Биохемиските параметри на крвта - огледало на здравјето
Од кардиналното откритие на Џејкоб и Монод во почетокот на шеесеттите години за структурата на дезоксирибонуклеинската киселина како главен носител на сите генетски информации воопшто и на севкупната контрола на сите најсуптилни случувања во клетката, а истовремено и со зголемувањето на желбата на човекот да освои дел од вселената, се усовршуваа технологиите што се користат во природните, медицинските, биохемиските истражувања, така што денес со помош на навидум едноставни методи може да се откријат многу ситни детали за функционирањето на живата материја. Практичната примена на тие техники има посебно место во медицинската наука, бидејќи сите заболувања имаат првенствено биохемиска, па функционална и морфолошка манифестација, која доведува до неможност за одвивање на нормалните процеси во живиот организам. Денешните високоспецијализирани техники ни овозможуваат по пократок пат да стигнеме до што поточна дијагноза, одредување и следење на стадиумот на заболувањето и следење на ефектите од терапијата.
Хормоналниот статус
Посебен акцент мора да се стави на следењето на хормоналните регулации што се одговорни за нормално функционирање на месечниот циклус кај жената, од кој зависи нејзината репродуктивна и психофизичка рамнотежа. Тоа го обезбедивме со избор на суптилни техники кои подразбираат учество на строго специфични антитела и антигени, кои во специфични услови на хемиска реакција на две или три места се врзуваат за строго специфични позиции, т.е. хемиски групи кои ја одвојуваат во примарната и квартерната структура бараната молекула од сите останати. Со тоа се одбегнува можноста за "лажно" врзување на некакви артефакти што би придонеле за погрешен резултат, а со тоа и за погрешно толкување и погрешна терапија. Исто така, зачестени се испитувањата на специфични инфективни предизвикувачи на заболувања кај жената и кај нејзиниот партнер, кои, ако ненавремено и неправилно се лекуваат, може да доведат дури и до состојби што резултираат со стерилитет. Од психолошки и социјален аспект, за повеќето луѓе тоа е нерешлив проблем, ако за таа состојба навреме не презеле вистински чекори. Тие испитувања треба да се направат уште при почнување на сексуалните контакти, бидејќи повеќето инфекции се пренесуваат преку половиот чин. Денес кога комуникациите меѓу луѓето се олеснети и растоварени од воспитни, социјални, па дури и религиозни стеги, да не ги спомнуваме Интернет и другите медиумски начини на комуникација, честото менување на партнери е главниот фактор на ризик за пренесување на овие инфекции. Сите се подеднакво опасни за здравјето, со посебен акцент на хепатитите и сидата, од причина што досега не е организирано испитување на сите членови на популацијата, така што голем дел од луѓето всушност не знае дека биле во контакт со вирусот на хепатит и оти ја прележале болест "на нога".
Затоа се препорачува секој да води грижа за своето здравје, на многу едноставен начин: за почеток преку испитување на крвта, а по потреба и со понатамошно лекарско советување.
(Авторката е биохемичака во лабораторијата на Клиниката за гинекологија и акушерство "Мала Богородица" - Скопје)
Извор ДНЕВНИК
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."