, кога зголемувањето на апсорпцијата на железото во организмот се адаптира на порастот на волуменот на крвта и мускулната маса. Масата на циркулирачкиот хемоглобин кај машките адолесценти се зголемува приближно двојно повеќе отколку кај девојчињата, но од друга страна тие губат железо со менструацијата.
Недостигот на железо настанува токму во фазите на најбрзиот раст, кога апсорпцијата е недоволна да ги покрие потребите одредени со тој раст или, пак, со зголемено губење.
Симптомите на сидерпенична анемија се бледило на кожата и на слузницата, умор, слабост, забрзана работа на срцето и понекогаш систолен срцев шум. Не ретко децата јадат земја, креда итн. Се среќаваат кршлива коса и нокти, отечени глуждови на нозете, лицето е отечено, крвниот притисок намален, а пулсот слаб и забрзан. Се среќава и тромост, губиток на апетит, раздразливост и склоност кон инфекции (имунодефициенција).
Бројот на еритроцитите често не е веродостоен знак бидејќи во почетокот може да е нормален. Недостигот на железо прво предизвикува намалена синтеза на хемоглобин. Вредностите на железото во серумот може да се нормални, но затоа е намалено целокупното количество на железо во организмот.
Последици се заостанување во растот, промени во однесувањето, лоша концентрација, абнормална регулација на температура и нарушен имунолошки одговор. Триесет до педесет проценти од децата со анемија се слаби, бидејќи имаат намален апетит. По терапијата со железо настапува брз пораст на тежината и подобрување на апетитот. Освен терапијата, потребно е да се зголеми внесот на железото со храна.
ИЗВОР: ДНЕВНИК
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."