"Јас во СуперлаТИв" на Јована Матевска Атанасова
Ова е интерактивен дневник за мотивација и саморазвој, наменет за силните девојки и жени, впуштени во трката со животот, за нескротливите, кои не се плашат да постават стремеж, но и да признаат пораз, притоа извлекувајќи ја најдобрата верзија од себе
„Во длабочината на колективното минато се крие вулкан од кој извираат генерации на непокорливи жени. Колку долго и да бил заспан , тој активно тлее, спремен да исфрли с? што затрупал. Жената е таков вулкан. Оваа книга-прирачник ќе ти помогне да се вооодушевуваш на формите кои духовната магма ги остава зад себе. Да го откопаш фосилот на едно минато. Да еруптираш . Да ја покажеш својата величенствена сила. Toпоним на моќен суперлатив.
Ти си сврзниот фрагмент од молекулата на животот.“
Драги читатели,
Ова е интерактивен дневник за мотивација и саморазвој, наменет за силните девојки и жени, впуштени во трката со животот, за нескротливите, кои не се плашат да постават стремеж, но и да признаат пораз, притоа извлекувајќи ја најдобрата верзија од себе, без разлика колку пот и болка биле вложени при таквиот чекор.
За сестраните и елоквентни, елегантни и класични, овој дневник ќе ви помогне да се рециклирате со помош на позитивни мантри и безбедни насоки, да се обликувате самите себеси во оригами од цврста хартија.
Ве предизвикувам да се предадете, но само на страниците, кои ќе бидат ваш гуру, да ги отфрлите негативните сугестии, да влезете во унија со себството, да го откопате вашето суштинско значење, затоа што најмоќните вредности се често скриени и исплашено растат во сенката на слабостите.
Степенувајте го духовното, oдвојувајќи се од коренот кој ве правел просечни.
Бидете личен тренер на вашето ментално здравје.
Пишувајте и слушајте ги 2Д зборовите кои ќе ги голтате и така, повеќедимензионални, ќе оживуваат во вашата глава.
Секој има свое место под сонцето и предодреден е да крстосува по траекторија која сам ќе ја обележи. Брзината на движење и изминатиот пат, исто така зависат од нас. Равенката не се решава без претходно зададени координати.
Книгата е годишно патување низ границите на внатрешноста, со чија помош ќе го прекроите веќе постоечкото. За постигнување на најдобар ефект, овој автопилот за развој, се чита од седмица до седмица. Целта на книгата е да се извежба трпението, како една од главните нишки на кои поучува содржината, но и прифаќање на „јас“ со кое ќе бидеме задоволни и хармонични. Во малата енциклопедија на ментална моќ, ќе се сретнете и соочите со најтемниот момент од последната година и истиот ќе го преточите во хаику, ќе научите како да направите мини интерпретација на сон, да ги пренасочите недостатоците во доблести и низ годината да подигате стебло на здрава комуникација доколку сакате да одмарате под убава и бујна крошна.
Како најлесно „јас“ да стане „ти“? Зарем не се восхитуваме повеќе на туѓото, отколку на своето? Земете ги иглите в раце и започнете да плетите. Со правилно врзување на конците двата краја своевремено ќе се спојат.
…Животот е континуирана психотерапија...