Мисија: потрага по невестински фустан
Пред вас е најпосакуваниот предизвик, купување невестински фустан. Си ја завршивте домашната задача, исековте неколку слики од списанијата, симнавте и од интернет и знаете што сакате. Но дали навистина е така? Токму кога ќе помислите дека имате визија во глава, ви текнува нешто ново. На крајот завршувате збунета пред кројачката и барате: ракави како од првата слика, корсет како од втората, а да има ракавици...не што ќе ви се...ми мириса дека ќе си останете без фустан.
КАКО СЕ КУПУВА НЕВЕСТИНСКИ ФУСТАН?
Нормално, одите во бутик за венчаници и купувате. Ако сте толку решителна, тогаш вашето момче е вистински среќлија. Да не се залажуваме, поголем е бројот на тие што сакаат да бидат уникатни и што одат на опцијата шиење. 6
ЧЕКОРИ ДО ЦЕЛТА: СРЕДБА СО КРОЈАЧ.
Колку и да сте зафатени мора да одвоите време да направите мало истражување. Распрашајте се за цените, квалитетот, флексибилноста на кројачката. Само вака ќе можете да се поштедите од непријатности и правење корекции на фустанот.
МОМЕНТОТ НА СРЕДБАТА.
Кого да поведете...?
Сите ќе сакаат да дојдат со вас, вашата мајка, пријателките, па сè до свекрвата. Од искуството на неколку невести со сигурност ви велиме дека што помалку луѓе тоа подобро. Сите ќе го кажат своето мислење, а конфузијата во главата само ќе расте и на крајот ќе завршите во фустан што нема врска со вашиот вкус. Најпаметно е на првата средба да ја викнете личноста на која најмногу ѝ верувате и за која знаете дека ќе ви даде искрен одговор. Но, за другите да не се почувствуваат запоставени, поведете ги на пробите.
Што да понесете...?
Ако планирате да носите хулахопки на свадбата, дојдете облечени во нив за да видите како ќе стои фустанот. Паметно е да го облечете и градникот бидејќи тој често знае да биде проблем. Можеби сè уште немате купено чевли, но облечете какви било, важно да бидат на висината што планирате да ја носите на денот на свадбата.
Информации за споделување...? На првата средба секогаш следи запознавање со кројачот. Потрудете се да кажете што повеќе детали за вашата свадба. За тоа дали свадбата има тема по која се водите, дали се работи за пролетна или зимска свадба, како ќе биде накитен ресторанот...сè што мислите дека може да ѝ помогне за да добие точна визија.
Дојде на ред и фустанот... Најважно од сè е да ѝ кажете со колкав буџет располагате. Што значи од почеток сте елиминирале понуди што не ви одговараат. Понесете ги со себе сликите за да ѝ покажете што барате. Пробајте неколку од готовите фустани, со сличен крој како од фотографиите. Друго е на слика, а друго е кога ќе пробате. Бидете отворена да слушнете и некој нејзин совет. Нејзиното искуство може многу да ви помогне. Но, ако видите дека има сосема погрешна претстава за тоа што сакате, со смирен тон повторно објаснете ѝ.
ПО ИЗВЕСНО ВРЕМЕ... Го облековте фустанот и сега имате проблем. Не можете да се одвоите од огледалото. Честито, успеавте да го најдете својот фустан од соништата. Ова ќе биде неизбежно ако не се плашите од предизвикот.
< Поракaта ја уредил ripce -- 11.2.2010 20:01:24 >
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."