4. февруари - светски ден на борба против ракот!
Напис на Д-р Лилјана Ацева-Андонова, идеен творец на rak.mk и главен менаџер на САМОСВЕСТ
Малигните зболувања се втори по честота заболувања кај човекот, веднаш по кардиоваскуларните. Честотата на малигните заболувања од година во година се зголемува и се очекува во блиска иднина тие да избијат на прво место.
Ракот е епидемија на нашето време или како што многу го нарекуваат - Болест на цивилизацијата. Секоја година во светот заболуваат над 12 милиони луѓе од некој вид на рак и 7.6 милиони умираат како последица на болеста. Во Македонија, секоја година се откриваат околу 6000 нови случаи на заболени од рак. Овие бројки се навистина застрашувачки и алармантни.
Што е добрата вест?
Eкспертите од Меѓународната унија против ракот и од СЗО нагласуваат дека приближно 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и тоа со едноставни, но ефикасни превентивни мерки или чекори – со промена на животните навики.
Ризикот од развој на рак може значително да го намалиме преку следниве едноставни превентивни мерки:
- Престанок на пушење и избегнување на пасивно пушење!
- Ограничена консумацијата на алкохол!
- Секојдневна физичка активност!
- Јадење здрава храна!
- Одржување нормална телесна тежина!
- Избегнување прекумерна изложеност на сонце!
- Заштита од инфекции кои предизвикуваат рак!
Пушење и изложеност на пасивно пушење
Пушењето е главна причина за рак на бели дробови. Се проценува дека тутуновиот дим, било да е внесен активно - преку пушење или пасивно - преку престојување во простории каде се пуши, е причина за 90% од смртните случаи од рак на бели дробови. Пушачите заболуваат од рак на бели дробови 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.
Пушењето е причина за развој на голем број други видови на рак, вклучувајќи го ракот на грлото, устата, носната шуплина, хранопроводот, желудникот, панкреасот, бубрезите, мочниот меур, грлото на матката, и акутната миелоидна леукемија.
Престанокот на пушењето и избегнувањето на пасивното пушење се ефикасни превентивни мерки за ракот.
Консумирање на алкохол
Консумирањето на алкохолот го зголемува ризикот за многу видови на рак. 3,6% од сите случаи на рак и 3,5% од смртните случаи од рак во светот се предизвикани од консумацијата на алкохол. Алкохолот го зголемува ризикот за рак на дојка, уста, грло, хранопроводник, дебело црево, црн дроб, простата и јајчник.
Прекумерно консумирање на алкохол значи дневно консумирање на повеќе од два алкохолни пијалока за мажите и едно за жените (чаша вино, пола литро пиво или 0,3 dcl јак алкохол).
Ограниченото консумирање на алкохол е ефикасна превентивна мерка за многу видови на рак.
Физичка активност
Се проценува дека физичката неактивност е главна причина за околу една четвртина од сите случаи на рак на дојка и рак на дебело црево на глобално ниво. Постојат убедливи докази дека практикувањето на секојдневна физичка активост го намалува ризикот од рак на дојка и дебело црево. Овие позитивни ефекти се јавуваат независно од телесната тежина.
Практикување од најмалку 30 минути умерена до интензивна физичка активност, 5 дена во неделата, го намалува ризикот за овие малигноми кај возрасните. За зачувување на здравјето на децата од школска возраст се препорачува најмалу 60 минути умерена до интензивна физичка активност секој ден.
Здрава исхрана
Научниците ја докажале врската помеѓу исхраната и ризикот од одредени видови на карциноми. Истражувањата покажуваат дека секоја дневна порција (80-100 грама) на овошје и зеленчук го намалува ризикот од рак на уста за околу 20%, од рак на желудник за околу 30%.
Високиот внес на растителни влакна (во просек од 27 грама/дневно) е поврзан со 20% помал ризик од рак на дебело црево, додека консумирањето на црвено месо, месни производи, големи количини на сол и конзервирана храна го зголемува ризикот од рак на дебело црево и желудник.
За намалување на ризикот од рак научниците препорачувааат да се консумираат најмалку 5 порции овошје и зеленчук дневно, да се ограничи внесот на црвено месо и месни производи, како и другата храна богата со животински масти.
Здрава телесна тежина
Постојат убедливи докази дека прекумерната тежина или дебелината (индекс на телесна маса над 25 и 30) го зголемуваат ризикот за рак на матка, бубрег, хранопроводник, желудник, дебело црево, дојка (кај постменопаузалните жени), простата, жолчно кесе и панкреас.
Одржувањето на здравата телесна тежина, преку соодветни физички активности и здрава исхрана, може да го намали ризикот од рак.
Изложеност на ултравиолетово зрачење
За да го зачуваме физичкото и психичкото здравје потребна ни е умерена количина на сончеви зраци. Мала количина на сончево зрачење е неопходна за синтеза на витаминот Д во телото, со што се подобрува апсорпсијата на калциумот од храната, кој е неопходен минерал за градбата на коските.
Но, прекумерното и неконтролираното изложување на сончевите зраци и на другите извори на ултравиолетово зрачење (лампи за сончање, солариуми) го зголемуваат ризикот од развој на сите видови на кожни карциноми. УВ зраци предизвикуваат мутација на гените и развој на меланом, најопасниот рак на кожата.
Избегнување на прекумерно сончање, солариуми и други извори на УВ зраци, употреба на заштитни креми и облека се ефикасни превентивни мерки за сите видови на кожни карциноми.
Инфекции
Иако ракот не е инфективно заболување, сепак многу инфекции можат или директно да предизвикаат рак или да го зголемат ризикот за развој на рак. Речиси 22% од смртните случаи од рак во земјите во развој и 6% од смртните случаи од рак во развиените земји се предизвикани од хронични инфекции. Тука се вбројуваат хроничните инфекции предизвикани од вирусот на хепатитот Б или Ц, кои предизвикуваат рак на црниот дроб, инфекциите со хуманиот папилома вирус, кој предизвикува рак на грлото на матката, како и инфекцијата со бактеријата Helicobacter pylori, која ја нарекуваат чест но опасен потстанар на желудникот, а која го зголемува ризикот од рак на желудник.
Заштитата од инфекциите кои предизвикуваат рак (промена на животните навики и вакцинација), нивното рано откривање и навремено лекување се навистина ефикасни мерки за превенција на карциномите кои тие ги предизвикуваат.